Индија има намера да ги забрани приватните криптовалути

од Vladimir Zorba

Индија е подготвена да го продолжи својот план за забрана на повеќето криптовалути во земјата според долгоочекуваниот нов предлог-закон. Забраната ќе важи за сите приватни криптовалути, со некои исклучоци.

Според владиниот билтен, забраната е дел од предложениот предлог-закон за криптовалути и регулирање на официјалната дигитална валута, која ќе биде воведена наскоро, објави BBC. Новото правило има за цел „да создаде рамка за олеснување за создавање на официјалната дигитална валута издадена од Резервите на Банката на Индија (RBI)“.

Во последниве месеци, се шпекулираше дека владата би можела да го омекне својот став кон криптовалутите, претпоставувајќи дека ќе се обиде да ги регулира како средства.

Одлуката на Индија негативно се одрази на пазарната вредност на повеќето криптовалути. Сепак, Глен Гудман, автор на The Crypto Trader, изјави за World Business Report на BBC дека глобалното влијание е „релативно мало“.

„Дури и кога Кина одлучи да ги забрани криптовалутите – и тоа беше навистина голем настан – тоа не ги уништи целосно крипто-пазарите“, рече Гудман.

Според видео-извештајот на локалната новинска публикација India Today, тргувањето со криптовалути најверојатно ќе продолжи според предложениот нацрт-закон, сè додека потрошувачите купуваат од берзи, кои исполнуваат одредени барања. Во информациите се наведува дека предлог-законот би можел да се фокусира на ограничувањето на тоа кој смее да создава криптовалути – со цел да се заштитат инвеститорите.

Според пазарните набљудувачи, владите преземаат многу различни пристапи за тоа како се справуваат со криптовалутите и каков потенцијал гледаат во нив. Некои ги гледаат како закана, други како можност, а трети – нешто измеѓу.

Значајно е тоа што владата во Ел Салвадор гради цел град за „копање“ криптовалути користејќи геотермална енергија. Во исто време, Кина сака да се ослободи од сите дигитални валути освен од својата.

Веројатно Индија сака да тргне по истиот пат, велат аналитичарите.

Слични содржини