Интервју со проф.Максимовска: Како општество не сме зрели за прогресивно оданочување

од Vladimir Zorba

Крајно сомничави во однос на очекуваните ефекти од предложените измени на данокот на добивка, според кои малите фирми со вкупен годишен приход до 3.000.000 денари ќе треба да плаќаат данок од добивка од 10%, експертите алармираат дека  ќе дојде до стимулирање на сивата економија, а буџетот ќе остане без потенцијалните приходи.

Професорката по финансово и даночно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, д-р Александра Максимовска смета дека поголемото даночно оптоварување на малите бизниси кои и онака се во тешка состојба по пандемијата и енергетската криза,во пракса нема да значи поголема праведност во оданочувањето.

Можам да претпоставам сосема друго, токму тие да се обидат да прикажат поголеми расходи, за да не пријават добивка за оданочување. Е тогаш измените наместо да стимулираат нови мали стопански субјекти како досега, ќе стимулираат даночна евазија. УЈП ќе има повеќе работа, а Буџетот не ќе се зголеми.Тоа е на некој начин како да власта става превез на очи, кога знае дека во сивата економија се принудно вклучени и најсиромашните граѓани. На пример, продавачи на балони на раскрсници. Од нив ниту една држава не се обогатила. А пак, за оние со вкупен годишен приход до 3 милиони денари, се плашам дека ќе се изгубат потенцијални даночни приходи од нив”, вели во интервју за Локално, проф.Максимовска.

Наместо корекции на претходни даночни политики за стимулација кај бизнисот, реформа е да се воведе ДДВ наместо данок на промет, вели таа, да се напушти рамниот данок и да се воведе прогресивно оданочување, но и да се постигне 30% поголема наплата кај даноците од имот.

Не станува збор дека се очекува зголемен економски раст од оданочување на морски производи, или даночење на минималниот профит кај најмалите бизниси. За придвижување на одржливиот економски раст е потребно превземање на крупни чекори, за кои сега немаме поволни ветришта, и затоа подобро е мирно да пловиме за да сите стигнеме безбедно до брегот. Во услови на енергетска криза, Владата е сојузник на граѓаните и стопанството, бидејќи од нив и со нив живее”, децидна е таа.

Во однос на тоа што прогресивниот данок се укинува за 2023 г. Максимовска смета дека сме сиромашни за да државата оданочи двојно повеќе отколку што досега оданочува.

Би било паметно, државата во која има алармантно отселување и одлив на млади луѓе прва да покаже поголема спремност да понуди повеќе, а потоа да бара поголем даночен морал и подготвеност за понесување на поголем даночен товар. Не сме подготвени за повисоки даночни оптоварувања, ниту во година на економска и енергетска криза, двоцифрена инфлација и намалена куповна моќ кај граѓаните, ниту како општество сме зрели за прогресивно оданочувањe”, децидна е Максимовска.

Најавените даночни реформи колку и да се рестриктивни и козметички, внесоа нејаснотии, несигурност и немир во бизнис секторот. Какво е вашето мислење, дали се тие соодветно планирани со доволен период за прилагодување или се во спротивност со целите за ефикасен, праведен, транспарентен даночен систем?

-Од најавените даночни реформи досега имаме само усвоени измени во Парламентот кај данокот на личен доход, а останатите, за данокот на добивка и ДДВ,се на ниво на „шушкање“ во јавноста и нагаѓања кај новинарите. Се работи за претпоставки, очекувања врз основа на најави од официјална прес конференција, но, стручна дебата не видов. Знам дека реформите беа бомбастично најавени, со образложение дека се во насока на поправедно оданочување, донесени со учество на академската заедница и соработка со меѓународни институции, но тоа не е точно. Во македонската академска заедница има повеќе професори по даночно право, кои ја предаваат оваа дисциплина со децении. Не беа поканети да дадат мислење. Па само на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) имаме неколку професори по даночно право, а и повеќе доктори на науки од областа даноци, кои не беа консултирани.

Измените пак, се претежно даночно-правни, а многу малку се од економска природа. Колку долго се планирани, не знам, а некои од нив дефинитивно не се поволни за помалите фирми. Секогаш треба да се остави доволно време за субјектите да го прилагодат своето однесување на пазарот и да се подготват. Декември секако дека е лош месец за промени, посебно за големите компании, кои многу порано носат бизнис планови и стратегии за настап на пазарот. Тука е всушност и одговорот за транспарентноста на промените.

Што се менува а што останува исто за бизнисот а што за граѓаните?

-За граѓаните останува иста даночната стапка кај данокот на личен доход, која беше и ќе остане 10%. Односно, на хартија имаме прогресивно оданочување, кое беше предвидено да се примениод 1 јануари 2023 г., а коештопретходнобешеодложенозапериододтригодини. Е, сега си останува по старо. Тоа во моментов е добро! Не сме подготвени за повисоки даночни оптоварувања, ниту во година на економска и енергетска криза, двоцифрена инфлација и намалена куповна моќ кај граѓаните, ниту како општество сме зрели за прогресивно оданочување. Исклучокима кајдоходотоддобивкитеодигринасреќа, закојданокотќесеплаќапостапкаод 15%.

Втора ставка што останува иста е неоданочувањето на каматите на орочените депозити, до влезот во ЕУ. Ова е добро, а претпоставувам е во договор со банкарскиот сектор и во интерес на финансиската стабилност.

Трето, ќе се оданочуваат капиталните добивки од продажба на хартии од вредност и удели од инвестициски фондови, а кои ќе се отуѓат во рок до две години од стекнувањето. На тој начин, се одвојуваат краткорочните (шпекулантските) трансакции од подолгорочните вложувања.

Четврто, се најавуваат измени за фирмите со вкупен годишен приход до 3.000.000 денари. Досега беа ослободени од годишен данок на вкупен приход од 1%, што им одговараше. Доколку и тие треба да плаќаат данок од добивка од 10%, тоа за нив ќе е значително поголемо оптоварување.

Петто, ќе има укинување на намалувањето на пресметаниот данок за износот на донираните средства на спортски субјекти. Ова не е реформски зафат. Само се укинуваат претходни даночни погодности, но без видлива цел.

Шесто, се најавува еднократен зголемен данок од добивка кај оние големи субјекти кои оствариле зголемен (екстра) профит, и тоа во 2022 година. Тука апсолутно Ве уверувам дека се работи за правен пропуст. Ретроактивноста е забранета!

Уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настанале пред нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила.

Седмо, има најавени измени кај стапките на ДДВ. Се споменуваат морски производи, ајкула, делфин, кит, лосос, харинга, палмино масло, масло од кокосов орев, бадеми, ф‘стаци, тропско овошје со даночна стапка двојно зголемена од 5% на 10%. Тука, имам цврст став дека е ова популизам, без да се води сметка на пример за здравствени состојби. Не знам колку македонски граѓани јадат ајкули и делфини, но знам колку луѓе поради здравствени причини мораат да купуваат морска храна, бадеми и кокосово масло. Пред сѐ, тоа се оние граѓани со автоимуни болести, за кои нема лек во светот. Како ќе имаме поголема праведност овде, не гледам?

ДДВ е осмислен да функционира со една, општа стапка, а во посиромашните земји се практикува и повластена (пониска) стапка за храна. Со воведување на трета стапка, за некои т.н. самопрогласени луксузни производи, не постигнуваме праведност, дури ни на хартија. Луѓето алергични на кравјо млеко и онака плаќаат прескапо бадемово млеко, па згора на тоа, и повисока стапка на ДДВ не гледам како ќе помогне ниту на Буџетот ниту на оние кои немаат доволно.

Дали концептот на правично оданочување наместо да ги опфати субјектите што работат во т.н сива зона и не плаќаат давачки, всушност ќе удри врз малите фирми? Коморите бараат да не се укинува досегашното ослободување од данок на добивка за тие што имаат промет до три милиони денари.

-Па, малите стопанственици ќе бидат погодени со поголемо даночно оптоварување во работата. Не гледам како ќе се постигне поголема праведност, ако тие субјекти имаат отежнато работење. Можам да претпоставам сосема друго, токму тие да се обидат да прикажат поголеми расходи, за да не пријават добивка за оданочување. Е тогаш измените наместо да стимулираат нови мали стопански субјекти, како досега, ќе стимулираат даночна евазија. УЈП ќе има повеќе работа, а Буџетот не ќе се зголеми. Овие субјекти се веќе во тешка состојба после пандемијата и во екот на сегашната енергетска криза. Даночен систем се гради да биде праведен, што значи даноците да ги плаќаат сите, но и да има стимулации / ослободувања кои помагаат. Сосема друго е да се опфатат субјектите кои се во сивата економија, или кои избегнуваат данок на сосема друг начин. Не станува овде збор за нив. Сивата економија се сузбива на поинаков начин.

Да бидеме искрени, сивата економија постои секаде (иако во помал обем), дури и во најразвиените држави. Тоа е на некој начин како да власта става превез на очи, кога знае дека во сивата економија се принудно вклучени и најсиромашните граѓани. На пример, продавачи на балони на раскрсници. Од нив ниту една држава не се обогатила. А пак, за оние со вкупен годишен приход до 3 милиони денари, се плашам дека ќе се изгубат потенцијални даночни приходи од нив.

Дали и колку предложената реформа е во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст? Дали е реално очекувањето дека ќе се постигне подобра наплата на приходите?

-Не станува збор за никаква даночна реформа. Реформа е да воведете ДДВ наместо данок на промет или да го напуштите рамниот данок и да воведете прогресивно оданочување. Реформа е да постинете 30% поголема наплата кај даноците од имот, кои никако да го добијат заслуженото место во општинските приходи. Ова што го слушаме се измени и корекции на претходни даночни политики за стимулација кај бизнисот, односно одложување на повисоко оданочување на доходите на граѓаните. Не станува збор дека се очекува зголемен економски раст од оданочување на морски производи, или даночење на минималниот профит кај најмалите бизниси. За придвижување на одржливиот економски раст е потребно превземање на крупни чекори, за кои сега немаме поволни ветришта, и затоа подобро е мирно да пловиме за да сите стигнеме безбедно до брегот. Во услови на енергетска криза, Владата е сојузник на граѓаните и стопанството, бидејќи од нив и со нив живее.

Владата најави дека прогресивниот данок се укинува за 2023 но не се откажува од него. Во што се состои праведноста на оваа реформа? Дали со неа се решаваат или се создаваат нови проблеми за граѓаните и малите фирми?

-Двобојот во даночната теорија меѓу прогресивниот и рамниот данок е започнат многу, многу одамнаи нема разрешница. На мастер студиите по Финансово право нема студент кој не добил шанса да се произнесе за праведноста на двата система, и пак резултатот е нерешен. Зошто? Затоа што праведноста во богатите држави која е постигната со редистрибутивната функција на прогресивниот данок, и со поголемо зафаќање во доходот на побогатите, понекогаш и повеќе од 30%, е невозможно да се спореди со состојбата кај нас. Едноставно кажано: сиромашни сме за да државата оданочи двојно повеќе отколку што досега оданочува. На ова ќе додадам и едно суштествено прашање, а тоа е квалитетот и квантитетот на јавни добра и услуги кои би ги добиле доколку сме повеќе оданочени. Зошто би верувале граѓаните во таква праведност? Во владините документи со образложение за прогресивно оданочување читам споредби со држави каде даноците имаат поголемо учество во БДП. Да, но можеме ли да го споредиме нашето со нивото на јавни добра и услуги со тие држави? Не. Би било паметно, државата во која има алармантно отселување и одлив на млади луѓе прва да покаже поголема спремност да понуди повеќе, а потоа да бара поголем даночен морал и подготвеност за понесување на поголем даночен товар.

К.В.С.

Слични содржини