Интернет ”од вселената” пристигнува во 2021 година?

од desk2

Компанијата OneWeb обезбеди 1,25 милијарди долари за да го забрза воспоставувањето на глобалната мрежа за супербрз широкопојасен пристап на интернет со помош на сателити.

Од OneWeb велат дека лансирањето на мрежата во 2021 година е “неизбежно”. Во февруари, оваа компанија успешно ги лансираше првите сателити способни да го овозможат сето тоа, наведува BBC.

По последната рунда на обезбедување на пари, OneWeb има вкупно 3,4 милијарди долари капитал, до кои дојдоа благодарение на инвеститорите како што се јапонскиот технолошки гиганти Softbank, Virgin Group, Coca-Cola и Qualcomm.

OneWeb вели дека благодарение на тој капитал, тие до крајот на годината ќе почнат да лансираат 30 сателити месечно, кои кога сите ќе бидат лансирани, ќе бидат распоредени така што ќе можат да овозможат интернет во целиот свет.

За да им тргне од рака, во ниската орбита околу Земјата, или на височина до 2.000 километри од површината на Земјата, ќе мора да лансираат вкупно 650 сателити – иако нивниот конечен број би можел да достигне и до 2.000.

Тоа ќе биде најголемата програма за лансирање на сателити во историјата на OneWeb, која е во конкуренција со компанијата SpaceX, која има слични планови. Овие компании сакаат да го однесат интернетот на оние делови од светот кои моментално немаат широкопојасен пристап на мрежата или кога пристапот е нерамномерен.

Американскиот претприемач за телекомуникации, Грег Вајлер, минатиот месец изјави за BBC дека неговата цел е да им помогне на луѓето во земјите во развој.

“Ако ги погледнете економиите во развој каде што нема пристап до интернет или е многу ограничен, воглавно ќе видите сиромаштија”, рече Вајлер. “Проблеми со здравјето, родовата нееднаквост… сите проблеми имаат ист корен. Луѓето немаат можност да учат, да излезат од сиромаштија и да ги градат своите заедници, па затоа вмрежувањето е толку важно!”.

Слични содржини