Инфлацијата во Турција највисока во последните 24 години

од Stefanija Kuzmanovska

Годишната инфлација во Турција во септември достигна нов максимум во последните 24 години од 83,45 отсто, стои во официјалните податоци објавени денеска.

Агенцијата АП пишува дека поради ова растат цените на основните производи, а дополнително се погодени домаќинствата кои веќе имаат проблеми поради високите цени на енергијата, храната и домувањето.

Турскиот статистички институт објави дека во септември цените пораснале за 3,08 отсто во однос на претходниот месец.

Експертите велат дека инфлацијата е многу повисока од официјалната статистика, а независна група за истражување на инфлацијата денеска ја процени годишната стапка на дури 186,27 отсто, пренесува „Бета“.

Минатиот месец турската централна банка уште еднаш ги намали каматните стапки, намалувајќи ја референтната стапка на 12 отсто и покрај растот на цените и падот на лирата.

Лирата изгуби над 50 отсто од својата вредност во однос на американскиот долар откако централната банка почна да ги намалува стапките минатата година.

Руската инвазија на Украина и падот на лирата ја поттикнаа инфлацијата.

Слични содржини