ИНТЕРВЈУ ПВРСМ Заев: Делчев не може да не двои, Делчев дејствувал за напредни идеи кои поврзуваат

од Vladimir Zorba

Низ отворен процес на соработка покажавме дека можеме да ги надминеме спорните прашања од минатото и да се сплотиме околу она што е заедничко за иднината на Македонија и Бугарија, а тоа е засилена соработка, партнерство и заемна доверба. Делчев не може да не двои, Делчев дејствувал за напредни идеи кои поврзуваат, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Локално.

За превирањата во ВМРО-ДПМНЕ е неговата наводна улога, премиерот посочи дека ниту тој, ниту СДСМ немаат намера на каков било начин да се мешаат во внатрешните работи на опозциската партија.

-Разбирам дека на поразениот Мицкоски му е проблем што го потсетуваме за тоа што самиот го говореше пред граѓаните. Разбирам дека неговиот неуспех и казната од граѓаните го фрустрираат. Но, наместо причините за поразот да ги бара во СДСМ, Мицкоски треба да се погледне во огледало, таму се сите одговори за казната од граѓаните, вели Заев.

Во однос на зголемениот број на случаи на полициска бруталност на која сме сведоци деновиве, но и на напади врз полицајци, лидерот на СДСМ изјави дека било какво насилство е за секоја осуда и за тоа институциите веднаш реагираат.

– Вложивме многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и нема да дозволиме, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна, посочи тој.

Како одговор на протестите за поскапување на струјата, премиерот вели дека СДСМ ги намали и ги задржа стабилни сметките за струја, додека ВМРО-ДПМНЕ, која сега ги организира тие протести, „безобразно ги зголемуваше“.

– Само со воведувањето на евтината тарифа на струјата што го реализираше Владата што јас ја предводев, заштедата на просечната сметка за струја кај едно домаќинство изнесува над 300 денари месечно. Со новата корекција на цената, таа сметка ќе порасне за неполни сто денари, што во пракса значи дека дури и со оваа корекција заштедата на месечно ниво изнесува нешто над 200 денари, само поради тоа што сега секој ден има по два часа евтина струја, тврди Заев.

За тоа како ја гледа земјава по завршувањето на мандатот во 2024 година, истакна дека целта во овој мандат е да „донесеме целосна трансформација и европеизација на С. Македонија“, период во кој ќе гледа како државата позитивно се менува, како институциите стануваат поефикасни, како економијата напредува, а европските стандарди стануваат наши, домашни стандарди.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на изминативе парламентарни избори заедно добија десетина пратеници помалку во однос на минатиот мандат, додека ДУИ и Алијанса за Албанците ја зголемија својата застапеност во Парламентот. Одѕивот со секој изборен циклус продолжува да „тоне“, довербата се чини е сведена на минимум во двете најголеми македонски партии. Како планирате да ја поправите актуелната состојба во следниве 4 години?

-Повеќе аспекти од овие избори се важни, покрај тоа што беа слободни, фер, демократски како што личи на една земја, членка на НАТО. Изразена и потврдена е волјата на граѓаните да продолжи напредокот, земјава да не се враќа назад, туку да продолжи напред. Тоа е многу важно за иднината на оваа држава.

Изборите се случија во време на корона-криза, којашто го пролонгираше и постоењето на техничката Влада, но и во период во кој традиционално веќе се во тек годишните летни одмори.

Имајќи ги предвид овие околности, излезноста на изборите на 15 јули беше намалена, секако не драстично, но распоредот на гласовите по изборните единици согласно Донтовиот модел донесоа онаков распоред на силите каков што имаме во Собранието.

Ќе повторам, најважна е одлуката на граѓаните, кои на слободни избори излегоа и решија напредокот, вистинските економски политики, евро-атланскиот пат, да продолжат, за сигурна и стабилна иднината на државата.

Во периодот пред нас, очекувам овие политики застапени од победничката коалиција предводена од СДСМ и парламентарното мнозинството во Собранието да наидат на поголема поддршка и од други политички чинители, групи граѓани и пратеници.

Учеството во политичкиот процес, користењето на правото на глас како врвни демократски вредности се важни и затоа постојано повикуваме, мотивираме и поттикнуваме граѓаните активно да се вклучат во носењето одлуки.

Иако Мицкоски најави окрупнување на опозицијата со премин на неколку членови од „Интегра“ во неговите редови, сепак во ВМРО-ДПМНЕ во последниве недели се води внатрешна борба за нов конгрес и за промена на раководството по четвртиот пораз кој го доживеаја на избори. Тој пак ве обвини дека во комбинација со екс директорот на УБК, Мијалков „ја кроите“ судбината на партијата. Колку од ова е вистина?

-Знаете дека во јавноста преовладува мислење кое вели дека за СДСМ најдобро е ДПМНЕ да продолжи да биде водено од Мицкоски преку ваквите неуспешни негови политики. Но, ние во СДСМ не гледаме само за себе, напротив, за нас приоритет број еден е добробитот на граѓаните и исправниот пат на државата – во такви околности, најдобро за С. Македонија е да имаме демократска опозиција која не застранува и не ги попречува стратешките правци на државата, како што тоа го правеа до сега и како што тоа го прават и денеска.

После поразот на овие парламентарни избори, се она што Мицкоски го прави е само обид да си ја зачува фотелјата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, во белиот дворец. За потсетување, токму тој во кампањата даде ветување дека ќе поднесе оставка во партијата ако не победи на изборите и не успее да состави Влада. Мицкоски изгуби и не состави Влада. Не си го одржи зборот и не поднесе оставка. Тоа доволно говори за него и граѓаните многу добро знаат за каков човек станува збор. Впрочем, го видовме тоа и во минатите 3 години.

Ниту јас, ниту СДСМ немаме намера на каков било начин да се мешаме во внатрешните работи на ВМРО-ДПМНЕ. Разбирам дека на поразениот Мицкоски му е проблем што го потсетуваме за тоа што самиот го говореше пред граѓаните. Разбирам дека неговиот неуспех и казната од граѓаните го фрустрираат. Но, наместо причините за поразот да ги бара во СДСМ, Мицкоски треба да се погледне во огледало, таму се сите одговори за казната од граѓаните. Нека се наврати на сите негови погрешни политики, кочења на напредокот, на членството во НАТО, одбраната на криминалот на режимот, извшителството на наредбите на Никола Груевски, лажењето на граѓаните, немањето став за клучните стратешки цели и сета деструкција во изминатите 3 години.

Со таков нечесен, неискрен и несериозен однос кон интересите на граѓаните и државата, тие уште долго ќе бидат опозиција.

Како го коментирате последното негово барање за јавниот обвинител да го предлага опозицијата, нешто што го бара од кога е дојден на чело на ВМРО-ДПМНЕ?

-Секое барање на Мицкоски е обид да се опструира правдата. Слушнавме од негова уста дека се борел против Законот за јавно обвинителство само за да ги заштити моќниците кои ја финансирале неговата партија.

Денес, со Законот за јавно обвинителство утврдени се принципите политиката да биде што подалеку од изборот на обвинителите и треба да се држиме до тие принципи. Тоа значи дека македонските обвинители нема да бидат бирани ниту по теркот на Мицкоски, ниту по теркот на Заев, туку по теркот на професионалните стандарди и потребата од воведување владеење на право и правна држава.

Правда мора да има и таа може да биде обезбедена само од професионални институции, ослободени од било какво политичко влијание.

Избор на обвинител преку политички договор се покажа како погрешен во минатото. Второ, имаме професионални јавни обивнители на кои треба да им се даде шанса. Трето за таков избор преку политички договор потребни се измени на Уставот. Нешто што сега не треба да се отвора како прашање, особено затоа што имаме многу поважни теми како што е борбата против коронавирусот, економијата и процесот на преговори со ЕУ кој ни претстои.

Најавивте прочистување на судството уште во првиот ваш мандат, сега го правите приоритет на почетокот на вториот. Неодамна изјавивте дека Судскиот совет има можност да види кои судии застарувале предмети и има право да носи одлуки за разрешување и казнување. Со какви други механизми планирате да ја вратите довербата во судскиот систем?

-Прочистување на судството, ред, правда и дисциплина на сите нивоа се високо на агендата на Владата што ја предводам. Точно е, постојат механизми со сегашните законски решенија, преку кои може да се изврши прочистување на судството и зајакнување на неговата ефикасност.

Точно е дека Судскиот совет има можност да види кои судии застарувале предмети и има право да носи одлуки за разрешување и казнување и очекувањата се дека тоа ќе почне да го прави. Проверките треба да се зајакнат за да се види кој како работи и за да им стане јасно на сите дека заврши времето на дозволиви и неказниви злоупотреби и манипулации. Кој крши закон мора да се соочи со закон.

Државната комисија за спречување на корупцијата има можност да ги провери сите анкетни листови на судии и обвинители, но и на јавни функционери, Управата за јавни приходи има можност да влезе во процес на проверка на капитал и имот како на судиите и обвинителите, така и на секој државен функционер.

Процесот на прочистување треба да го водат овие институции, секако во соработка со правната фела, затоа што само така ќе се врати вербата во судовите и обвинителствата, само така ќе се зајакне правосудството кое мора конечно да испорачува ефикасна, неселективна и навремена правда.

Деновиве сведоци сме на реакции на граѓаните против случаите на полициска бруталност, но и против случаите на насилство врз полицајци. Викендов се случија и протести по тој повод, но како вие ги коментирате зачестените вакви случаи и како тие ќе се решат?

-Било какво насилство е за секоја осуда и за тоа институциите веднаш реагираат.

Бруталноста од страна на полициски службеници врз граѓани Роми, што ја видовме во видеото на социјалните мрежи, јас јавно и силно ја осудив. За поздравување е што МВР брзо реагираше, го расчисти случајот, ги утврди учесниците на овој исклучително немил настан, соодветни казни на сите инволвирани во случајот, што значи целосна одговорност.

Вложивме многу во менувањето на ликот и однесувањето на полициските службеници и нема да дозволиме, дури и вакви изолирани случаи, да поминат без одговорност и соодветна казна.

Но исто така, деновиве бевме сведоци на насилството врз полицајци од страна на дивокрадци во велешко, нападнат полицаец кој службено извршувал дејствија во сообрќајот, што исто така е недозволиво и секако осудено. Насилството врз полицијата е сериозно кривично дело и такви постапки и однесување нема да толерираме. Кој ќе нападне полицаец ќе се соочи со законот и ќе претрпи сериозни правни последици.

И во овие случаи сведоци бевме на ефикасната акција на полицијата за приведување на насилниците, по што очекувам брза постапка и на Јавното обвинителство како одговор на принципот за нула прифатливост за насилство врз припадниците на Министерството за внатрешни работи.

На повредените припадници на безбедносните сили им посакувам брзо закрепнување и што поскоро враќање кај своите семејства и на своите работни места.

Во Европа и во регионот оваа есен, според информациите, се очекуваат голем број новозаразени лица од Ковид-19, и соодветно, повторно воведување рестриктивни мерки. Кај нас во последниов период бројката ретко паѓа под 100 новозаболени. Освен преземените мерки и стандардните повици за почитување на мерките, има ли владата план како да ја сузбие заразата?

-Веќе седум месеци Владата, здравствените институции и сите надлежни органи се фокусирани и преземаат соодветни мерки за спречување на ширењето на вирусот, предизвикан од глобална пандемија, а со тоа и заштита на највредното, здравјето на граѓаните.

Летото е зад нас, период кој беше постабилен. Сега, на праг сме на нов есенски бран, гледаме дека не само кај нас, во Европа, па и во светот, следува нов предизвик во борбата со коронавирусот. Порачувам дека како Влада, како институции сме подготвени да се справиме со сите предизвици, да ги заштитиме граѓаните, како досега. Во овој период преземавме мерки, ја зголемивме ефикасноста и капацитетот на здравствениот систем да биде подготвен. Алармот во институциите пред новиот бран сега е вклучен, апелирам и граѓаните да го вклучат својот аларм за важноста и почитување на мерките, препораките и протоколите.

Ја следиме состојбата редовно, секој ден и соодветно на тоа преземаме мерки. Стручните лица, комисијата за заразни болести, здравствената, стручна јавност постојано ја следат состојбата со коронавирусот и даваат соодветни предлози за воведување или менување на протоколите за заштита од коронавирусот или пак за нови мерки. Така ќе биде и во следниот период. Како Влада, ќе продолжиме да ги слушаме и спроведуваме препораките од Комисијата и надлежните институции.

Како извршна власт и сите инситуции врз кои има ингеренции, Владата ќе продолжи со процесот на информирање, едукација, но и на санкционирање на прекршувањата на мерките.

Само ако сме посветени и заедно ќе успееме да се справиме со предизвиците и да се заштитиме, да не се доведеме во ситуација на нови рестриктивни мерки. Убеден сум дека нема човек, ниту група, ниту институција која посакува рестрикции, тоа е последното нешто кон кое би посегнале. Затоа е важно секој од нас најдоговорно да пристапни на овој глобален проблем – колку е поголема свеста и одговорноста на секој од на граѓаните, толку ќе бидат помали ризиците од ретрикции.

Во последниов период се води дебата за тоа дали треба да се свртиме кон руската вакцина против коронавирусот, со оглед на проблемите со Оксфордската, откако неколку волонтери почувствуваа несакани ефекти. Министерот Филипче на прес-конференција рече дека се уште сме далеку од тоа да одлучиме која вакцина ќе се користи кај нас. Може ли дел од потребите за вакцинирање на населението да се покријат со руската „Спутник V“?

-Вакцини против коронавирусот се развиваат и се тестираат во многу држави. Светот буквално е во трка за пронаоѓање на ефикасна вакцина која ќе го штити здравјето од коронавирсуот. Надлежните, Министерството за здравство ја следи состојбата со процесите на пронаоѓање и патентирање на вакцини против КОВИД 19, ги следи ставовите и препораките на Светската здравствена организација и меѓународните релевантни институции.

Оттука, за нас е најважно здравјето на граѓаните и од тој аспект ќе гледаме дали одредена вакцина ги задоволува стандардите пропишани и одобрени од СЗО, при што сигурно е дека низ целиот процес сме во темелни консултации и меѓусебна поддршка со нашите стратешки сојузници.

Кога и да има одлука за набавка на вакцини, тоа ќе го стори Министерството за здравство како најповикана институција. Верувам во капацитетноста на нашите инситуции и дека кога ќе дојде до набавка на вакцини, ќе бидат набавени најквалитетните вакцини. Како Влада секако дека ќе направиме се што е потребно за да обезбедиме достапни, безбедни и сигурни вакцини кои го штитат здравјето на сите наши граѓани.

Поради коронавирусот, бруто домашниот производ во вториот квартал бележи пад од 12,7 проценти, нешто невидено од 2001 година. Доколку повторно ни се случи „затворање“ поради ковид-ситуацијата, имате ли план за спас на економијата? ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека мерките на Влада ќе затворат скоро 15.000 микро и мали претпријатија…

-Кога за првпат целиот свет со соочува со невидена здравствена и економска криза, логично е да има падови во економиите на сите држави затоа што економиите се поврзани, директно или индиректно. Споредбено со високоразвиените земји членки на ЕУ, нашиот пад на БДП е меѓу најниските во Европа.

Денес стапката на невработеност е 16,5, далеку пониска од 2017 кога беше 24,7 отсто, денес просечната плата во државата е повисока за над 4.400 денари за разлика од пред три години. Сето тоа се официјални податоци кои ја покажуваат успешноста на нашите економски политики, покажува дека кризата со коронавирусот ја дочекавме со стабилна, развојна економија.

Уште во првите недели од корона-кризата не губевме време и се впуштивме во креирање мерки и политики кои им помагаа на компаниите и работниците полесно да ги минат последиците, да ги амортизираме првичните удари врз стопанството.

Стотици илјади работни места се спасени и обезбедена е помош за десетици илјади компании. Само со мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, во месеците април, мај и јуни со 79,5 милиони евра поддржани се околу 120.000 вработени граѓани и околу 20.000 компании.

26.8 милиони евра вративме кај 309.000 граѓани кои добија платежни картички преку мерката „купувам домашно”. 12 милиони евра директна помош обезбедивме за туристичката дејност преку ваучерите за туризам.

За компаниите воведовме линии на бескаматни кредити кои ги искористија над 17.000 компании за да го премостат кризниот период.

Нема да застанеме на ова, туку ќе продолжиме уште повеќе да помагаме на работници и компаниите. Оваа недела го претставуваме четвртиот пакет антикризни мерки кои во следните три месеци ќе обезбедат директна помош и поддршка за работниците и за стопанството.

Ги опфаќаме најсиромашните граѓани, за да ја зголемиме нивната потрошувачката моќ, но и поддршката за компаниите, за да даваат плати и да ги задржат работниците. Помошта за платите во најпогодените сектори и за зачувување на работни места ќе продолжи. Дополнително, ќе има стимулативни мерки за враќање отпуштени работници во време на кризата.

Платежни картички ќе добијат пензионерите со пензии под 15.000 денари, пасивните баратели на работа, самохраните родители. Паралелно со ова, следува засилено финансирање на капиталните инвестиции во чија реализација ќе бидат ангажирани домашните компании.

Конечно, продолжениот викенд 10, 11 и 12 октомври ќе биде викенд без ДДВ за сите граѓани, мерка што ја најавивме пред некое време, а со овој пакет истата ќе се реализира, па граѓаните низ три неработни денови ќе можат да ја реализраат својата потрошувачка, по пониски цени.

Отворените листи и една изборна единица преставува солидна основа за разговори за промена на Изборниот законик, а веќе има предлози локалните избори во 2021-ва да се оддржат во еден изборен круг, со цел да се заштедат пари на граѓаните во период на економска криза. Ваш став по прашањето?

-Дебатата во јавноста е отворена. Нашиот став како СДСМ, но и мојот личен став е дека локалните избори се добра можност за воведување отворени листи за членовите на Советите, процес кој треба да се заокружи со отворени листи и на следните парламентарни избори.

Тоа ќе донесе дополнителна вредност на плурализмот, ќе ја унапреди демократијата, ќе овозможи поголема компетитивност на идеи, вредности, политики и кадри. Секако, за да се случи тоа, потребни се измени на Изборниот законик за што е потребен консензус од сите парламентарни партии.

СДСМ чиј претседател сум, беше првата голема партија која заедно со помалите политички партии ја отвори темата за отворени листи и една изборна единица. Очекувам дека и другите големи политички партии ќе се водат од приниципите на унапредување на демократијата и ќе застанат зад моделот на отворени листи.

Во однос на само еден круг од локалните избори, треба да се направат соодветни анализи, да видиме конкретни предлози и аргументи, по што ќе следува и наш конечен став во однос на тоа прашање.

Поскапувањето на струјата за 7,4 отсто е причина за протести во неколку градови во државата, демонстрантите бараат поништување на одлуката и оставка на првиот човек на Регулаторната комисија, а лидерот на опозицијата веќе ве обвини дека Марко Бислимовски е ваш партиски кадар и дека извршува ваши желби. Како ќе одговорите на овие обвинувања?

-Олуката за утврдување на цената на електричната енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика кое е независно тело и кое се води по строго утврдени методологии и критериуми.

Граѓаните секако дека имаат право да изразуваат ставови по секое прашање, па така и по прашањето на цената на струјата. Но од друга страна протестите кои ги организира ВМРО-ДПМНЕ не се ништо освен лицемерие и обид за ситно политичко профитерство. Нема друг начин да се објасни тоа што денес загриженост за цената на струјата глумат оние кои за 100 отсто ја покачија цената на струјата и ја укинаа евтината дневна тарифа. Лукзузните возила кои граѓаните ги видоа на тие протести ја потврдуваат таа лицемерност, неискреност.

Фактите велат дека СДСМ ги намали и ги задржа стабилни сметките за струја, ВМРО-ДПМНЕ безобразно ги зголемуваше.

Само со воведувањето на евтината тарифа на струјата што го реализираше Владата што јас ја предводев, заштедата на просечната сметка за струја кај едно домаќинство изнесува над 300 денари месечно. Со новата корекција на цената, таа сметка ќе порасне за неполни сто денари, што во пракса значи дека дури и со оваа корекција заштедата на месечно ниво изнесува нешто над 200 денари, само поради тоа што сега секој ден има по два часа евтина струја.

Стартот на учебната година е закажан за 1 октомври, сепак средношколците веќе се заканија со бојкот, доколку нема комбинирана настава, родителите пак се загрижени да не се повторат сцените од регионот и Европа кога многу деца по враќањетово клупите се вратија дома заразени со Ковид. Со оглед на многуте непознаници, има ли можност за повторно одложување на стартот на учебната година?

-Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести во инклузивен процес заедно со наставниците, со учениицте и нивните родители изнајдоа решение што под овие околности пружа најдобар начин за организирање наставен процес кој е целосно безбеден и за наставниците и за учениците.

Eдинствената Национална платформа за онлајн учење од полноќ е веќе достапна. Пред стартот на учебната година, учениците и родителите, имаат можност да ја посетат и навремено да се запознаат со неа, со можностите и функциите што ги нуди.

Министерството за образование и наука во овој период е фокусирано во надминување на сите предизвици, успешно и безбедно да ја започнеме, но и завршиме учебната 2020/2021 година, покрај тоа што се соочуваме со пандемија на коронавирусот.

Секако дека инситуциите внимателно ќе ја следат состојбата и доколку се појави потреба, начинот на организирање на наставниот процес ќе се усогласува со новонастанатите ситуации. Тоа, впрочем, е овозможено и со измените на Законите за основно и средно образование што беа усвоени од страна на Собранието.

Ако сите ги почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот, ќе имаме безбедна и успешна учебна година и затоа ја користам приликата уште еднаш да апелирам сите заедно да се држиме до почитување на мерките, затоа што тоа е за доброто на сите нас.

„Со Бугарија ќе се договориме за Гоце Делчев“, изјавивте неодамна во позадина на се погласната најава на нашиот источен сосед дека ќе го блокираат нашиот пат кон ЕУ. Некои пак сметаат дека „преговорите за Делчев се преговори за нашето постоење“. Спремни ли сте за остапки за европска иднина на земјава?

-Односите со Бугарија ги темелиме на Догоорот за добрососедство и соработка меѓу двете земји кој е добра појдовна точка за затворање на сите отворени прашања.

Убеден сум дека постои добра шанса, секое отворено прашање, па и во однос на Гоце Делчев да најдеме решиме на начин на кој и двете страни ќе бидат задоволни. Низ отворен процес на соработка покажавме дека можеме да ги надминеме спорните прашања од минатото и да се сплотиме околу она што е заедничко за иднината на двете држави, а тоа е засилена соработка, партнерство и заемна доверба. Делчев не може да не двои, Делчев дејствувал за напредни идеи кои поврзуваат.

Во негова чест и во чест на неговите големи идеи и дела, сигурен сум дека и маккедонскиот и бугарскиот народ, и двете држави ќе го следиме патот кој води напред, а кој веќе ни е јасно исцртан и со Договорот и низ евроатлантските процеси.

Како ја гледате С.Македонија во 2024 година? Ќе биде ли земјава барем неколку чекори од ЕУ кога ќе истече вашиот мандат и дали тоа е најголемата ваша цел како премиер?

-Наше ветување пред граѓаните и приоритет во работата на Владата е да ги отвориме час поскоро преговорите со ЕУ. Влегуваме во овој процес целосно подготвени, со мисија во следните четири години, до 2024 година да имаме отворено и затворено 80 отсто од преговарачките поглавја, а целиот преговарачки процес да го затвориме за шест години отсега.

Тоа не е претерано очекување, туку реална можност која ќе ја оствариме со целосен ангажман на сите расположливи капацитети и секако со помош и поддршка од нашите европски пријатели.

Наша цел во овој мандат е да донесеме целосна трансформација и европеизација на Република Северна Македонија, период во кој ќе гледаме како државата позитивно се менува, како институциите стануваат поефикасни, како економијата напредува, а европските стандарди стануваат наши, домашни стандарди.

Покажавме дека може да се работи чесно, одговорно и професионално во интерес на граѓаните и за интересите на државата. Тоа, во следниот период ќе продолжиме да го правиме уште подобро и уште повеќе.

Заедно со граѓаните, продолжуваме да испишуваме светли поглавја на нашата демократија и заедно да го чекориме патот до подобра иднина за сите.

В.З.

loading...

Слични содржини