Интервју со ДУПЕР: За младите како нас би рекле да си останат доволно тврдоглави за своето, за да не се изгубат со трендовите

од Stefanija Kuzmanovska

Македонската музика постојано ќе има простор за уште артисти, но секое ново име, без разлика дали ни се допаѓа или не, е чекор напред за подобрување на моменталната ситуација, велат во интервју за „Локално“ Борис Какуринов и Илчо Нечовски од групата ДУПЕР.

„За младите како нас би рекле да си останат доволно тврдоглави за своето, со цел да не се изгубат со трендовите, но и доволно љубопитни за постојано да истражуваат и експериментираат со нови стилови“, наведоа тие.

Открија дека празниците ќе ги поминат во домашна атмосфера со најблиските, а за претстојната 2023 година порачаа „повеќе задоволства и помалку нервози“.

Како ќе ги поминете претстојните празници?

– Празниците ќе ги пројдеме во домашна атмосфера со најблиските и барем со неколку изгледани филмови и серии.

Пред неколку дена ја објавивте новата песна насловена „дадада“ и спотот за истата. Траеше ли долго подготовката на овој аранжман? Каква беше атмосферата на снимањето на спотот?

– Песната како идеја започна некаде во март, па оттогаш неактивно си ја допишуваме, доснимуваме и менуваме. Тоа што е најважно е дека сега се чувствувавме сигурни дека звучи баш како што ја замислувавме. Видео спотот од друга страна се снимаше само 2 дена, а се организираше околу еден месец. За наша среќа, се опркужуваме со луѓе кои работат со ентузијазам и љубов, па затоа и сѐ одеше така лесно. Во оваа прилика сакаме и да им се заблагодариме на Трифун Ситниковски (режија и монтажа), Сергеј Сарчевски (директор на фотографија и колорист), Михаил Савески (асистент на камера) и Соња Патлиџанковска (главна улога).

Покрај оваа песна, дали можеме да очекуваме нов проект во блиска иднина?

– Веќе се работи на спотот за следната песна, така што одговорот е „да“.

Која од вашите песни ви буди најмногу емоции додека ја изведувате?

– Не може да кажеме дека буди најмногу емоции, ама двајцата се согласуваме дека „Тело за на ТВ“ секогаш звучи одлично во живо.

Со кого од македонската музичка сцена би сакале да снимите дует?

– Не би издвоиле еден во моментот, но како и досега, отворени сме за соработки.

Како ја оценувате актуелната македонска музичка сцена? Што мислите за младите артисти кои се појавуваат во се поголем број? Дали можеби имате некаков совет за нив?

– Македонската музика постојано ќе има простор за уште артисти, но секое ново име, без разлика дали ни се допаѓа или не, е чекор напред за подобрување на моменталната ситуација. За младите како нас би рекле да си останат доволно тврдоглави за своето, со цел да не се изгубат со трендовите, но и доволно љубопитни за постојано да истражуваат и експериментираат со нови стилови.

Што ќе им порачате на читателите за претстојната 2023 година?

– Повеќе задоволства и помалку нервози.

С.К.

Слични содржини