Инциденти на собирот против пензиската реформа во Париз, уапсени повеќе од 80 лица

од Vladimir Zorba

Во Франција, 123 полицајци и жандарми беа повредени за време на протестите за пензиските реформи, а повеќе од 80 лица беа приведени, изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен.

Тој ги оцени инцидентите како неприфатливи и рече дека во текот на вечерта ќе го посети седиштето на париската полиција. Тој додаде дека инцидентите продолжиле во француската престолнина и по завршувањето на протестите.

Како што пренесуваат француските медиуми, инциденти имало и во други градови, Руан, Рен, Тулуз и Нант, каде биле кршени излози, додека во Лориен демонстрантите, претежно млади, ги искршиле стаклата на полициската станица.

Трговец во Стразбур изјави дека денешните протести се со зголемени тензии и дека повеќе полицајци се видливи на улица.

Пред тргнувањето на поворката во Париз, претседателите на синдикатите кои од јануари организираат протести повикаа на избегнување на насилство.

Сметаат дека францускиот претседател Емануел Макрон е одговорен за зголемената тензија по неговото интервју во средата кога рече дека пензиската реформа ќе биде спроведена до крајот на годинава.

Синдикатите потсетија и дека претходно испратиле писмо до Макрон за да сигнализираат дека „ситуацијата е експлозивна“ во земјата.

И покрај тоа, тие повикаа на нови протести во вторник.

Според полицијата денеска се собрале 1,08 милиони луѓе, а синдикатот бројката ја проценува на 3,5 милиони.

Граѓаните и дел од опозицијата се незадоволни од реформата со која, меѓу другото, се предвидува поместување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Незадоволството дополнително се зголеми бидејќи владата ја усвои реформата без гласање во парламентот користејќи го уставното право да го стори тоа.

Слични содржини