Интервју со ДУПЕР: Ја сакаме македонската публика, да не беше таа, ќе бевме само обични студенти

од Берта Китинска

Тргнувајќи од нас двајца, секој е желен да чуе нешто ново на својот мајчин јазик. Досега сме имале многу убави искуства и коментари, а нормално и лоши затоа што тоа оди во пакет, но тоа значи и дека некому му е доволно важно за да го даде своето мислење. Ја сакаме македонската публика, да не беше таа, ќе бевме само обични студенти, велат во интервју за „Локално“ Борис Какуринов и Илчо Нечовски од групата ДУПЕР.

„Како деца, најмногу се радувавме кога ќе видевме дека двајца или повеќе успешни музичари имаат заеднички сингл, албум или било што друго. Затоа и се трудиме да воспоставиме контакт со сите што ни се допаѓаат и да направиме нешто убаво, што ќе ни остане на сите како спомен“, наведоа тие.

Во врска со корона-кризата, изјавија дека како на сите, така и ним им пропаднале многу планови кои сакале да ги остварат годинава, но додадоа дека „мора да останеме позитивни и да не се заглавуваме во место заради дадената ситуација“.

Од групата велат дека успеале да објават нов сингл и спот во изминатите месеци, за време на пандемијата на коронавирус, и дека се уште работат.

„Моментално сме преокупирани со албумот кој сакаме да го објавиме во најскоро можно време. Ги довршуваме снимањата“, ни открија тие.

Имате ли одреден настап или концерт кој што ви има посебно значење?

– Заради сплет на околности, за жал немавме онолку настапи колку што сакавме, но од оние кои се реализираа како најдраг, секако ни е првиот пат, во МКЦ. За прв пат се качивме на сцена и изведувавме наши, авторски песни, а луѓето дојдоа и нѐ поддржаа. Прекрасно искуство.

За која песна би кажале дека ви е лична карта?

– Сигурно е „Не сум твој тип“, не само заради тоа што ни е прва, туку и заради тоа што ни овозможи влез во македонската музичка сцена. И ден денес првата асоцијација за ДУПЕР е токму тој сингл.

 Каква е македонската публика?

– Македонската публика е таква каква што треба да биде, од првиот, до последниот слушател. Тргнувајќи од нас двајца, секој е желен да чуе нешто ново на својот мајчин јазик. Досега сме имале многу убави искуства и коментари, а нормално и лоши затоа што тоа оди во пакет, но тоа значи и дека некому е доволно важно за да го даде своето мислење. Ја сакаме македонската публика, да не беше таа, ќе бевме само обични студенти.

Што ѝ недостасува на македонската музичка сцена?

– Можеби повеќе пријателства, соработки и меѓусебна комуникација. Како деца, најмногу се радувавме кога ќе видевме дека двајца или повеќе успешни музичари имаат заеднички сингл, албум или било што друго. Затоа и се трудиме да воспоставиме контакт со сите што ни се допаѓаат и да направиме нешто убаво, што ќе ни остане на сите како спомен. И нормално, на македонската музичка сцена ѝ фали уште многу, многу нова музика од нови млади изведувачи кои не по секоја цена ќе ги следат трендовите. Зборуваме за изведувачи кои сами ќе бидат автори на својата музиката. Би било одлично и да се појават нови женски вокали и женски автори.

Колку ве плаши корона вирусот?

– Дефинитивно не сме преплашени, но внимаваме да се придржуваме до мерките и правилата што се предложени од оние кои повеќе знаат од нас. Сепак, ние сме млади луѓе кои сакаат активно да работат и да остваруваат. Се трудиме да балансираме меѓу тие две крајности и досега добро ни оди без оглед на околностите.

Колку и како ви влијаеше корона-кризата?

– Како на сите, така и нас, ни пропаднаа многу планови кои сакавме да ги оствариме оваа година. Мораме да останеме позитивни и да не се заглавуваме во место заради дадената ситуација. Како и да е, се трудиме да надоместиме за се она што не успеавме да го реализираме и се надеваме дека следната година ќе биде поуспешна за сите нас.

Како изгледаше вашето секојдневие во изминативе месеци, откако музичката индустрија запре со своите настапи и снимање албуми?

– Можеби некој сопрел со снимања, но ние не сме застанале воопшто. Напротив, успеавме да објавиме сингл, а и спот и се уште работиме. Единствено нешто што не можевме да го оствариме е настапувањето и тоа најмногу ни недостига.

За време на карантинот се правеа лајв концерти, како поминаа тие ?

– За нас, настапувањето ни е најдраго кога се одвива во живо и пред публика. Заради тоа и не се нафативме да снимаме како ги пееме нашите песни на камера. И покрај тоа, проследивме неколку свирки од другите музичари кои беа супер и си ја извршија функцијата.

Во септември излезе ваша нова песна. Како се одвиваа подготовките за песната и спотот во време на пандемија?

– Сѐ трудевме да не се заглавуваме во проблемите и наоѓавме начин да го направиме тоа што сакавме да го направиме тогаш. Секако, сите услови беа „вонредни“, но тоа не не спречуваше да ја завршиме песната и да го снимиме спотот.

За Бела ноќ имавте настап во „Борис Трајковски“. Какво беше чувството да се настапи во попразна сала, додека сите во публиката носат маски?

– Пред сѐ, огромна чест ни е што бевме повикани да настапиме меѓу тие од кои што сме научиле за тоа како треба да звучи една македонска песна. Се запознавме со многу големи имиња и изведувавме наша песна на истата сцена со нив. Во однос на публиката, иако сите носеа маски и седеа на одредена дистанца, се чувствуваме благодарни што дојдоа и нѐ слушнаа. Го цениме секој убав гест на слушателите и тоа нас многу ни значи.

Дали работите на нешто ново во моментов?

– Моментално сме преокупирани со албумот кој сакаме да го објавиме во најскоро можно време. Ги довршуваме снимањата и едвај чекаме да ги слушнете новите песни.

Идни планови?

-Се надеваме дека цела оваа ситуација ќе оди на подобро, и дека сите ќе излеземе здрави, живи и посреќни. Сега за сега сме концентрирани на тоа да го затвориме досегашниот наш циклус во форма на еден албум и сето тоа да се одвива како што треба. Во блиска иднина планираме настапи, песни и соработки, а во далечна – Греми.

С.К.

loading...

Слични содржини