ИНТЕРВЈУ со Филип Поповски (Готвиме со Фичо): Ќе научиш и ќе бидеш добар само ако грешиш

од Stefanija Kuzmanovska

Отсекогаш сум сакал да готвам. Уште како мал сум се интересирал за оваа наука. Уште додека бев во средно имав веб страница / портал за рецепти и новости во кулинарството, раскажа во интервју за „Локално“ Филип Поповски кој во јавноста е познат по своето кулинарско шоу „Готвиме со Фичо“.

„Многу рецепти сум ги совладал успешно, а и многу сум ги утнал многу пати! Нема страшно во тоа да згрешиш. Ќе научиш и ќе бидеш добар само ако грешиш“, наведе Фичо.

Откри дека омилена храна му е азиска, но од причина што, како што вели, кај нас има лимитирани состојки за азиска кујна, втора омилена му е италијанската.

„Готвењето е сплет на техники кои ако ги научиш ти преостанува само да бидеш креативен. Креативниот дел е најтешката работа, креативната работа е исцрпувачка, напорна и захтевна. Лесно е да биде човек креативен само кога ‘ќе му дојде’. Кога работите во кулинарство вас ви е работа да бидете креативни нон-стоп, секој ден! 24/7“, истакна тој.

Според него, добрите шефови треба да бидат визионери, креатори на чинијата, конструктори и добри математичари.

„Често јас готвам, меѓутоа не одбивам ако се понуди некој да ми зготви. Не осудувам, прифаќам. Сакам да пробам храна и идеи од други готвачи“, додава Фичо.

Кога се појави твојата желба за готвење? Што те инспирира да ја одбереш токму оваа професија?

– Отсекогаш сум сакал да готвам. Уште како мал сум се интересирал за оваа наука. Уште додека бев во средно имав веб страница / портал за рецепти и новости во кулинарството. Во тоа време оваа професија кај нас се уште не беше толку актуелна и беше застаната со развој. Имав желба да се запишам на некој од многуте светски курсеви за готвење меѓутоа беа доста скапи и не можев да си ги дозволам па така нарачував книги од каде стигнам. Правев се за да научам за состојките, методите и трендовите во кулинарството. Јас сум магистер по Интелектуална сопственост меѓутоа останав да работам во кулинарството. Од Правниот факултет ми остана навиката да научам, па така лесно ја совладав теоријата за кулинарството, а практичниот дел се уште го учам и ќе го учам до крајот на животот.

Дали се сеќаваш кое јадење беше првото кое успешно го имаш подготвено и пред колку време од прилика било тоа?

– Уффф искрено не ми текнува! Тоа било многу оддамна… Многу рецепти сум ги совладал успешно, а и многу сум ги утнал многу пати! Нема страшно во тоа да згрешиш. Ќе научиш и ќе бидеш добар само ако грешиш. Еден светски познат готвач вели: „Ќе бидеш добар колку мене само ако направиш грешки колку што сум направил јас“.

Кое е твоето омилено јадење?

– Омилена храна ми е азиска! Многу ми се допаѓаат миксот на вкусови во оваа кујна! Од причина што кај нас сме со лимитирани состојки за азиска кујна, втора омилена ми е италијанската! Фантастична кујна!

Се случило ли да згрешиш при подготовка на некој рецепт? Кое јадење тие е меѓу најтешките за подготвување?

– Милион пати! Француската кујна е доста захтевна. Тешка е за подготвување и е многу комплексна. Секое јадење во оваа кујна е процес од стадиуми во кој не смееш да утнеш ниту еден чекор.

Кој од познатите странски готвачи ти е идол?

– Имам повеќе идоли во повеќе правци. Би ги издвоил Седрик Гролет кој е одличен слаткар, Џошуа Вајсмен е топ шоумен и добар шеф, Алекс Атала е врвен шеф и многу други.

Од каде црпиш инспирација за твоите специјалитети? Од каде добиваш идеи за разновидните оброци кои ги подготвуваш?

– Најчесто се инспирирам од барањата на луѓето кои ме следат, секојдневно добивам многу пораки со прашања за некое јадење. Фактички секое наредно видео ми е инспирарно од барањата на публиката. Секако не можам да го изоставам интернетот како бесконечна база на идеи!

Каде го усоврши твоето знаење за оваа професија? Кој е „виновен“ што си еден од најдобрите и најомилени готвачи во државава?

– Искрено највеќе научив од книгите кои ги исчитав, можам да ја издвојам книгата за темелот на модерната кујна од Аугуст Ескофиер – фантастична книга! Школа за готвење од Алан Дукас е исто така одличен учебник. Готвењето е сплет на техники кои ако ги научиш ти преостанува само да бидеш креативен. Креативниот дел е најтешката работа, креативната работа е исцрпувачка, напорна и захтевна. Лесно е да биде човек креативен само кога „ќе му дојде“. Кога работите во кулинарство вас ви е работа да бидете креативни нон-стоп, секој ден! 24/7! За себе не можам да речам дека сум најдобар готвач, за никој не можам да речам дека е најдобар… фактички добар си колку последната сервирана чинија. Според мене добрите шефови треба да бидат визионери, креатори на чинијата, конструктори и добри математичари. На крајот од денот угостителството е бизнис и без добра математика не можете да бидете успешни.

Да готвиш или да ти готват? Што преферираш?

– Често јас готвам, меѓутоа не одбивам ако се понуди некој да ми зготви. Не осудувам, прифаќам. Сакам да пробам храна и идеи од други готвачи. Јас сум супер гостин, критиката ми е најчесто со параболи, па кој сфати, сфати. :) Директен сум само ако сум сведок на глупост, но тоа не се случува често бидејќи каде што одам да јадам најчесто ги познавам готвачите и знам што ме чека. Сакам кога ќе ме изненадат колеги и понекогаш сум горд што ги познавам.

Дали еден ден би сакал да имаш свој ресторан? Дали можеби имаш желба да ги подучуваш идните кулинарски генерации?

– Сон на секој Шеф е да има свој ресторан. Јас сум задоволен и со мојот удел во Маџо2.0, направивме модерен локал со „street food“ храна која за мене е поп култура. Ние нудиме храна која секој може да си ја дозволи и воедно да јаде високо квалитени состојки по нормални цени. Често добивам критики дека храната е скапа и можам само да порачам дека ние не продаваме скапа храна, ние продаваме квалитет, а квалитетот чини повеќе, во секоја бранша.
Подучувам само доколку ми се обратат за помош, никогаш не се наметнувам. Јас верувам дека на еден човек на сила можеш само да му земеш, а не и да му дадеш.

С.К.

Слични содржини