Иницијатива на Османи: Да се поттикне комуникацијата со руското општество и да се здружат во спречувањето на воената агресија

од Берта Китинска

На вонредниот министерски состанок на НАТО кој се одржа на 4 март министерот за надворешни работи Бујар Османи поттикнал иницијатива за обид за комуникација со рускиот народ и нивно повикување да се здружат во осуда и спречување на воената агресија во Украина.

– Додека светот го изолира режимот политички и економски со сите свои средства, нашиот став е дека треба да се охрабрат општествата да комуницираат со руското општество и да ги повикуваат и тие да бидат дел од разумното размислување на целиот свет кој најдобро се одрази на самото гласање во генералното собрание на ОН, а тоа е да ги охрабриме универзитетите да комуницираат со универзитетите во Русија, да ги охрабриме здруженијата на лекари со оние во Русија, новинарите со новинарите, невладините организации со невладините, сите општествени сектори, бидејќи очигледно таму се води пропаганда за изолирање на општеството од тоа што се случува во Украина, нагласи Османи.

Тој вели дека оваа недела покренал и иницијатива за состанок со министрите за надворешни работи на земјите на Западен Балкан во Скопје и дека досега добил позитивен одговор од Црна Гора.

– Испратив писмо до моите колеги министри за надворешни работи на земјите на Западен Балкан со цел да бидат поканети на состанок во Скопје за да разговараме за вулнерабилноста на Западен Балкан визави оваа воена инвазија во Украина, предизвиците со кои може да се соочи регионот, можноста за бран на бегалци, подобра координација меѓу земјите, можност да комуницираме во реално време во случај на каков било предизвик кој може да се случи во регионот. Се надевам дека шесте земји ќе можеме да го органзиираме овој состанок што побрзо во Скопје, рече Османи додавајќи дека веќе имаме позитивен одговор од Црна Гора.

Слични содржини