ИНТЕРВЈУ со Д-р.Мехмедовиќ: Вирусните мутации на ковид 19 поагресивно ги напаѓаат младите и здрави лица

од Берта Китинска

Трет бран на вирусот има разлика во клиничкиот аспект на болеста споредено со периодот ноември-декември 2020 година. Една од основните разлики е значително полошата лабораториска слика на пациентите, кои имаат значително покачени биохемиски маркери за инфекција. Другата загрижувачка констатација е дека е се поголема бројката на млади кои заболуваат во старосната група од 30 до 50 години, а некои од нив развиваат тешка или критична форма на болеста, вели во интервјуто за „Локално“, доктор Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија кој активно е вклучен во работата на ковид-центрите.

По прележаниот вирус, ковид симптоми може да бидат присутни и повеќе од 6 месеци, објаснува Мехмедовиќ додавајќи дека најчести несакани последици се замор, глабоволка, недостаток на воздух.

-Медицината се уште се обидува да открие зошто се јавуваат овие долготрајни ковид симптоми и дали одредени луѓе се поподложни на тоа. Пациентите кои биле на интензивно лекување поради ковид се најпогодени, многу од нив несакани ефекти дури и 12 месеци по прележување на болеста. Но долготрајните ковид симптоми се присутни и кај голем број на луѓе кои поминале со релативно лесна форма на болеста, вели пулмологот.

За докторот кој е во првите борбени редови во справувањето со пандемијата, вакцината и превентивните мерки се единствениот лек и спас од оваа криза.

Дел сте од лекарскиот тим кој лекува пациенти заболени од ковид 19. Дали може да ни објасните како изгледа една рентген снимка на белите дробови кога болеста прогресира и каква е состојбата на пациентите кои се тешко болни од ковид 19?

-Во изминатиот период како дијагностички стандард во ковид центрите на интерните клиники се користи компјутерската томографија . Со помош на оваа радиолошка метода се добива многу попрецизна диференцијација на стадиумот на болеста споредено со класичната рентгенграфија. Кај они кои имаат лесна клиничка слика пропратена со симптоми како температура, кашлица, омалаксаност честопати може да се забележат заматувања од типот на млечно стакло кои не зафаќаат повеќе од 10% од вкупната белодробна површина. Кај пациентите со тешка или критична форма на болеста сериозно се засегнати белите дробови и тогаш покрај заматеноста на одредени делови присутни се и други знаци како консолидација, а во поодминатите фази и фиброза на паренхимот(зафатеноста на белодробното ткиво може тогаш може да достигне и над 90%). Тоа сериозно ја нарушува размената на гасови, се карактеризира со

пад на сатурацијата со кислород, затоа на пациентите кои имаат ковид пнеумонија(воспаление на белите дробови како резултатат на инфекција со коронавирусот) им е неопходна кислородна подршка. Користењето на маска со систем за висок проток на кислород го зголемува процентот на кислородот во крвта, а оптималното ниво на сатурација е над 95%. Доколку сатурацијата се намали под 93% индицирано е внимателно медицинско следење на пациентот со цел да се утврди дали е потребна негова хоспитализација.

Дали со британскиот сој пациентите имаат различна клиничка слика од основниот вирус?

-Впечатокот кој што јас лично го имам од клиничката пракса во ковид центарот во текот на овој трет бран на вирусот е дека има разлика во клиничкиот аспект на болеста споредено со периодот ноември-декември 2020 година. Една од основните разлики е значително полошата лабораториска слика на пациентите, кои имаат значително покачени биохемиски маркери за инфекција. Вредностите на ЦРП, ЛДХ, ЦК, прокалцитонинот се значително повисоки. Истотака и факторите за хемостаза(познатите Д-Димери) се `се почесто зголемени. Другата загрижувачка констатација е дека е се поголема бројката на млади кои заболуваат (во старосната група од 30 до 50 години), а некои од нив развиваат тешка или критична форма на болеста. Еволуцијата на вирусот преку мутациите, кои се во фокусот на медицината во изминатите 3 месеци, му овозможи почесто и поагресивно да ги напаѓа младите и здрави индивидуи кои немаат пропратни хронични заболувања и тоа е нешто што сериозно не загрижува. Не е мал и бројот на хоспитализирани деца на клиниката за педијатрија, каде според последните информации се хоспшитализирани 21 дете болно од ковид, а најмалото бебе е на возраст од само 45 дена.

Што би им препорачале на болните од астма или друга хронична белодробна болест?

-На сите оние коишто имаат хронична болест, не само астма или ХОББ, туку и на оние кои што имаат дијабет, срцеви заболувања, мозочни удари, малигни заболувања им препорачувам да го намалат максимално бројот на контакти кои ги имаат во текот на еден ден. Кога избегнувањето на тие контакти е невозможно потребно е строго почитување на индивидуалните мерки за заштита(одржување на дистанца, носењето на маска и редовна хигиена и дезинфекција на рацете). Тоа се единствените мерки (заедно со масовната вакцинација) со коишто во овој момент можеме да го забавиме ширењето на вирусот.

Британскиот сој се шири во земјава. Покрај мерките во моментов имаме полициски час кој почнува од 22 часот. Дали можеби треба да се донесат поригорозни рестрикции?

-Според сите анализи и проценки британската е доминатна варијанта на вирусот во нашата земја. Оваа варијанта на вирусот е докажано поконтагиозна (полесно се пренесува од човек на човек), но и повеќе ги инфицира помладите во однос на претходната Вуханска варијанта на вирусот. Мојот став е дека требаше да се донесат поефикасни (не би го користел терминот ригорозни) мерки кои ќе ја ограничат трансмисијата на вирусот. Имаме бројни докажани примери од светот на јавно здравствени мерки по чија примена значително се намалила трансмисијата на вирусот, а при тоа не била „ригорозно“ ограничена слободата на движење. Кина, Јужна Кореја и Малезија се пример на земји кои врз основа на следењето на варијантите, промените во

трансмисијата, клиничката слика, тежината на болеста дизајнираа содветни противмерки од јавноздравствен карактер кои се покажаа како ефикасни.

Ja примивте вакцината на Фајзер вакцината дали можеби имавте некаква реакција и дали ги проверивте антителата?

-Единствената реакција која ја имав при вакцинацијата и ревакцинацијата со вакцината на Фајзер беше болка на местото на апликацијата која траеше помалку од 24 часа, други несакани дејства немав. Кај малкумина колеги се појавија симптоми на замор, болки во мускули и незначително покачување на телесната температура, но немаше случаи со сериозни и долготрајни компликации. Сеуште не сум испитал колкав е титарот на антителата од причина што сум ангажиран во ковид центарот на интерните клиники, имаме многу обврски и голема одговорност а малку слободно време. Нека заврши и овој трет бран на пандемијата па ќе го направам и тоа испитување.

Во последно време се повеќе студии укажуваат дека постојат постковид симптоми. Дали веќе има вакви реакции кај пациентите кои го прележале вирусот и од што најчесто се жалат?

-Ослабени ковид симптоми може да бидат присутни и повеќе од 6 месеци од почетокот на болеста кај некои пациенти. Медицината сеуште се обидува да открие зошто се јавуваат овие долготрајни ковид симптоми и дали одредени луѓе се поподложни на тоа. Најчестите симптоми се болки во муслулите, слабост, глабоволка, недостаток на воздух но сите се со интензитет помал од оној кој што се јавува во активната форма на болеста. Пациентите кои биле на интензивно лекување поради ковид се најпогодени, многу од нив несакани ефекти дури и 12 месеци по прележување на болеста. Но долготрајните ковид симптоми се присутни и кај голем број на луѓе кои поминале со релативно лесна форма на болеста. Проценката е дека 20% од луѓето кои воопшто немале никакви симптоми чувствуваат исцрпеност на организмот во наредните 6 недели, а 10% од луѓето кои не биле хоспитализирани и имале лесна форма болеста ќе имаат симптоми на долготраен ковид во времетрање од просечно 3 месеци.

Кој е вашиот совет за успешно постковид опоравување и закрепнување на организмот?

-Правилната исхрана, користењето на витамини, суплементи и умерената физичка активност се основни елементи за рехабилитација на организмот по ковид инфекцијата. Сепак на оние пациенти кои прележале тешка форма на болеста им советувам да побараат стручна медицинска помош од лекари физијатри во специјализираните здравствени центри за физикална медицина во нашата држава.

Пред нас е период во кој веќе започнуваат алергиите.Дали може да се направи разлика помеѓу алергиските симптоми и симптомите на Ковид 19?

-Многу полесно е да се разликуваат алергиските ракции од ковид отколку да се разликува ковид од останатите вирусни заболувања (како на пример вирусот на инфлуенца или попознат како грип). Во општиот статус основна разлика е во покачената телесна температура карактеристична за ковид(но не и за алергиите), како и останати некарактеристични симтпоми-заморот, гушењето, болката во мускулите и зглобовите кои се јавуваат при инфекција со коронавирусот. Алергиските реакции се периодични и во пролетните месеци претежно се јавува алергија на инхалаторни алергени. Симптомите како течење или затнатост на носот, сува надразителна кашлица, свирење во градите и им се добро познати на луѓето кои имаат алергиски реакции.

Вакцината е единствениот лек против пандемијата, но сепак постои скептицизам. Зошто има недоверба кај народот околу вакцинацијата против ковид 19?

-Вакцината и превентивните мерки се лек за пандемијата, и не би можеле да ја приведеме кон крајот оваа криза доколку немаме масовна вакцинација проследена со строго почитување на превентивните мерки. Но во однос на недовербата во вакцините сметам дека потребно е да се разгледа индивидуалното разбирање на два одвоени аспекти. Првиот аспект се однесува на разбирањето на напредокот на науката и нејзината безбедност и ефикасност, и сметам дека стручните лица кои се упатени во оваа проблематика лесно ќе дадат одговор на сите прашања кои создаваат скептицизам во процесот на вакцинација. Вториот аспект се однесува разбирањето на политичарите кои одлучуваат за тоа што е најдобро за нашето здравје и врз основа на што ги базираат таквите одлуки. Доколку одредени одлуки се неприфатливи и нелогични тоа создава недоверба во системот, и одговорот за нивната оправдана имплементација треба да го дадат политичарите. Во моментот кога секој од нас индивидуално во целост ќе може да ги разбере овие два аспекти тогаш ќе имаме решение за скептицизмот во целост, па и во вакцините за ковид 19.

Дали сметате дека е потребна поагресивна кампања, за да се подигне нивото на свесност дека вирусот посебно сега кога има повеќе видови е опасен?

-Потребна е централизирана државна кампања, кампања која ќе се фокусира на аспектите кои претходно ги споменав(научниот и политичкиот аспект). Најголемиот предизвик е да создадете реална перцепција за опасноста од овој микроскопски патоген, а тоа ќе биде тешко остварливо без да се понудат соодветни одговори на сите научни и политички прашања поврзани со оваа пандемија. Потребна е кампања базирана на транспарентност, инклузивност, посветеност и одговорност. Кампања без овие атрибути нема да успее да го подигне нивото на свесност за опасноста на вирусот ниту денес, ниту во блиска иднина. И ова треба да биде заеднички напор на сите земји, затоа што ако на глобално ниво не успееме во тоа, оваа пандемија ќе му го нанесе најголемиот пораз на човештвото во неговата историја. Јас искрено се надевам дека тоа нема да се случи.

Б.М.

Слични содржини