ИНТЕРВЈУ со др.Ставридис: Само вакцините ќе го спречат вирусот да беснее и убива

од Берта Китинска

Имунолошка реакција предизвикана од вакцината може да се манифестира со тромбоза. Не станува збор за класична тромбоза, туку за парадоксална состојба на тромбоза како настанува поради оштетување на тромбоцитите, чии вредности истовременосе многу ниски, вели директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис во интервјуто за „Локално“.

Таа напоменува дека овие несакани случки, се многу ретки и нема место за недоверба и страв во вакцините.

-Повеќе треба да не плаши сознанието дека вкупниот број на жртви од коронавирусот е поголем од три милиони лица. Само вакцините ќе го спречат вирусот да беснее и убива. Компликациите од вакцини се многу ретки, а предностите од вакцинацијата се неспоредливо поголеми од штетите кои ги преживува човештвото, објаснува Ставридис.

Докторката објаснува дека кај 10-20 проценти од пациентите кои се заболени со ковид 19 имунолошкиот одговор е неадекватен и болеста прогресира во неколку фази, а најчестата причина за смртт е кардиореспираторната инсуфциенција кој води до откажување на скоро сите органи.

Ставридис вели дека потребна е едукација на населението со цел да се подигне свеста на граѓанин за големиот хуман гест , а тоа е донирање на органи.

-Доброволен донор на коскена срцевина може да биде секое здраво лице, на возраст од 18 до 50 години, без сериозно заболување во минатото. Иницијално, потенцијалниот донор дава само пет милилитри венска крв. Во тој примерок се прават специфични анализи и се одредува генетскиот печат на донорот наречен генотип, вели докторката.

На вашата клиника беше хоспитализирана 28-годишната девојка која по вакцинацијата во Србија со „АстраЗенека“ добила тромботична реакција. Каква е оваа тромбоза, дали има разлика?

На Клиниката за Хематологија пред четири недели беше хоспитализирана 28 годишна пациентка, дијаностицирана со синдром на тромбоза предизвикани од имунолошки оштетени тромбоцити, чии вредности дополнително се ниски, а се јавувила како последица на имунизација со вакцината против COVID-19 на АстраЗенека.

Нашата пациентка по спроведената современа дијагностика и адекватниот третман, согласно најновите светски стандарди за третман на оваа состојба беше хоспитализирана 7 дена и е во добра општа и здравствена состојба.Европската агенција за лекови (ЕМА) оваа состојба ја опиша како многу ретка, со инциденца на јавување од 1 на 125000 до 1 на 1000000 вакцинирани индивудии.

Комитетот за проценка на ризик од фармаковигиланца (PRAC) на EMA, на посебна седница месецов заклучи дека состојбите на невообичаените згрутчување на крвта со ниски новоа на тромбоцити преставуваат многу редок несакан ефект на вакцината на АстраЗенека против COVID-19.

Здравствените работници и луѓето кои ја примаат оваа вакцина треба да се свесни за можноста за многу ретки случаи на згрутчување на крвта во комбинација со ниски нивоа на тромбоцити во крвта, што се случуваат две недели по вакцинацијата.Минатата недела истиот несакан ефект во САД, Агенција за храна и лекови (ФДА) го поврза и со вакцината против КОВИД-19 на компанијата Џонсон-Џонсон.

Во основа на овој несакан ефект, кој се манифестира со тромбоза е резултат на имунолошка реакција предизвикана од вакцината. Не станува збор за класична тромбоза, туку за парадоксална состојба на тромбоза како настанува поради оштетување на тромбоцитите, чии вредности истовременосе многу ниски. Како причина за појава на овие многу ретки настани, до сега не се идентификувани никакви специфични фактори на ризик, како што се возраст, пол или претходна медицинска историја за нарушувања на коагулацијата.

Ја корситам оваа прилика да порачам, дека и покрај опишаните несакани случки, кои се многу ретки, нема место за недоверба во вакцините и страв. Повеќе треба да не плаши сознанието дека вкупниот број на жртви од коронавирусот е поголем од три милиони лица. Само вакцините ќе го спречат вирусот да беснее и убива. Компликациите од вакцини се многу ретки, а предностите од вакцинацијата се неспоредливо поголеми од штетите кои ги преживува човештвото.

Вирусот е непредвидлив, а пациентите заболени од Ковид-19 често умираат поради тромбоза. Ќе може ли да ни објасните што точно вирусот „напаѓа“ и ја предизвикува оваа состојба?

КОВИД-19 е болест која има неколку фази, а секоја фаза има свои специфики. Во првата фаза има само инфекција на горните респираторни патишта со која имуниот систем кај најголемиот дел пациенти успева релативно лесно да се справи.

Меѓутоа, кај 10-20 проценти од пациентите имунолошкиот одговор е неадекватен и болеста прогресира во втората фаза, каде има зафаќање на белите дробови, околу една третина од овие пациенти болеста преминува во третата фаза каде има прекумерна реакција на дел од имуниот систем и поради тоа, попуштаат и други органи. Кај овие пациенти многу често се појавуваат и тромбози. Статистиките велат дека кај секој петти хоспитализиран пациент со КОВИД-19 се развива тромбоза како компликација на вирусната инфекција. Вирусот примарно го оштетува ѕидот на крвните садови поради што се јавуваат генерализирани тромбози. Причините за смрт се различни, но најчесто е кардиореспираторната инсуфциенција или акутниот респиратоен дистрес синдром кој води до откажување на скоро сите органи и системи од телото.

Кои се првите знаци по кои можат пациентите навреме да откријат дека страдаат од тромбоза?

Тромбоза или крвно згрутчување е процес кој најчесто се јавува во крвните садови на долните екстремитети. Притоа крвта се згрутчува внатре во крвните садови-примарно во вените, а понекогаш и артериите што резултира со прекин проток на крвта низ крвниот сад и појава на оток, болка, тежина и топлина во ногата. Поретко се јавува во крвните садови на рацете, белите дробови , стомакот, централниот нервен систем и се разбира коронарните срцеви крвни садови. Симптомите се разликуват во зависност каде се настанува крвното згрутчување, но како чести симтоми се препознаваат: градна болка, болка, црвенило и оток на екстремитет, силни гавоболки, замаглен вид, мачнини, повраќање, но и отежнато зборување, едностран оток на телото, телесна слабост, поспаност, итн.

Дали лицата кои страдаат од тромбоза треба да направат преглед пред да примат вакцина против ковид 19? И дали би смееле да примат вакцина?

Лицата кои страдаат од тромбоза не треба да прават посебен и дополнителен преглед пред вакцинацијата против Ковид-19. Медицинска историја за тромбоза и актуелна, антикоагулантна терапија не се контраиндикација за имунизација.

Постојанo се споделуваат информации за појавата тромбозата по вакцинацијата. Што се треба да знаеме за тромбозата во корелацијата со вакцината?

Европската агенција за лекови ( ЕМА) многу внимателно ги следи сите евентуални промени кои се јавуваат по вакцинирањето против Ковид 19, без разлика за која вакцина станува збор. ЕМА пред неколку денови ја потврди својата проценка дека користа од вакцината против Ковид 19, е поголема од ризиците и тоа кај лица од сите старосни групи, вклучувајќи и здрави лица. ЕМА го препорача вакцинирањето и со втора доза од вакцината АстраЗенека. Случаи на невообичаени згрутчување на крвта со ниски тромбоцити се евидентирани кај луѓе кои примиле АстраЗенека вакцина против КОВИД-19. Шансата да се појави ова е многу мала, но сепак треба да сме свесни за симптомите, за да можее да добиеме навремен медицински третман, и да се избегнат дополнителни компликации. Ако пациентот препознае некој од нведените симптоми, во првите две недели по вакцинацијата, треба веднаш да се побара медицинска помош :

отежнато дишење

болка во градите

оток на ногата

постојана болка во стомакот

невролошки симптоми, како што се силни и постојани главоболки или заматен вид

или ситни точкасти крварења по кожата на долните екстремитети или стомакот

Вакцината е единствениот лек против пандемијата, но сепак постои скептицизам. Зошто има недоверба кај народот околу вакцинацијата против ковид 19?

Минатата година човештвото беше исправено пред предизвик колку бргу ќе дојде до вакцината како единствено ефикасно решение за справување со падемијата. Вообичаено, за нова вакцина во минатото беа потребни повеќе

години. За среќа, за Ковид пандемијата се работеше многу интензивно и вакцината ја добивме во најкус можен рок . И покрај ваквиот успех можеби и токму поради брзината со која се дојде до вакцина, се појавија многу непроверни гласини. Медиумите во трката за нова вест, намерно или случајно предзвикаа многу двоумења и непотребна конфузија кај населението. Но, наспроти сите шпекулации, стојат резултатите објавени од релевантни медицински публикации кои преку проверени методологии недвосмислено ја потврдуваат високата безбедност и огромните придобивки од вакцинирањето. Најдобар доказ за тоа се земјите кои први целосно се имунизираа и се ослободија од вирусот. Прв таков пример е Израел.

За мене како човек од науката, не постои сомнеж дека која било вакцина е подобар избор од средба со вирусот на невакцинираните. Нема никаква потреба од стравување. Досега се аплицирани стотици милиони дози низ целиот свет. Резултаите се одлични.

Иако појавата на згрутчување на крвта како несакан ефект на вакцинацијата АстраЗенека е сè уште исклучително ретка ,некои лекари ги советуваат своите пациенти по вакцинирањето да земаат помали дози на лекови кои содржат ацетилсалицилна киселина, односно оние од „семејството“ на Андол или Аспирин. Дали овие лекови треба да се пијат по вакцинацијата со АстраЗенека?И дали постои можности од несакани ефекти?

Апосултно нема потреба по вакцинирањето против Ковид-19, независно од кој производител е вакцината, кај кој било пациент да се воведе анти-агрегациона терапија. Само ако оваа терапија кај пациентот е индицирана поради друга здравствена причина од предходно, треба да продолжат со истата. Советувам, за сите нејаснотии околу вакцинацијата против Ковид-19 граѓаните да се обратат кај своите матични лекари.

Појавата на синдромот на тромботична тромбоцитопенија која е асоцирана со вакцината на АстраЗенека и е исклучително ретка, инциденцата на јавување се мери во промили, а се јавува поради имунолошки механизми и за жал нема начин да се превенира.

Моја препорака до граѓаните е да бидат спокојни околу спроведената имунизација бидејки овој несакен ефект е есктремно редок и во голема мера совладлив. Најважно е да запаметиме дека придобивките од вакцинацијата за COVID-19 се неспоредливо поголеми од ризикот од евентуалните негативните ефекти.

Клиниката за хематологија пред неколку месеци започна да ја применува нова метода на лекување, фотоферезната имунолошка клеточна терапија. За каква терапија станува збор и на кој начин им помага на пациентите?

На Универзитетската Клиника за Хематологија воведена фото-имуномодулаторна терапија. Ова е уште еден исчекор во модернизирање на лекувањето на пацинетите на нашата Клиника, инвестиција во квалитетен здравствен систем за граѓаните. Станува збор за специјална машина во која дел од крвта на пациентот се третира со специјален фотосензитивен лек и потоа се изложува на специфична светлосна комора во која се активира.

Крвта потоа се враќа назад и делува во организмот.Овие третмани се надеж за болните кои страдаат од Т-клеточни лимфоми, пациенти кои развиваат акутна или хронична форма на болеста GVHD (болест предизвикана кога донираните матични клетки ги напаѓаат нормалните клетки кај домаќинот), за определени имунолошки болести и состојби (системска склероза, кронова болест) кај пациенти после трансплантација на солидни органи (посебно срце, бели дробови) кај кои телото го отфрла органот.За овој начин на лекување нашите пациенти претходно заминуваа да се лекуваат надвор од нашата земја, а од неодамна им е достапна на нашата Клиника.

Полека се крева свеста кај граѓаните за донирање органи. Колку пациенти од земјава имаат потреба од трансплантација на коскена срцевина и веќе се ставени на листа на чекање?

Свеста за донација на матични крвни клетки, хуманоста и желбата за спасување на човечки живот е на многу високо ниво во европските земји. Во Светскиот регистар на доброволни донори, пријавени се околу 50 милиони потенцијални донори на матични крвни клетки. Овој број е во континуиран пораст. Од 2013 година нашиот национален регистар е член на ова големо семејство. Во моментов тој брои 5000 донори. Неопходно е да се зголеми овој број. За подигање на свеста, потребна е континуирана едукација на населението.

Граѓаните треба да се запознаат со едноставноста на процесот, големата хуманост на гестот и можноста да спасат нечиј живот.Благодарам што и вашиот медиум, со ова интервју се става на располагање за едукација и промоција на овој благороден чин.

На нашата клиника нема листа на чекање. Пациентот, доаѓа, го дијагностицираме, прима терапија, постигнува ремисија, ако има потреба од трансплантација прво се тестираат членовите на семејството. Ако има донор од нив, се прави алогена сродна трансплантација, а во спротивно пристапуваме кон барање на несроден донор.

Сродната трансплантацијата на матични клетки е интервенција која се спроведува на нашата Клиника од 2000 година и досега се реализирани повеќе од 600 трансплантации за болни со малигни и немалигни хематолошки заболувања.

Од 2018 се воведени две нови исклучително значајни тераписки процедури за македонската хематологија и медицина воопшто, трансплантација од несроден донор и полуидентична трансплантација на матични клетки, достапни се сите услуги од спектарот на трансплантација.

Годинава, во извонредно сложени услови за работа досега спроведовме повеќе од 20 интервенции. За нас, како професионалци огромен е предизвикот да овозможиме непречено одвивање на овие интервенции. Изедначувањето на стандардите во примената на различни видови трансплантација на коскена срцевина, не само кај возрасни туку и кај деца, е големо остварување за нас не само како експерти, туку и како медицински центар од нашата држава кој застанува рамо до рамо со најреномираните во Европа. Македонските осигуреници имаат опција плус за излекување во рамките на јавното здравство на Република Сверна Македонија.

Кој сè може да биде дарител на коскена срцевина и да се приклучи во регистарот на дарители?

Доброволен донор на коскена срцевина може да биде секое здраво лице, на возраст од 18 до 50 години, без сериозно заболување во минатото. Иницијално, потенцијалниот донор дава само пет милилитри венска крв. Во тој примерок се прават специфични анализи и се одредува генетскиот печат на донорот наречен генотип. Тој податок се чува во базата на националниот регистар. Преку регистарот овие информации се разменуваат со Светскиот регистар на доброволни донори, со што се зголемува шансата да се најде најидеалниот совпадлив донор за секој пациент. Комплетна идеална генска совпадливост меѓу донорот и болниот е предуслов за успешно изведена трансплантација. Сите информации од регистарот се строго доверливи и достапни само за да се процени дали можете да бидете донатор на коскена срцевина и да спасите живот. За почеток, се што треба да направите за да станете член на глобалното семјство доброволни дарители на коскена срцевина е да одвоите 30-тина минути од вашето време и да дојдете на нашата Клиника или на Институтот за хумана генетеика и имунологија при УКИМ-медицински факултет-скопје и дарувате една епрувета крв.

Б.М.

Слични содржини