ИНТЕРВЈУ СО Ѓурѓевиќ: За да се обезбеди самоодржливост на производство на струја во рамки на „Отворен Балкан“, потребна е соработка од САД и ЕУ

од Vladimir Zorba

За стопанската комора на Србија најавеното меѓусебно помагање на земјите членки на „Отворен Балкан“ во областа на енергетиката е суштински принцип, што во пракса треба да значи искористување на секоја можност, особено во рамки на обновливата енергија. 

Сепак, потребна е детална и сеопфатна  анализа на целиот процес која не може да биде завршена за кус период, изјави за „Локално“, Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот  на Стопанската комора на Србија.

Според него, утврдувањето на капацитетите на моменталното производство на електрична енергија, како тие се добиваат и дали е можно една држава да и помогне на друга доколку и е потребно, не само што не е работа којашто може да се заврши за еден или два месеци, туку подразбира поголема соработка во однос на идните извори на енергија коишто ќе се користат.

„За таков вид стратегија нам ни е потребна соработка и со ЕУ и со САД, односно да утврдиме кој би бил најсоодветниот начин за да се обезбеди во што поголема мера самоодржливост на производството на електрична енергија во рамки на Западeн Балкан, односно трите држави членки на иницијативата Отворен Балкан.

Во таа насока, вели тој, треба да биде и одлуката дали е доволна соларната енергија, гасот, хидропотенцијалот или пак можеби треба да се размислува за нуклеарна електрана која би била поврзана со трите држави.

Во однос на тоа до каде е процесот на верификација на дипломите од трите земји членки, Ѓурѓевиќ објаснува дека се чека на ратификација на Спогодбата за единствен пазар на работна сила во македонското собрание.

„Многу работи зависат од политичката динамика во трите држави, па оттука и нашата надеж дека опозициските партии ќе го сфатат значењето на овие спогодби во однос на сите граѓани, без оглед на нивната партиска припадност и дека ќе гласаат за ратификација на овие спогодби“, вели Ѓурѓевиќ.

Меѓународниот саем на вино им дава можност на балканските вински патишта да се позиционираат на светската винска мапа. Македонците се особено горди на своите вина, но прашање е колку вината од регионот се препознатливи на светскиот пазар, и како можат да конкурираат на француските, на пример?

-Јас само можам да и честитам на С. Македонија бидејќи е 29 –та во светот по извоз на вино и втора во регионот по остварената добивка по оваа основа, што е секако импресивно. Вашата држава е веднаш по Грција најголем извозник на вино во регионот, и на годишно ниво остварува приход од 64 милиони долари. Сите ние ги препознаваме македонските вина и со задоволство ги пиеме. Секако дека најголем предизвик е да се натпреварувате со земјата која што ја посочувате, односно со вината од Франција , но мислам дека треба да ги гледаме работите од друг аспект, бидејќи зборуваме за држава кога има многу долга винска традиција, а дополнително, таа е и една од основачите на ЕУ. Сите ние знаеме колку се  големи  субвенциите кои во рамки на Унијата се издвојуваат за земјоделството секако и за производство на вино, па оттука  таквото споредување би било еден нефер натпревар.

Она што ние треба да научиме пред да станеме членки на Европската унија е максимално да го поттикнуваме производството, како и квалитетот на домашните вина, но и да ги зголемуваме земјоделските површини со винова лоза. Во моментот кога ќе влеземе во Унијата  тоа зголемување  и проширување на капацитетите нема да може така лесно да се релизира. Затоа секоја држава засебно но и заеднички меѓусебно треба да ја подржуваме винската култура и нејзиниот развој. Ако сакаме на пример, да се обидеме да ги продадеме нашите производи во Кина и на азиските пазари, тешко ќе биде да го обезбедиме потребното количество, па затоа би било добро целиот регион да има еден или двајца дистрибутери кои би ги понудиле вината од неколку држави на кинескиот пазар.

Саемот на виното го промовира и туризмот на земјите членки на Отворен Балкан. Македонија очекува дека со нејзиното учество ќе обезбеди поголем извоз, откуп и нови пласмани за нејзината храна и вино, но и силна промоција на туристичките капацитети. Кој е првиот синоним за туризмот во Македонија?

-Јас мислам дека првиот синомим за македонскиот туризам е гостопримливоста, чувството дека сте добредојдени. Како туристички дестинации тоа се Охрид, Преспа, но и воопшто историското вековно наследство. Историјата ги привлекува туристите, па тие не го посетуваат Охридското езеро само заради пливање, туку и заради оваа дополнителна содржина. Развојот на малите винарии, но и  на сместувачките капацитети во нивни рамки исто така може да ги привлече странските туристи. Порано, во рамки на поранешна Југославија, многу добро го познававме Маврово како скијачки центар и мислам дека тоа е капацитет кој допрва треба да се развие. Сепак, имам впечаток дека гастрономијата и гостропримството е првиот синоним кога се споменува Македонија, а потоа сите други природни и историски богатства.

Државите членки на Отворен Балкан претходно во Тирана постигнаа договор да нема забрани за меѓусебна трговија со брашно, шеќер и генерално со основните прехрамбени производи. Договорено е да се таргетираат капацитети за складирање и производство во сите три држави. Што конкретно содржи овој договор?

-Оваа заедничка спогодба за меѓусебно помагање во кризни ситуации ја потпишаа претставниците  на трите земји членки. Таа подразбира дека сите три земји се обврзуваат дека  нема меѓусебно да ставаат забрани за извоз на основните прехрамбени производи, дека ќе го спречат извозот на тие производи во трети земји и дека ќе се врши контрола за да не дојде до злоупотреба на оваа спогодба. Секако, спогодбата ќе се однесува и на потребните капацитети за складирање за овие производи, а доколку одредена држава ги  нема, да се утврди дали складирањето може да се изврши во капацитетите на најзиниот сосед.

Она што е потребно понатаму е да се направи мапа на патот на безбедноста на храната до 2030 година на целиот Западен Балкан. Треба да утврдиме кои предизвици стојат на патот на безбедноста на храната имајќи ги предвид климатските промени, енергетската ситуација, водните ресурси итн. Значи, потребно е да имаме листа на капацитети за да можеме на долг рок да утврдиме како ќе ја обезбедиме безбедноста на храната. Во спогодбата се утврдени прецизни датуми до кога ќе бидат формирани работни групи кои ќе работат на попишување на капацитетите за складирање, но и како ќе се работи на заедничката мапа на патот за безбедност на храната во рамки на западниот Балкан.

Во насока на меѓусебно помагање, најавена е соработка во областа на електричната енегија и гасификацијата. Вицепремиерката на Србија, Зорана Михајловиќ претходно изјави дека Србија веќе гради гасна интеконекција со Македонија.  Дали во Белград тема на разговор беа и проектите поврзани со изградба на соларни централи и можноста за заедничко балансирање, што е секако од голема важност за енергетската стабилност на регионот?

-Според моето сознание, се уште не се утврдени конкретните капацитети кои ќе бидат предмет на соработка…, дали ќе бидат гасоводни или соларни капацитети. Ние во Стопанската комора на Србија сметаме дека треба да се земе предвид и да се работи на секоја можност, особено во рамки на обновливата енергија (соларниот или хидро потенцијалот) како и гасната интерконекција. Оттука попишувањето на капацитетите на моменталното производство на електрична енергија, како тие се добиваат и дали е можно една држава да и помогне на друга доколку и е потребно, не е работа којашто може да се заврши за еден или два месеци.

Ваквиот процес подразбира поголема соработка во однос на утврдувањето на капацитетите и начинот на коишто тие ќе се користат, но мислам дека под еднакво подразбира и заедничка стратегија во однос на иднината, односно како ние ги „гледаме“ изворите на енергија за секоја земја поединечно, па и за целиот регион. За таков вид стратегија нам ни е потребна соработка и со ЕУ и со САД, односно да утврдиме кој би бил најсоодветниот начин за да се обезбеди во што поголема мера самоодржливост на производството на струја во рамки на западниот Балкан, односно трите држави членки на иницијативата „Отворен Балкан“. Во таа насока треба да биде и одлуката дали е доволна соларната енергија, гасот, хидро- потенцијалот или пак можеби треба да се размислува за нуклеарна електрана која би била поврзана со трите држави.

Во која фаза е најавениот процес на единствен пазар на работна сила во рамки на иницијативата Отворен Балкан и кога ќе започне верификацијата на дипломи?

-Спогодбата за меѓусебно признавање на дипломите е потпишана во јуни, но ние се уште чекаме на нејзината ратификација во македонското собрание, а потоа ќе следи Договор низ протоколи за нејзина примена. Ние како стопански комори исто така инициравме признавање на дипломите од средните стручни училишта бидејќи на пазарот  на работна сила постои голема потреба од лица со одредени професионални вештини. Во рамки на самитот една од темите е и соработка меѓу инвестициските агенции, односно на заедничко привлекување на странските инвеститори.

Доколку се превземат одредени практични чекори во оваа насока ќе биде потребно да се изврши хармонизирање на постапката на издавање на овие дипломи.Секако дека овие работи ќе означат одреден вид на пресврт за  трите држави. Според ветувањето на Владата на С. Македонија,оваа спогодба за заеднички пазар на работна сила ќе биде ратификувана во македонското собрание уште овој месец. Многу работи зависат од политичката динамика во трите држави, па оттука и нашата надеж дека опозициските партии ќе го сфатат значењето на овие спогодби во однос на сите граѓани, без оглед на нивната партиска припадност, и дека ќе гласаат за ратификација на овие спогодби.

Во Белград, исто како и претходно во Охрид, беше присутен и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ. Неговиот позитивен став не го споделува претседателот Ѓукановиќ. Дали и колку сте оптимист во однос на понатамошното проширување на Отворен Балкан?

-Не треба да се биде оптимист или песимист. Можам само да кажам дека иницијативата “Отворен Балкан” може да стане  исклучително добар инструмент за приближувањето  и соработката  на државите и економиите на западен Балкан.Сигурен сум дека доколку се отстранат одредени стравувања кои ги има Црна Гора во насока на тоа дека оваа иницијатива  ќе го загрози нејзиниот пат кон  членство во ЕУ, оваа држава може да стане една од членките на “Отворен Балкан”. За жал темата “Отворен Балкан” е премногу исполитизирана во регионот и тоа не само во Црна Гора туку и на Косово и во Босна и Херцеговина, па оттука мислам дека лидерите на трите членки треба уште еднаш да истапат и да ги објаснат сите  придобивки од ваквиот концепт.

К.В.С.

Слични содржини