Интервју со Лазовски: Борбата со корупцијата не се води со ниски даноци

од Radmila Tasevska

Коментирајќи го минималниот пад на инфлацијата, даночниот експерт, Славко Лазовски фокусот го става на тесната, меѓусебна поврзаност меѓу висината на стапката на инфлација и даночниот систем. Во нашиот случај, не ни е во корист и тоа како последица на дел од решенијата во даночното уредување. Го посочува фактот дека инфлацијата ги погодува значително повеќе недоволно даночно уредените земји, но и дека во земјите со засилено оданочување, таа е значително пониска. Токму овој податок тој го користи како еден од аргументите во прилог на потребата од воведување солидарен данок кој е како што вели „ситно каменче“ во процесот на засиленото оданочување. Според него, борбата против корупцијата не се води со ниски даноци, ниту пак борбата против криминалот и нечесното однесување.

„Зошто нашите деца бегаат во земји со засилено оданочување? Зошто Р. Словенија нема намалување на бројот на населението? Ако е толку убаво да се живее во земји со ниски даноци зошто имаме масовно иселување?“, вели Лазовски за „Локално“.

Потсетува дека бизнисмените знаат дека компаниите од земјите со повисоки даноци се поконкурентни од компаниите во земјите со ниски даноци, односно дека тие сакаат да доаѓаат од земја со засилено оданочување, иако е легитимно нивното спротивставување на секое зголемување на секој вид данок или воведување на нов.

„Од засиленото оданочување најголем бенефит имаат токму компаниите, се разбира не на кус рок. Оданочувањето не е само одземање на доход, туку одземање и негово распоредување на многу поголем број субјекти на кои им се создаваат можности за остварување на многу поголеми доходи, кои во поголем обем се „враќаат“ во компаниите од кои е одземен.“, посочува Лазовски.

Како потврда на своето гледиште укажува на проценката дека доколку доследно ја применувавме политиката на засилено оданочување од самиот почеток на независноста, според ова мерење, сегашниот Буџет би изнесувал околу 15 милијарди евра, а БДП меѓу 30 и 40 милијарди евра. Секако, посакуваните ефекти се невозможни без контрола на расходите.

„Зар некој да плаќа поголем данок, а друг да има повеќе да украде? Не е така. Со растење на фискалниот товар расте и фискалната одговорност“, вели Лазоски.

Дали со воведувањето на солидарниот данок, државата демонстрира политика на засилено оданочување наспроти неизвесност за компаниите?

-Не дали, туку Македонија мора да го отпочне процесот на засилено оданочување. Солидарниот данок е ситно каменче во тој процес. Не од утре и не нагло, но ориентацијата мора да биде јасна и недвосмислена. Впрочем, каде треба да стигнеме во 2030 г. или нешто подоцна? Во ЕУ – во клубот на земји со силно оданочување. Напоредно со растењето на фискалниот товар, ќе растат и одговорностите во трошењето на собраните даночни приходи. Борбата против корупцијата не се води со ниски даноци, ниту борбата против криминалот, против нечесното однесување. Подигање на квалитетот на живеење се постигнува со засилено оданочување, колку и да изгледа тоа несфатливо, па и апсурдно. Засиленото оданочување доведува до пораст на општото ниво на култура во заедницата, која од своја страна придонесува во секој работен процес да се внесува повеќе знаење, повеќе размислувања, со помал физички напор, со заштеда на време, а тоа значи се подига општествената продуктивност. Некој одамна напишал дека даноците ја одржуваат цивилизацијата во живот, а колку е убаво да се живее во цивилизирано општество.

Зошто нашите деца бегаат во земји со засилено оданочување? Зошто Р. Словенија нема намалување на бројот на населението? Ако е толку убаво да се живее во земји со ниски даноци зошто имаме масовно иселување?

Бизнисмените знаат дека компаниите од земјите со повисоки даноци се поконкурентни од компаниите во земјите со ниски даноци. И тие сакаат да доаѓаат од земја со засилено оданочување, иако е легитимно нивното противставување на секое зголемување на секој вид данок или воведување на нов. Од засиленото оданочување најголем бенефит имаат токму компаниите, се разбира не на кус рок. Оданочувањето не е само одземање на доход, туку одземање и негово распоредување на многу поголем број субјекти на кои им се создаваат можности за остварување на многу поголеми доходи, кои во поголем обем се „враќаат“ во компаниите од кои е одземен. Ова можеби најдобро ќе се разбере преку еден приказ, кој не е само гола претпоставка, туку се заснова на реални состојби во фискалната сфера во изминатите 33 години. Вообичаено фискалниот товар на компаниите и на граѓаните се мери со учеството на буџетските приходи во БДП. Според ова мерење, имаме за десетина индексни поени поголем фискален товар од просекот на земјите-членки во ЕУ. Има еден стар и заборавен метод на мерење на фискалниот товар, а тоа е за колку години се дуплира Буџетот? Во овој период на независност нашиот Буџет (заедно со фондовите) го дуплиравме на секои 8 до 10 години. Во светската даночната историја доминираат податоци за даноците и буџетите на Велика Британија и Франција, кога нивните економии биле на многу пониско ниво од сегашното, а дуплирањето на нивните буџети го правеле на секоја 3-та до 4-та година. Ако доследно ја применувавме политиката на засилено оданочување од самиот почеток на независноста, според ова мерење, сегашниот Буџетот требаше да биде околу 15 милијарди евра, а БДП меѓу 30 и 40 милијарди евра. Не претендирам на претерана реалност на овие пресметки, но ова е само убав приказ на тоа што значи засилено оданочување. Кога би биле овие бројки, а и зад нив реални состојби, најголеми придобивки би имале токму компаниите. Колку би било убаво тие да работат во услови на БДП скоро трипати поголем од сегашниот? Нивните економски параметри на успешност би биле далеку повисоки. Тие најбрзо и во најголем обем би зафатиле дел од овој зголемен доход.

Но што станува на страната на расходите? Зар некој да плаќа поголем данок, а друг да има повеќе да украде? Не е така. Со растење на фискалниот товар расте и фискалната одговорност. И тука на располагање се голем број на иструменти и начини на менување на состојбите на подобро.

Една друга можност што им стои на располагање на носителите на фискалната политика е намалување на трошоците на функционирањето на системите, односно намалување на овозможувачките трошоци на системите, на пр. системот на образовниот, здравствениот систем, па се до на пр. пензинскиот систем. Пензинскиот систем е најподатлив за ова укажување. Секој систем има трошоци за остварување на целта и трошоци за овозможување на таа цел, па така целта на овој систем е исплатата на пензиите, а има и т.н. овозможувачки трошоци, кои овозможуваат остварување на целта. Овде овозможувачки трошоци се многу високи, дури превисоки, бидејќи изнесуваат околу 2,5% од БДП или 25% до 30% од исплатата на пензиите. Кога се тргнува во засилено оданочување мора да се делува на намалување на овозможувачките трошоци. На тој начин прифатливост на засиленото оданочување се обезбедува со намалување на овие трошоци кај сите системи.

Засиленото оданочување значи и поголем број на субјекти кои живеат од својот труд, творат, создаваат нови вредности. Можеби ова е најголемата придобивка на засиленото оданочување.

На засиленото оданочување му се спротивставуваат со аргументот на селење на бизнисите во странство. На секој бизнис кој ќе оствари профит од над 1 милион евра и треба да му се тесни националните граници. Камо среќа и таму да е успешен и да остварува што поголем доход. Има инструменти и методи тој т.н. светски доход да се оданочи и прибере во нашиот Буџет. Единствена разлика од оданочувањето на националниот доход е таа што наметнува зголемен напор на националното даночно тело – УЈП. На местото на заминатиот субјект, доаѓа нов, кој, по правило, е поуспешен.

Засиленото оданочување има предност и во привлекувањето на странските директни инвестиции. Сосема обратна логика од сегашната фискална политика, примена во наследство. Доволно е да потсетиме: прво, Германија перманентно, со години, е со највисоки странски инвестиции во Европа. Второ, Словенија во просек има околу 9 милијарди евра странски инвестиции годишно, што е 18 пати повеќе од нашите најдобри години. И двете земји, во однос на нас, имаат презасилено оданочување.

Засиленото оданочување не само што не треба да ја заобиколи сивата економија, туку напротив, тоа е полето на неговото докажување. Оданочувањето е првиот фронт против сивата економија. Најсилното оружје е меѓународната правна помош, која дава докажано добри резултати.

Од која ставка компаниите ќе го платат солидарниот данок? Од платите или од инвестициите?

-Платите се предмет на оданочување со персоналниот и со придонесите од задолжителното социјално осигурување додека инвестициите по правило, не се оданочуваат, туку уживаат даночни поттикнувања. Даночната техника ги дефинира во моментот на случувањето, во моментот на настанувањето, на податлив начин за се одвива постапката на оданочувањето, на пр. платата како лично примање, инвестициите, како промет (пр. купување нова машина) или како инвестиционо вложување и сл.

Кај овој данок – солидарниот данок, кој можеме да го сметаме како некој подвид на данок, тој е данок на добивка, само што ќе има специфична даночна основа. Сè што не е регулирано со овој посебен закон, ќе важат правилата за оданочување со данок на добивка.

Ќе се постигне ли воопшто очекуваниот ефект?

-Ќе се постигнат секако. Колегите од Министерството за финансии сигурно тоа добро го направиле. При воведување на нова јавна давачка секогаш се оди со средното или најпесимистичкото сценарио, за да се зголеми неговата прифатливост, знаејќи дека таа е детерминирана од правилото: „секој нов данок е лош данок“. Досегашната пракса потврдува дека скоро секогаш при воведување на нова давачка, остварените даночните приходи неколку пати ја надминуваат проценката. Необично би било да се случи обратното.

Еврообврзницата и нејзиното откажување како ќе влијае на меѓународниот имиџ на земјата и како ќе се одрази на финансиски план?

-Ова ни се случува во отсуство на фискална одговорност, за која стана збор во претходниот одговор. Ако имавме донесено Закон за фискална одговорност, а тоа мораме да го сториме, без тоа нема влез во ЕУ, секое избрано и именувано лице при стапување на должност потпишува Изјава за фискална одговорност. Доколку министерот за правда при стапување на функција имаше потпишано Изјава за фискална одговор поинаку ќе се однесуваше.

Подготовките за издавање на еврообврзницата започнале значително порано, за тие подготовки согласност дала и Владата, а тоа значи сите членови на Владата знаеле или морале да знаат дека се подготвува издавање на нова обврзница. Ова пак упатува на некординирост и одговорност и на другите членови на Владата.

Се ќе заврши според она „не криви магарето од ова, не криви магарето од она“, а сметката ја плаќаат граѓаните на оваа земја.

Бележиме минимален пад на инфлацијата што е далеку од очекувањата на НБРМ за просечна годишна инфлација од 8 до 9%. Ако инфлацијата е во интерес на буџетот а не на граѓаните, очекувате ли драстични промени?

-Нема голема љубов меѓу инфлацијата и даноците, ниту како што говорат многумина дека инфлацијата е невидлив данок. Даноците не ја сакаат инфлацијата. Инфлацијата нема добри ефекти на полето на оданочувањето. Ако растат даночните приходи поради инфлацијата, растат и буџетските расходи, кои се генерирарани од даноците. Инфлацијата ја подига даночната основа, но не го засилува даночниот извор. Прифатливоста или подготвеноста за плаќање на данок во услови на средна или висока инфлација опаѓа, кај даночниот обврзник се појавува загриженост за обезбедување на доволно средства за продолжувањето на стопанската активност.

Инфлацијата ги погодува значително повеќе недоволно даночно уредените земји:

  • поради бавноста на самиот даночен систем, со инфлацијата собраните даночни приходи ја губат својата вредност и
  • поради големите трошоци на работење на даночниот систем.

Ем поголема инфлација, ем потешки последици во земјите со послаба економија. Сликата за висината на стапката на инфлацијата во различните земји, јасно покажува дека во земјите со засилено оданочување, инфлацијата е значително пониска. Тоа е уште еден бенефит од засиленото оданочување.

К.В.С.

Слични содржини