Иницијатива за распишување на референдум има прилично правни аномалии, вели Тупанчески

од Берта Китинска

Иницијатива за распишување на референдум има прилично правни аномалии, недостатоци што ја прават недоволно добра од правен аспект за постигнување на една замислена цел, потенцијална, каква и да е, изјави денеска министерот за правда Никола Тупанчески.

Пред поднесување на иницијативата, вели, министерот, требало да се земат предвид одредбите од Уставот, законот за референдум и собранискиот Деловник.

Тој потсети дека единствени надлежни во државата и во меѓународното право за склучување и потпишување меѓународни договори се претседателот на државата и Владата на земјата што го потпишува.

„Да не заборавиме дека меѓународното право, по многу работи се разликува од националното право, во однос на комплементарноста. Ќе мора задолжително да се почитуваат обврските кои се преземени од Меѓународниот договор, а за начинот на кој може да биде раскинат сигурно е дека за тоа не е надлежно Собранието на Република Северна Македонија. Дефинитивно кога се зборува за процес на дератификација, тој никаде не е регулиран со национален пропис“, вели Тупанчески.

Според министерот за правда, нема посебна регулатива во однос на тоа како може да се раскинуваат меѓународни договори.

„Но, да го кажам моето лично правно размислување – во самите меѓународните договори кои се ратификувани, постои начин како може да се раскинат. Меѓународните договори на некој начин се сепаратно право и ја регулираат и материјата на кој начин може да бидат еднострано откажани или како да се повлече од обврските кои произлегуваат од него“, истакна министерот Тупанчески.

Слични содржини