Интервју со Талески: Нема никаква основа за враќање на ниската тарифа во текот на денот

од Vladimir Zorba

Во исчекување на можноста од враќање на евтината тарифа во текот на денот, дел од познавачите на состојбите излегоа со аргументи за и против. Универзитетскиот професор Рубин Талески е категоричен дека нема основа за  нејзино враќање, а во насока на образложението на ваквиот став наведува неколку факти.

„Ако значителен дел од потрошувачката на било кој потрошувач снабдуван преку Универзалниот снабдувач е во дневните часови, воведувањето на ниска тарифа ќе значи некаква придобивка за тие потрошувачи, но треба да биде јасно дека на тој начин се оптоварува ЕСМ (индиректно буџетот на Македонија).Ако се воведе ниска тарифа, ЕСМ ќе треба да набавува електрична енергија од увоз (по релативно висока цена), а вишокот што неминовно ќе се јави во ноќните часови треба да го продава по значително пониска цена,“ објаснува Талевски.

Во однос на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, не очекува нејзино намалување. Напротив вели тој, цената треба и да се зголеми, бидејќи досегашните субвенции од буџетот за справување со кризата треба да се платат на еден или друг начин.

Најавите за можно враќање на евтината тарифа отворија многу дилеми и очекувања во јавноста. Дали сметате дека има основа за повторно воведување на евтината тарифа во текот на денот (14 до 16 часот)?

-Нема никаква основа за воведување (враќање) на ниската тарифа во овој период. Малку историја и зошто воопшто имаме ниска (НТ) и висока (евтина и скапа) тарифа (ВТ)?

Во 1970 години во СФРЈ (а во Македонија и во 1980 години) се изградија многу термоелектроцентрали (ТЕ) што според тогашната технологија, не можеа (и сеуште не можат) да го прилагодат своето дневно производство на промените во потрошувачката, т.е. да се исклучуваат во текот на ноќта, и поради тоа беа воведени овие тарифи со цел да се стимулира префрлањето на потрошувачката во ноќните часови. Практично, во многу малку држави во Европа овој концепт бил применуван.

Структурата на производните единици во Македонија не е драстично сменета од минатото и покрај тоа што во последниве две до три години значително се зголеми учеството на соларните електроцентрали (произведуваат само во текот на денот). Во Македонија пазарот на електрична енергија е формално либерализиран иако тој се состои од два (сосема) различни сегменти: слободен (или отворен) пазар на кој се поголемите потрошувачи и пазар на мали потрошувачи (вклучително домаќинства,  многу често погрешно нарекуван „регулиран пазар“), снабдуван од Универзалниот снабдувач.

Ниска и висока тарифа има само во вториот пазар! Со оглед на тоа што вториот пазар (во најголема мерка) го обезбедува ЕЛЕМ (ЕСМ по ново), а ЕЛЕМ во своето производно портфолио има повеќе термоелектроцентрали, воведувањето на ниска тарифа во текот на денот само ќе ја влоши и онака лошата ситуација во која се наоѓа нашиот електроенергетски систем, поточно ЕСМ.

Дали оваа тарифа реално ќе ги намали сметките за потрошена електрична енергија?

-Ако се воведе ниска тарифа во текот на денот, ЕСМ ќе треба да набавува електрична енергија од увоз (по релативно висока цена), а вишокот што неминовно ќе се јави во ноќните часови треба да го продава по значително пониска цена. Само пред неколку недели во јавноста имаше шпекулации дека ЕСМ продавал „струја“ по многу ниска цена (околу 100 EUR/MWh во ноќните часови), а цената на HUPX била околу 170 EUR/MWh. За жал во тие шпекулации не беше кажано дека во текот на јануари оваа година (во часовите кога ЕСМ продавал „вишоци’) просечната цена во тнр. „off-peak“ часови (од 21 до 09 часот) беше околу 120 EUR/MWh или пониска!

Од друга страна, потрошувачите на слободниот (отворениот) пазар имаат договори со своите снабдувачи во кои цената е поврзана (индексирана) со цената на HUPX (часовна, дневна или месечна) и за нив нема ниска или висока тарифа!

Што би значело враќањето на евтината тарифа за преносниот систем и дистрибутивната мрежа?

-Постоењето на НТ (ниска тарифа)  во ноќните часови придонесува да се „израмни“ кривата на оптоварување во ЕЕС во текот на едно деноноќие со што, покрај претходните придобивки за најголемиот производител (ЕСМ), придобивки ќе има за подобро (поефикасно) искористување на преносниот и дистрибутивниот систем.

Дали го делите мислењето дека со оглед на зголемениот интерес за инсталирање ОИЕ, дневната тарифа треба да се адаптира во зависност од сезоната во годината?

-Сличен начин на тарифирање постоеше некаде до 2000 година (повисоки цени во зимските месеци), а идејата беше, пред сè, базирана на економската логика дека, меѓу другото,  „доматите се поскапи во јануари (затоа што има помала понуда од побарувачка) отколку во август (кога има поголема понуда од побарувачка)“. Покрај тоа, со таквите тарифи донекаде се дестимулира греењето на електрична енергија, а се стимулира енергетска ефикасност. Можно е повторно да се воведе сличен (сезонски) начин на тарифирање, но за тоа се потребни дополнителни анализи за да се процени каков концепт би се прифатил.

Дали и во која мера евтината тарифа ќе влијае на малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар?

-Ако значителен дел од потрошувачката на било кој потрошувач снабдуван преку Универзалниот снабдувач е во дневните часови, воведувањето на НТ (ниска тарифа) ќе значи некаква придобивка за тие потрошувачи. Но, треба да биде јасно дека на тој начин се оптоварува ЕСМ (индиректно буџетот на Македонија) затоа што, во последнава година и повеќе, цената на електричната енергија за малите потрошувачи (и домаќинствата) се зголеми за незначителен процент, споредено со цените на електричната енергија на пазарите во Европа. Тоа е направено со директни субвенции на државата (како единствен сопственик на ЕСМ) од најмалку 150 милиони евра во 2022 година.

Знаејќи ги состојбите во македонскиот електроенергетски сектор дали очекувате од јули, поевтинување на цената на електричната енергија?

-Цената на електричната енергија (вклучувајќи ги и тарифите за пренос и дистрибуција) е зголемена во однос на цената во 2021 година. Процентот на зголемување на цената (без ДДВ) за едно просечно домаќинство што има потрошувачка од околу 800 kWh/месец изнесува околу 10%! Просечната цена во 2021 година била околу 5.4 денари/kWh, додека денес е 5.9 денари/kWh.

Ако министерот за финансии Фатмир Бесими изнајде дополнителни 150 до 200 милиони евра во буџетот за 2023 година, цената на електричната енергија за домаќинствата (и малите потрошувачи) може да се намали значително.

Но, да бидеме реални. Македонија е мала држава со не така моќна економија, така што не сум убеден дека дополнителни субвенции од буџетот се можни (и реално неопходни), така што не очекувам намалување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. Напротив, мислам дека таа цена треба и да се зголеми за да можеме да го вратиме (како потрошувачи) „кредитот“ што ни беше „одобрен“ во претходниот период.

Јасно ми е дека претходниот став ќе биде многу непопуларен, ама треба да бидеме свесни дека сите досегашни субвенции од Буџетот за справување на кризните ситуации во претходните две години ќе треба да ги платиме на еден или друг начин. Треба да одлучиме како и кога ќе го вратиме долгот (како потрошувачи) кон тие што ни дале субвенции/кредит (а тоа сме повторно ние, како даночни обврзници)!

К.В.С.

Слични содржини