ИНТЕРВЈУ со Димитров: Бугарија упорно не крева раце од амбицијата да нѐ направи втора бугарска држава, навредувајќи ги Македонците дека се историска грешка

од Vladimir Zorba

Бугарската официјална политика упорно не крева раце од амбицијата да не’ направи втора бугарска држава, навредувајќи ги Македонците дека се вештачки создадени, дека се историска грешка. Како и Путин за Украинците. Софија срамно си дозволи црно на бело и среде Брисел да напише дека не го признава постоењето на македонскиот јазик кој за неа е вештачки и посиромашен дијалект на бугарскиот јазик. И ако една ваква политика ја нарекуваме пријателска, игнорирајќи ја реалноста и сопственото достоинство, се разбира дека народот се лути, вели во интервју за Локално Никола Димитров, поранешен министер за надворешни работи на С.Македонија и екс вицепремиер задолжен за евроинтеграции.

Нема пријателство, вели тој, без заемна почит и грижа за тоа што му е важно на другиот.

-Кога ве напаѓаат молчењето не може да биде мудрост, може да биде само немоќ и сервилност во надеж дека напаѓачот ќе се смилува, дециден е Димитров.

На прашањето доколку хипотетички има можност да гласа во Собранието за внесување на Бугарите во Уставот, како би гласал, поранешниот МНР на земјава истакнува дека не би гласал без претходно да се направат сите можни и, според него, нужни подобрувања.

– Или да – веднаш би гласал ако ја повлечат Декларацијата доставена во Брисел за негирање на македонскиот јазик написмено и политиката на негирање во суштина, додава на темата Димитров.

Смета дека датумот за членство до 2030 година во ЕУ, поставен од премиерот Ковачевски и вицепремиерот Маричиќ „нема допир со реалноста“.

– Не само што нема брз воз кон Брисел што божем сме го фатиле во последен момент, туку автобусот кон ЕУ засега воопшто нема тркала. Прво, во ЕУ денес не само што нема консензус за оваа временска рамка (словенечкото претседателство се обиде и не успеа да ја вметне 2030 година во завршниот документ на Самитот што го организираа), туку не е јасно дали воопшто ќе има политичка волја за прием на нови членки без претходни внатрешни реформи во Унијата, вели поранешниот вицепремиер во интервјуто.

Се случија многу работи во поглед на надворешната политика откако бевте сменет од позицијата МНР на С.Македонија. Како накратко би ја оцениле политиката која се води во изминатиов период од страна на вашиот наследник Османи? Дали, според вас, се движи во „вистинска насока“?

-Актуелната надворешна политика се движи во добра насока во однос на руската инвазија врз Украина. Целосното застанување зад заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ го направивме во вистинскиот геополитички момент. Но, тука за жал завршува мојата позитивна оценка.

На прашањето на бугарското вето и деблокирањето на нашите евроинтеграции, нешто што го наметна како итна потреба токму геополитичкиот момент со војната во Украина и кандидатскиот статус за Киев и Молдавија, актуелната влада како да работеше на сопствената и на штета на државата.

За само неколку месеци од огромна поддршка и целосно разбирање за нашите позиции меѓу земјите членки, кои цврсто се потпираа токму на европските принципи, дојдоа до предлог што премина неколку црвени линии кои не само што беа наши, туку беа црвени линии и на многу членки, како што беше мотото – за историски и идентитетски прашања нема место во пристапниот процес, тоа би било пандорина кутија за проширувањето.

Сетете се на блокирањето на заклучоците од страна на Чешка и Словачка токму поради внесувањето на историјата, тоа беше можно само со борба и вистинска презентација на нашите позиции.

Владата понатаму прифати и нов услов без претходно да обезбеди двотретинско мнозинство во Собранието за да ја завршиме фазата на отворање на преговорите, нешто што го држевме како можност единствено на крајот од преговорите – промена на Уставот – без за возврат да добиеме гаранции дека Бугарија нема повторно на блокира. Излезе дека залудно изгубивме три години бранење на македонските интереси, за на крај да се предадеме. Па ако беше за вака, ова решение беше можно и веднаш, уште во 2019 бидејќи ваква шанса за победа Бугарија ќе зграпчеше уште на самиот почеток.

Но, проблемот со небалансирани решенија меѓу соседи е токму во фактот што тие не смируваат туку ги разгоруваат односите. Видете денес што се случува, нема еден сериозен аналитичар кој нема да заклучи дека после „големиот компромис со Бугарија“ односите меѓу двете земји ни се на најниско можно ниво и споредете ја оваа ситуација на пример со односите со соседна Грција пред и по Преспанскиот договор.

Трета тема е кадровската политика во МНР каде меритократијата и критериумите ги замени клиентелизмот меѓу другото персонифициран и во случајот со медиумски популарниот случај на несудената генерална конзулка која беше преземена од друга институција.

Една од неговите изјави која наиде на голем револт кај граѓаните е дека отворањето на клубот во Благоевград не е од корист на Македонците во Бугарија, исто како што клубовите во Охрид и Битола не се од интерес на Бугарите. Сите видовме како европратеникот Џамбаски се однесуваше дента на отворањето на „Никола Вапцаров“, па како вие гледате на отворањето на овие клубови, дали ова е чекор назад во однос на евроинтеграциите, колку и тоа чудно да звучи?

-Ќе повторам – споредете го ефектот меѓу Преспанскиот договор и „решението“ со Бугарија на односите со овие соседни земји. Преспа беше тежок, но вистински компромис за двете земји; односите се смирени, спорот е затворен. Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик и тоа Грција го прифати, како што ние прифативме дека нашата Македонија е дел од поголем регион и официјално се нарекува Република Северна Македонија. Мислам дека и противниците на договорот од двете страни на границата чувствуваат дека односите се смирени, проблемите во голема мера се зад нас.

А сега погледнете кон односите со Бугарија. Граѓаните се навредени. Бугарската официјална политика упорно не крева раце од амбицијата да не’ направи втора бугарска држава, навредувајќи ги Македонците дека се вештачки создадени, дека се историска грешка. Како и Путин за Украинците. Софија срамно си дозволи црно на бело и среде Брисел да напише дека не го признава постоењето на македонскиот јазик кој за неа е вештачки и посиромашен дијалект на бугарскиот јазик. И ако една ваква политика ја нарекуваме пријателска, игнорирајќи ја реалноста и сопственото достоинство, се разбира дека народот се лути.

Нема пријателство без заемна почит и грижа за тоа што му е важно на другиот. Кога ве напаѓаат молчењето не може да биде мудрост, може да биде само немоќ и сервилност во надеж дека напаѓачот ќе се смилува.

Внимавајте, се бара од нас да ги внесеме Бугарите во Уставот (3504 македонски граѓани според пописот), а притоа Бугарија не е подготвена да ја прифати реалноста – македонски народ. Не само што не ги прифаќа Македонците во Бугарија, туку ниту Македонците во Македонија. Не што не го признава нашето малцинство таму, туку не го признава нашето мнозинство тука. Целата приказна со културните центри ја отсликува оваа каша и овој огромен дисбаланс. Проблемот не само што не е решен, и тоа е неспорен факт, туку сега е и заострен и измешан со европскиот процес. Да ги прашам вашите читатели, дали повеќе внимание посветивте на Извештајот на Комисијата за реформите или на бугарскиот културен центар во Охрид? Епа во тоа ќе се претвори процесот на преговори кој нормално би бил за реформи и за европеизација дома.

Каква разврска очекувате од драмата наречена „Скопје-Софија“? Ќе дочекаме ли уште едно вето и нови условувања? Владата како да го заострува наративот кога се работи за нашиот источен сосед…

-Во пакетот што помина нема никакви гаранции дека Бугарија нема повторно да условува во поблиска или во подалечна иднина. Напротив, ако Софија не е задоволна од работата на историчарите има реченици во преговарачката рамка и во вториот билатерален протокол што сега е поврзан со фазите во пристапниот процес на кои може да се повикува при следните блокади.

Владата еднаш ја нареков туѓа, бидејќи вложија повеќе од тоа што имаа, ги направија сите можни концесии, за да ја почнеме фазата на отворањето, но го избербатија пристапниот процес заборавајќи дека нашата цел мора да биде тој да биде функционален и да води кон остварливо членство во ЕУ. Ние сакаме да се зачлениме во ЕУ или да ги почнеме преговорите? Практично, не само што не го решија вистински проблемот со Бугарија, туку дозволија таа мака да се легитимира, измеша и развлече низ пристапниот процес, како што всушност во една прилика објасни и самиот Петков, тогаш уште како премиер.

Бугарската политика си има зададено невозможна цел – да не’ убеди нас Македонците дека сме заблудени во однос на нашиот македонски идентитет. За тоа да го стори, ја користи својата предност и сила како земја членка на ЕУ. Бидејќи оваа цел е невозможна, да не зборувам колку е антиевропска и антицивилизациска, еден историски ден, Софија ќе ја прифати реалноста и ќе се соочи со нашето право на самоопределување.

Паралелно со тоа растење, ќе растеме и ние и без страв ќе се соочиме и со оние моменти од нашата историја со кои се уште се немаме целосно соочено, како што впрочем тоа го нема направено и бугарската историографија која со јазикот на светски познатата бугарска историчарка Марија Тодорова e “романтична и митолошка”, мислење од едно друго време што поминало. Токму затоа, клучно е нашите стратегии да ги насочиме во оваа насока, а дома вистински да се посветиме на реформите за да држиме чекор таму каде што е најважно. За тоа да го направиме, Владата треба да престане да се однесува како ној со главата во песок.

До ден денес и Ковачевски и Османи упорно негираат дека пеглањето на историјата по бугарски терк ја направија европски услов, дрско потценувајќи ја интелигенцијата на граѓанството за кое изгледа мислат дека не ги чита документите и не слуша што велат сите еминентни европски познавачи на процесот, сосе австриската министерска за европски прашања, Едштадлер која не само што најотворено призна дека се внесени историските прашања во процесот на преговори, туку и порача ова да не се повтори веќе никогаш со ниедна друга земја.

Доколку денеска, хипотетички, треба да го дадете својот глас во Собранието за влегување на Бугарите во македонскиот Устав, како би гласале?

-Ние сме мултиетничко општество. Набројување на делови од други народи на кои им припаѓаат наши сограѓани само по себе не би требало да е тешко прашање. Но, не може да не гледаме дека ова барање доаѓа од сосед што го негира македонскиот народ и јазик. Затоа, на вметнувањето на Бугарите во Преамбулата може да се гледа и како на една од алатките што ќе биде употребена во функција на антиевропската амбиција на историски ревизионизам. Ќе ме изненади ако втор чекор не биде оспорување на резултатите од пописот и инсистирање на бројките на оние со двојно државјанство, па потоа правична застапеност во администрацијата врз основа на овие бројки како мотив граѓаните да изразуваат бугарска етничка припадност.

Сето ова од нас бара смиреност и градење на заеднички став и стратегија за ова прашање. Нешто што Владата требаше да го направи пред да дозволи европеизација на ова билатерално барање. Уставниот амандман е во наши раце. Тој сега со амин на сегашната влада стана услов да ја затвориме фазата на отворање на преговорите со ЕУ. Би било мудро, наместо да навиваме за што побрзо внесување на Бугарите во Преамбулата, ова да го искористиме за да поправиме што може да се поправи за патот пред нас да биде колку – толку функционален и европски.

Поконкретно, еве неколку конструктивни предлози – раната со бугарската агресија врз македонскиот идентитет да се обидеме да ја залечиме со афирмативни формални позиции на третите земји членки во однос на нашето неспорно право на самоопределување и македонскиот јазик како дел од лингвистичката шареноликост на континентот и еден од официјалните јазици на ЕУ по зачленувањето. Ова ќе помогне дома, но ќе помогне и во Софија, за конечно да се надмине невозможната цел за која зборував. Тоа ќе помогне и во ЕУ за да се обесхрабрат и други агенди на националистички ревизионизам што се многу опасни, особено за регионот.

Понатаму, ако веќе се направи тоа што многу земји членки и високи ЕУ претставници го нарекуваа Пандорина кутија, додека дома нè лажеа оти немало вметнување на историски прашања во пристапниот процес, ајде да видиме како да ја ограничиме штетата. Сакала тоа владата дома да го признае или не, и од комисијата за историја ќе зависи динамиката на пристапниот процес со ЕУ. Ако е така, а така е, ако билатералното прашање дозволија да стане европско, тогаш да го направиме и форматот да стане европски наместо билатерален. Да внесеме европско искуство и експерти во собата на историчарите. Тоа ќе ја рационализира и подобри атмосферата за работа.

Ако пак сакаме правни гаранции, можеме да разговараме и за усвојување на амандманот со одложено влегување во сила врзано со денот на зачленување во Унијата. Можеби тоа е начин како да се обединиме и конечно да застанеме заедно. Да одговорам и директно, не би гласал без претходно да се направат сите можни и според мене нужни подобрувања, или да – веднаш би гласал ако ја повлечат Декларацијата доставена во Брисел за негирање на македонскиот јазик написмено и политиката на негирање во суштина.

Ковачевски и Маричиќ оптимистички најавуваат членство во ЕУ до 2030-та. Реални ли се овие очекувања? Дали војната во Украина го „помести“ овој датум и колку, по ваше мислење, ЕУ го сфати гео-политичкото значење на Западен Балкан?

-По прифаќањето на предлогот летово Владата нема друг избор освен да нуди розово сценарио, но тоа нема допир со реалноста. Не само што нема брз воз кон Брисел што божем сме го фатиле во последен момент, туку автобусот кон ЕУ засега воопшто нема тркала. Прво, во ЕУ денес не само што нема консензус за оваа временска рамка (словенечкото претседателство се обиде и не успеа да ја вметне 2030 година во завршниот документ на Самитот што го организираа), туку не е јасно дали воопшто ќе има политичка волја за прием на нови членки без претходни внатрешни реформи во Унијата. Макрон за ова јавно предупредува веќе со години.

Војната во Украина и воопшто гео-политичката ситуација на континентот го зголемија значењето на регионот што е добро, но тоа се уште не се пресликува доволно врз политиката на проширувањето. Токму затоа нашироко се дебатира за различни модели како повторно да живне пристапниот процес. Меѓу другото, и преку воведување на квалификувано мнозинство наместо консензус за текот на пристапниот процес.

Второ, без целосен пресврт на бугарската политика кон Македонија, пред нас се едно чудо уцени и блокади на патот кон ЕУ. Ако Бугарија остане на барањето сите учебници по историја да бидат претходно испеглани како услов за членството, да споменам само еден од многуте ризици, како што е напишано во вториот билатерален протокол, тогаш нема човек што може да предвиди колку ќе трае агонијата и дали воопшто ќе заврши, ако остане принципот на консензус.

Трето, и веројатно најважно, крупните чекори кон ЕУ треба да се прават дома, преку битка против партизацијата, корупцијата и организираниот криминал, преку ред, систем и владеењето на правото, ефикасна администрација на способни, чисти реки и заштитена животна средина, независни судии и ревносни обвинители. Малку тежат и најгласните зборови за европските интеграции, мавтањето со знамето на ЕУ, ако изостануваат реформите во реалноста. Пристапниот процес не е магично стапче што ќе ни ја среди државата. Тој може да биде од огромна помош, но работата ќе ја завршиме само ние и никој друг. Ако сакаме да не’ биде. За мене, поголем проблем од дебаклот со Бугарија на оваа влада е враќањето кон старите „политики“ на партии дуќани што не’ водат назад во лошиот круг.

Се рестартира и Берлински процес, па, според вас, кој треба да биде изборот на С. Македонија – Отворен Балкан или Берлински процес? Дел од западните медиуми знаат да кажат дека на „ОБ“ му „кумувала“ Русија преку Белград…

-Регионалната соработка била и ќе биде исклучително важна за сите земји од регионот, особено во областа на економијата и слободниот проток на граѓаните, добрата, капиталот и услугите. Секоја иницијатива во таа насока е позитивна, но таа треба да ги вклучува сите држави од регионот и да обезбедува инклузивност и рамноправност.

Берлинскиот процес деновиве имаше значаен пробив кон создавање заеднички пазар преку трите потпишани договори за мобилност овозможувајќи слобода на движење со лични карти, признавање на универзитетски дипломи и на професионални квалификации во медицината, дентологијата и архитектурата. Има преклопувања меѓу двете платформи за соработка, но и разлики. За разлика од Отворениот Балкан, Берлинскиот процес ги вклучува сите земји од регионот, а во него учествуваат и дел од земјите членки на ЕУ и Европската комисија. Беше создаден на иницијатива на Берлин, а Отворениот Балкан беше инициран од дел од земјите во регионот.

Мислам дека клучната предност на Берлинскиот процес е во инклузивноста бидејќи реално не можеме да зборуваме за регионална соработка ако во регионот има дупки на мапата. Конечно, регионалниот заеднички пазар е добра прва станица, но вклучувањето во единствениот европски пазар ќе ги донесе најголемите придобивки за граѓаните и за економиите на Западниот Балкан и кон тоа треба да се стремиме.

Дијалогот „Белград-Приштина“ дише на „шкрги“ откако на чело е премиерот Курти и има се потврди ставови кои донесоа на неколку наврати тензии. Вучиќ од друга страна како да ја подготвува Србија за „тешки одлуки“ кои ќе мора да ги донесе. Што очекувате од оваа важна регионална тема, дали очекувате взаемно признавање на земјите и како тоа ќе влијае на соработката и безбедноста на Балканот?

-Неодамна на оваа тема бев на панел во Белград каде учествуваа и вицепремиерот на Косово, Бислими и американскиот амбасадор Хил. Иако има сигнали дека обидите за решение на овој проблем се засилија, преку Брисел, Вашингтон, но и Париз и Берлин, за жал се чини дека не сме блиску до решение. Деновиве Србите од северот на Косово ги напуштија косовските институции, барајќи отповикување на одлуката за регистарските таблички и формирање на Асоцијацијата на општини. Упатените предупредуваат на зголемени безбедносни ризици. Еден ден проблемот ќе се реши, со трпение и меѓусебна доверба, што ќе биде исклучителна вест и огромен чекор напред за сите во регионот. Би помогнало и доколку европската перспектива стане кредибилна и реална, како дополнителен мотив за изнаоѓање решение, бидејќи лекциите од неисполнетите ветувања кон Македонија ги научија сите во регионот, освен можеби самите ние.

Колку С. Македонија е имуна од надворешни влијанија и конкретно – колку руското влијание претставува ризик за земјава?

-Северна Македонија има јасна геополитичка визија и прецизно ориентиран прозападен курс и консензусот за тоа меѓу граѓаните е неспорен. Надворешните влијанија е невозможно да се избегнат, особено во време на зовриена светска политичка сцена, но не гледам опасност од промена на нашиот правец. Се разбира, ова не значи дека имаме луксуз да бидеме невнимателни и подзаспани.

Идејата да се изгради македонското општество во една силна европска демократија нема да ја напуштиме, но треба да сме свесни дека, меѓу другото – најдобар одговор и на ваквите влијанија е фокус на реформите дома, базирани на вредностите на демократијата, слободата и слободната мисла и функционалните државни институции. Тука е нашата слабост и затоа често велам дека европскиот и прозападен курс добро е што е константа, но тој не смее да биде само декларативен – туку суштински. Западот не е само една од страните на светот туку систем на вредности и принципи.

В.З.
Д.Ј.

Слични содржини