Индија: Уапсени повеќе од 2.000 мажи поради организирање детски бракови

од Vladimir Zorba

Индиската полиција во североисточната држава Асам уапсила повеќе од 2.000 мажи поради организирање и спроведување нелегални детски бракови, соопштија денеска претставници на оваа индиска држава.

Главни жртви на овие нелегални бракови се девојчињата помлади од 18 години, пренесе АП.

„Досега уапсивме 2.169 мажи врз основа на 4.074 регистрирани полициски случаи во кои се вклучени вкупно околу 8.000 мажи“, рече началникот на државната полиција на Асам, Јанендра Пратап Синг.

Синг додаде дека меѓу уапсените има повеќе од 50 хинду и муслимански свештеници, на кои им е одземена слободата поради наводно организирање бракови со малолетни девојчиња во сојузната држава Асам.

Многу детски бракови во Асам, држава со 35 милиони жители, воопшто не се пријавени. Сиромаштијата, недостатокот на образование, како и општествените норми и практики, особено во руралните области на Индија, се главните причини за нелегални бракови низ целата земја.

Според законот, мажите во Индија можат да стапат во брак по нивниот 21 роденден, а жените на 18 години. Парламентот на Индија разгледува законски предлог за поместување на старосната граница за жените на 21 година заради родовата еднаквост.

Слични содржини