Интензивно се работи на инфраструктурно уредување на индустриски развојни зони (ВИДЕО)

од Берта Китинска

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, заедно со заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори, Мила Царовска и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Александар Младеновски присуствуваше на увид во градежните работи во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 2 (Бунарџик).

Во изјавата за медиумите по тој повод, премиерот Спасовски истакна дека се во полн ек работите на комплетирање на инфраструктурата во зоната којашто опфаќа сообраќајници, водовод, атмосферска и фекална канализација, гасовод и улично осветлување на булеварот и на уличната мрежа.

„Се предвидува работите да бидат завршени до октомври оваа година, а инвестициската вредност на работите изнесува 107.000.000 денари. Изведувачи и надзорен орган се домашни компании“, подвлече претседателот на Владата Спасовски.

Воедно тој потенцираше дека заложбата на Владата да се изведуваат градежните работи според предвидените рокови е поттикната од определбата и во делот на новата развојна економска политика која налага и во овие услови на забавени инвестициски циклуси, да обезбедиме целосно инфраструктурно подготвени индустриски зони за брз старт на инвестициските проекти кои очекуваме да продолжат во новата реалност.

„Големи се придобивките што од ден на ден ги подобруваме условите за инвеститорите, и да потсетам дека во во ТИРЗ 2 веќе работат компаниите Ван Хол, Мурат Тиџарет, Дура Аутомотиве Системс и Гересхајмер, во оној дел во кој инфраструктурата е завршена соодветно на потребите на овие компании“, истакна премиерот Спасовски.

Тој посочи дека извозот од зоните само за 2020 година, заклучно април, изнесува 630,2 милиони денари, а увозот за истиот период изнесува 556,3 милиони денари и дека тоа се факти достојни за почит и се одраз на динамичните економски политики на земјата.

„Странските инвестиции имаат големо значење за економскиот развој на државата, а најголема придобивка од странските инвестиции е фактот што тие имплементираат нови технологии. Вработените во фабриките се високостручно обучени луѓе кои работат по истите стандарди што компаниите ги практикуваат во сите нивни производни капацитети низ светот“, подвлече премиерот Спасовски.

Слични содржини