Интервју со Мојсова-Чепишевска: Афирмацијата и развојот на македонистиката во странство треба да е државен приоритет

од Mimi Spasovska

Директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), Весна Мојсова-Чепишевска во интервју за „Локално“ изјави дека за отворање нови лекторати по македонски јазик, литература и култура во странство не е потребно само залагање од УКИМ, туку и интерес од странските универзитети и клучно – дипломатски залагања и финансиска поддршка. Како
што вели, потребна е национална стратегија во која секој ќе го заврши својот дел од обврските за афирмацијата и развојот на македонистиката во светот.

– Ние, во нашите професионални релации со странските универзитети и поттикнуваме на тоа, но клучна улога треба да одиграат и нашите амбасади. Тие треба да бидат посилни и погласни за тоа каде може да се отвори лекторат по македонски јазик, литература и култура во странство и да се залагаат тоа да се случи онаму каде што се препознава можност и каде што има интерес. И во исто време да ги поддржуваат постојните лекторати, како и воопшто универзитетските центри на кои веќе има македонистика во светот. Секако, ние сме тука за она што е наша задача и за прикажување на нашите визии, со сета академска компетентност, ама во процесот, секој треба да го заврши својот дел од работата, изјави професорката Мојсова-Чепишевска.

Во однос на финансиската поддршка на македонистиката во странство, нагласува дека мора да е поголема, зашто лектор по македонски јазик во странство не се праќа со плата колку што се просечните плати во Македонија, а во моментов лекторската плата е на тоа ниво.

– Сето ова упатува кон тоа дека е потребна национална стратегија за поддршка на македонистиката, со залагања и конкретни задачи на сите повикани институции, секој да го оствари својот влог за македонистиката. Афирмацијата
и развојот на македонистиката во странство треба да е државен приоритет, напоменува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

На колку универзитети во странство се изучува македонистиката? Во јавноста во последниов период има коментари дека бројот на лекторатите е намален во споредба со оној во СФРЈ?

– Податокот на колку универзитети надвор се изучува македонистиката е јавно достапен, на веб-страницата на УКИМ – 10 лекторати и уште 10 центри каде што се изучува македонскиот јазик, литература и култура. Значи, на вкупно 20 универзитети во светот.

Во некои земји македонитиката се изучува на повеќе универзитетски центри, како на пр. во Полска на три, во Хрватска и Турција на по два, во Руската Федерација на три универзитета. Сликата не е лоша, колку што некој можеби сака да ја прикаже. Неспорно, во минатото, пред 10-20 години, се затворија некои лекторати, но тоа беше и резултат на падот на интересот за славистиката и потоа воопшто за филологијата и хуманистиката, глобално, а не заради односот кон македонистиката. Ама и во такви услови, кога гледате дека и кај нас хуманистиката се соочува со предизвици, во последниов период се работи на тоа да се отворат нови лекторати по македонски јазик и еве, се постигнуваат резултати. Најнов лекторат е оној во Анкара, на дражавниот Универзитет, веќе е во процес отворањето лекторат по македонски јазик во Пекинг, каде сега предава професорот Симон Саздов, начија настава ќе се надоврзе онаа на новоизбраниот лектор. Но за да се успее уште повеќе, и особено со поголем интензитет да се остварат иницијативите што ние ги имаме и би ги имале во иднина, неопходна е националната стратегија што ја нема, а која треба да го вклучува проактивниот однос на сите институции, вклучително и особено на амбасадите што веќе ги споменав.

Неспорно, понекогаш, странските универзитети, во услови на финансиска криза, не се секогаш подготвени за отворање нови студиски програми итн., зашто сето тоа е комплексен процес. Но, секако, ако ние како држава застанеме многу постамено и со цврста решеност, вложувајќи се за лекторатите што ни требаат, во рамките на дипломатските односи, успехот може да се случи. Затоа, мора да се размислува и веќе да се има јасен став колку приротетно прашање во севкупната наша дипломатија како држава ќе биде македонистиката.

Каде сè во Европа се предава македонскиот јазик? Има посочувања дека речеси и немаме лекторати во Западна Европа?

-Ако се задржуваме само на земјите коишто се членки на ЕУ, најпрво би сакала да напоменам дека следната година ќе прославиме голем јубилеј, половина век од изучувањето на македонистиката во Франција, на Националниот институт за ориентални јазици и култури (ИНАЛКО) во Париз, кој е дел од Сорбона 2. Таму, македонистиката се изучува на сите три циклуси студии – до докторат! Половина век за некоја година ќе прославиме и во Полска, поточно на Универзитертот во Краков. Во Полска и Унгарија наредната 2023 ќе прославиме по 35 години од воведувањето на македонистиката во Сосновјец и Будимпешта, а во Романија, лекторатот по македонски јазик работи од 1974 -75 година. Македонистиката се изучува и на Универзитетот во Љубљана, и тоа повеќе од 60 години – и таму има одделна Катедра за македонски јазик и книжевност, исто како меѓу другото и во Загреб, каде македонистиката е присутна околу шест децении. Но, во Хрватска, имаме лекторатот и во Риека, кој е најмладиот лекторат пред оној што се отвори во Анкара и следната година ќе одбележи убав јубилеј – 15 години. Значи, има лекторати по македонски јазик во ЕУ! И ДА, сакаме да има и повеќе, но веќе посочив кои сè инстанци треба да го дадат својот влог.

Споменавте дека е потребна поголема финансиска поддршка. Потребно ли е ново решение во однос на платите на лекторите во странство кои според укажувањата се скромни, треба ли на пример еден лектор во странство да прима просечна плата којашто одговара да речеме на некој дипломатски службеник во странство, зашто ја претставува државата?

– Во целост сте во право, се согласувам, зашто не може лекторот по македонски јазик со плата од 500 евра да очекуваме да живее во Париз, Москва или Анкара. Иако има ентузијасти со верба во македонистиката, за среќа. Прво, со таа плата, тој не може да ја оствари основната егзистенција за дневни трошоци, а не и да најде сместување итн. Стандардот во голем дел од земјите во кои имаме лекторати е многу повисок од нашиот, платите се многу поголеми отколку кај нас, во Македонија. И таму, цените и севкупната економија се прилагодени на тие плати. Така што секако дека треба да се размислува на кој начин да им се овозможат подобри услови на нашите лектори во странство.

Има ли потреба од поинакво решение за прашањето за предавање на македонскиот јазик надвор? Советот за македонски јазик се обиде да издејствува нов закон за употреба на македонскиот јазик и таму да ги ставиме лекторатите со цел прашање да го стави на државно ниво така, како што е на пример во Словенија и Хрватска па и во Србија?

– Јасно и гласно ќе посочам – во ниту една држава во светот, лекторатите не се под капа на државно ниво. И Центарот за словенечки јзик како друг јазик е центар при Универзитетот во Љубљана, како дел од Филозофскиот факултет во Љубљана. Истото решение го има и во Белград, и во Загреб. Истото решение го имаат и Софија, и Велико Трново. Ги споменувам овие универзитети, зашто во некои дискусии, се случуваат повикувања токму на нив како пример. Универзитетите организираат школи и имаат центри за изучување на своите јазици како странски (туѓ/друг), но никаде не се под капата на властите. Решението што го посочувате според мене е политичко, но лошо решение. Ова го кажувам зашто ова е образовно, но и дипломатско и културно прашање.

Развивањето на македонистиката во странство не треба да се врзува со таков центар, кој може да се претвори во политиканство. Ова најискрено го кажувам. Зашто еве, ако навистина постои таква заинтересираност за денешнава ситуација во однос на македонскиот јазик, тогаш зошто јас не гледам дека има конкретни придвижувања. Еве да го покажам ова низ еден најсвеж пример. Зошто премиерот Димитар Ковачески воопшто, никаде ни под точка разно не го стави проблемот за изучување на македонскиот јазик во Тирана. Сега имаше навистина добра прилика и требаше покрај големите разговори за многу битни работи од економската сфера и други прашања за добрососетските односи, со неговиот колега Рама како премиер на Албанија, да го отвори и „малото“ прашање за изучувањето на македонистиката во Тирана. Зашто, во Тирана воопшто не се изучува македонистика! Мора да се има свест дека во билатерлани средби кои властите ги остваруваат на највисоко ниво мора да се опфаќаат и вакви прашања.

Искрено се надевам дека можеби ќе дочекаме да се отвори и лекторат по македонски јазик и во Бугарија, па и во Грција, јас сакам да верувам дека ќе дојде тоа време, ама треба малку да се ослободиме од политизирање на некои работи и да ги гледаме вистинските потреби на народите. Зашто идејата со лекторат во Тирана не се однесува на тоа тој да биде наменет само за Македонците таму, туку за да се овозможи сите студенти што студираат филологија таму да може да го изучуваат и македонскиот јазик. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има одделна студиска програма Преведување од албански на македонски и од македонски на албански јазик, на која се запишуваат и Македонци кои сакаат да го научат албанскиот јазик и да бидат добри преведувачи од едниот на другиот јазик. Зошто тоа да не можеме да го направиме и во Тирана, со македонскиот јазик?

Но имаше информации дека на добар пат сме да се отвори лекторат во Корча во Албанија…

– Но, дали Министерството за култура може навистина да го реши прашањето коешто е од образовна цел. Образовните цели ги решаваат универзитетите. И тоа треба да биде универзитет, во оваа ситуација УКИМ, којшто е прв државен универзитет. Тој треба да потпише договор со Универзитетот на Тирана – на тоа ниво се случува договор за соработка и за отворање лекторати. Зашто, албанологијата или науката за албанскиот јазик, литература и култура, сега пред некој ден прослави 60 години на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Тогаш, зошто не се отвора прашањето за изучување на македонскиот јазик во Албанија, што би било и чин на добрососедство.

Имаат ли земјите од регионот поголем број лекторати во странство отколку Македонија?

– Па сигурно дека имаат зашто имаат подобра, односно вистинска национална стратегија, во која сите повикани институции во државата го остваруваат својот влог. Досега, од Македонија, лекторати се отворале и се праќале лектори само преку УКИМ. Така е повеќе од 50 години – најголемиот дел од лекторатите што ги има се дел од наследството што ни го остави Блаже Конески. Отворањето лекторати по македонски јазик почнува во тој, сега веќе дамнешен период. Ама нашата држава, потоа не беше заинтересирана дотолку за тие лекторати, што доведува до долгорочен проблем кој не се решил системски, се маргинализирал со текот на годините и затоа има повеќе лекторати и по српски, и по хрватски, по словенечки… Еве зошто вложивме напор и го отворивме лекторатот во Анкара, и во процедура е и отворање лекторат во Пекинг. Ние го даваме нашиот влог, но колку ли ќе беше подобро ако имавме национална стратегија за ова прашање?

Потребно ли е сепак некакво поинакво решение за прашањето на лекторатите во странство?

– Треба како држава да имаме поголема ажурност. Кога ќе се каже дека нам ни треба лектор за некој универзитет, треба навистина сите да се вклучат – МНР, МОН, амбасадори, институциите кои ќе придонесат за добра финансиска конструкција итн. Затоа што објективно, без финансии сте невидливи. Зошто, македонскиот јазик можел да се избори со другите јужноловенски јазици? Една од причините е и затоа што летните школи на македонски јазик, литература и култура се случуваат покрај брегот на Охридското Езеро, веќе 55 години. А знаеме што значи Охрид за словенскиот и славистичкиот свет – исклучително светилиште на христијанството, на словенската писменост, на она што ни го оставија Климент и Наум со Охриската книжевна школа. Затоа, секогаш е предизвик за странските слависти да дојдат во Македонија на таа летна школа. За да може да го видат Охрид во живо, да ги почувствуваат македонскиот дух, култура и јазик. Треба да знаеме да го промовираме тоа, заеднички! Ама без добра стратегија, без добра финансиска поткованост, сето тоа е потешко остварливо.

М.С.М.

Слични содржини