Интервју со Мршиќ: Времето ќе покаже дали укинувањето на даночното ослободување ќе го намали интересот за пензиско штедење во третиот столб

од Vladimir Zorba

За универзитетската професорка Јадранка Мршиќ прашањето околу ефектите од измените во Законот за данок на личен доход кои се однесуваат на доброволното пензиско осигурување е повеќеслојно и треба да се разгледува од неколку аспекти. Не го доведува во прашање можното влијание врз  другите два столба, но целата ситуација според неа  видно се изменува во случај на  намален интерес за овој вид штедење бидејќи ќе предизвика загрозување на ефектите од реформираниот пензиски систем.

Во оваа насока потсетува на фактот дека пензиските системи функционираат на долг рок и повеќе од потребна им е стабилност на регулативата и извесност на условите на функционирање.

„Промените во регулативите што се прават треба да бидат во функција на исправање на констатирани недостатоци при имплементација на системот во реалното окружување или при драстична промена на претходно проектираните демографски и економски параметри, но не и со укинување на стимулации воведени за поттикнување на доброволното пензиско штедење заради успешно функционирање на трите столба кои заедно го сочинуваат пензискиот систем“, вели Мршиќ во интервју за „Локално“.

Наведувајќи го како неспорен фактот дека во период од 13 години откако е воведено доброволното пензиско осигурување, во пензиските фондови членува само 2.9 % од активното население, сепак упатува на фактот дека  уплатата во доброволните фондови е во корист на социјалниот систем во државата. Оттука,  дали користа од укинувањето на даночното ослободување ќе влијае на намалениот интерес за овој вид на пензиско штедење, според неа, ќе покажат податоците за уплати на придонеси во овој столб во наредните години.

Во однос на ветувањата дека годинава пензиите ќе се зголемат за околу 16 % , Мршиќ објаснува дека  усогласувањето на пензиите треба да биде во висина што ќе ја заштити куповната моќ на пензионерите што не беше случај со усогласувањата во 2022.

Потсетувајќи на фактот дека  соодносот на просечната пензија со просечната плата опаѓа во изминатите седум години како резултат на поголемиот пораст на платите, таа нагласува дека „креаторите на пензиските политики треба ова да го имаат предвид и да постават целен сооднос помеѓу овие две категории на просечни лични примања што ќе треба да се достигне и одржува“.

Во услови на инфлација од над 19 %, пензиите лани се зголемија нешто над 10% што де факто покажва дека инфлацијата ја намали реалната вредност и на пензиите и на платите. Владата најави дека годинава, согласно методологите за усогласување, пензиите ќе се зголемат два пати  и тоа  вкупно 16 % . Дали сметате дека пензионерите треба да бидат задоволни?

-Најавениот пораст од вкупно 16% на пензиите вклучува три периоди на усогласувањето односно период подолг од една година. Усогласувањето на пензиите треба да биде во висина што ќе ја заштити нивната куповна моќ, што не беше случај со усогласувањата во 2022 година. Податоците покажуваат дека соодносот на просечната пензија со просечната плата опаѓа во изминатите седум години како резултат на поголемиот пораст на платите. Креаторите на пензиските политики треба ова да го имаат предвид и да постават целен сооднос помеѓу овие две категории на просечни лични примања што ќе треба да се достигне и одржува.

Дали ова зголемување ќе им обезбеди достоинствен живот на пензионерите во услови на натамошна енергетска криза и двоцифрена инфлација?

-Порастот на цени ги погодува особено граѓаните со просечни и пониски лични доходи по основ на плати и на пензии. Општо е прифатено дека пензионерите се помалку прилагодливи на состојби на кризи и негативни промени, заради што во услови на висока инфлација треба да се преземаат и посебни мерки кои ќе им помогнат да се справат со опаѓањето на животниот стандард предизвикан од значителниот пораст на цените.

Дали новата методологија на усогласување на пензиите со трошоците на живот и просечната плата гарантира стабилност на фондот за ПИОМ  во ситуација кога не се зголемуваат стапките на придонеси односно нема дополнително оптоварување на бизнис секторот?

-Новата методологија во услови на висока инфлација е поповолна од претходната од аспект на трошоците за пензии на ПИОМ, затоа што порастот на цените не се зема целосно туку со 50% во пресметката на усогласувањето на пензиите. Друга работа е што инфлацијата е висока и стапката на усогласување е многу поголема отколку во претходните години со ниска инфлација. Но, на тоа треба да се пристапи како на вонредна состојба со важење во ограничен период и така да се менаџира оваа ситуација. Што се однесува на самата финансиска состојба на фондот за ПИОМ, тоа е континуирано прашање од интерес што треба да се следи, анализира и преземаат мерки за одржување на потребната финансиска кондиција на Фондот.

Кризите со кои живееме во последниве години наметнаа потреба од барање нови решенија за нивно што побезболно надминување.Оттаму  прашањето дали и какви реформи му се потребни на пензискиот систем?

-Пензиските системи се подложни на влијание од економијата, демографијата, пазарот на трудот и законските прописи кои ги регулираат придонесите и пензиите. Било каква промена која се задржува на подолг рок ќе има влијание врз перформансите на овие системи и затоа се потребни тековни преиспитувања, тестирања и врз основа на добиените резултати соодветни промени во системот за исполување целта на системот да обезбедува долгорочна финансиска одржливост и адекватни износи на пензии.

Новите даночни измени предвидуваат укинување на даночното ослободување за придонесите уплатени во доброволниот пензиски фонд од страна на работодавачите со што се отвори дилемата за функционирањето на третиот пензиски столб. Дали и во која мерка промената во овој столб ќе се рефлектира на останатите столбови?

-Пензиските системи функционираат на долг рок и повеќе од потребна им е стабилност на регулативата и извесност на условите на нивно функционирање. Од тие причини промените во регулативите што се прават треба да бидат во функција на исправање на констатирани недостатоци при имплементација на системот во реалното окружување или при драстична промена на претходно проектираните демографски и економски параметри, но не и со укинување на стимулации воведени за поттикнување на доброволното пензиско штедење заради успешно функционирање на трите столба кои заедно го сочинуваат пензискиот систем. Укинувањето на даночното ослободување за уплатени пензиски придонеси во доброволното пензиско осигурување нема директно влијание на другите два столба, но посредно ќе влијае на ефектите од  реформираниот пензиски систем ако се намали интересот за овој вид на штедење. Но, кога зборуваме за ефектите од укинување на даночното ослободување не треба да се занемари и фактот дека во период од тринаесет години од воведувањето на доброволното пензиско осигурување, само 2.9% од активното население членува во доброволните пензиски фондови.

Што досега значеше ослободувањето од плаќање пероснален данок на доход за работодавачите, за граѓаните и за пензискиот систем генерално?

-Третиот столб е дополнение на задолжителните два столба и заедно ја прават целината на реформираниот пензиски систем во рамки на кој е овозможено уплата на придонеси и обезбедување пензија по неколку основи. Третиот столб е карактеристичен затоа што преку уплата во доброволните фондови нуди можност за остварување пензија на граѓани кои од различни причини не ги исполнуваат условите да остварат редовна пензија од задолжителното пензиско осигурување, а на сите пензиски осигуреници можност со дополнителна уплата во овие фондови да ги зголемат приходите за пензионерските денови. Овој столб придонесува за проширување на опфатот на активно население во пензискиот систем, што е во корист на социјалниот систем на државата. Затоа, државите нудат стимулации за вклучување на поголем број членови во овој столб, што вообичаено се прави со даночно ослободување при плаќањето на придонесите и/или при исплата на средствата од фондот или со директно поттикнување како дополнителна уплата од државата во одреден процент од индивидуалните уплатени средства во тек на една година. Тоа е начин на кој државата го подржува реформираниот пензиски систем што самата го поставила во таква структура и за постигнување специфична цел.

Како ќе влијае оваа даночна измена врз бројот и износот на уплатени придонеси?

-Суштината на користа од доброволното пензиско штедење останува и таа претставува главна причина за изборот за вклучување во ова осигурување, но дали наспроти користа укинувањето на даночното ослободување ќе влијае на намалениот интерес за овој вид на пензиско штедење ќе покажат податоците за уплати на придонеси во овој столб во наредните години.

К.В.С.

Слични содржини