ИНТЕРВЈУ со Хоџиќ: Деструктивните сили со децении не делат по различна етничка основа, за да го спречат развојот на државата

од Берта Китинска

Ние мора да го напуштиме концептот една Влада неколку премиери, еден за Македонците, еден за Албанците, еден за Турците и така натаму. Ние треба да имаме Влада со еден премиер и министри која ќе ги решава проблемите и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Бошњаците, и на Србите, и на Ромите, и на Власите, како и на сите граѓани. Премиерот е премиер на сите граѓани, Вицепремиерот и министер за политички систем е функционер кој се грижи за сите граѓани, министерот на МВР е министер за сите граѓани, министерот за МНР исто така е министер за сите граѓани. Владата ја бираат пратеници, а во Собранието имаме преставници на граѓани од различни етнички заедници, вели Џелал Хоџиќ, заменик- директор на  Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) во интервјуто За „Локално“.

Во однос на тоа дали Бошњачката заедница ги ужива правата во споредба со останатите етнички заедници Албанци, Роми, Власи, Хоџиќ вели дека бошњачката заедница ја дели својата судбина, па така и положбата со останатите заедници во државата.

–Сите права на Бошњачката заедница, како и на останатите помалубројни заедници се остварени некаде на половина од она што го предвидува Уставот и законите. Од една страна, Бошњаците се среќни што се дел од преамбулата на Уставот на РСМ. Среќни се што имаат свој законски регулиран празник 28-ми Септември –Денот на Бошњаците. Среќни се затоа што е предвидена употребата на босанскиот јазик во неколку општини, училишта и други институции. Среќни се затоа што во Собранието е усвоена Резуолуција со која се одава почит на жртвите од геноцидот во Сребреница. Бошњаците во големо мнозинство сакаат да ја видат РСМ како членка на НАТО и ЕУ, демократски и економски уште поразвиена, многу поорганизирана држава, вели Хоџиќ.

Колку владиниот концепт „Едно општество за сите“ може да помага и придонесува за надминување на етничките и културните специфики?

Етничките и културните специфики се богатство на нашето општество. Нив треба да ги негуваме и да го искористиме потенцијалот на тоа богатсво. Стратегијата “Едно општество за сите“ има за цел да направиме еднакво општество, во кое секој поединец, без разлика на етничка и верска припадност ќе се чувствува како свој на своето, како еднаков во општеството.

Стратегијата нуди решенија и мерки во повеќе области. Решенија и мерки кои овозможуваат да се дојде до еднаквоста на сите граѓани. И овој концепт нема алтерантива, затоа што нашата стратешка цел е да влеземе и во ЕУ. Република Северна Македонија има свои специфики, но ние сме во суштина мултикултурна држава. Република Северна Македонија мора и во пракса да биде држава на сите нејзини граѓани. Да ги порази сите примитивни национализми и во функција да го стави богатството на нашето општество, а тоа се разните етнички и културни специфики обединети во развојот на својата држава

Чисто за вашите читатели да добијат перцепција, еве еден пример.  Стратегијата оди во решавање на сите проблеми во детаљи и предвидува мерка Јавниот сервис да добие функционалани редакции на помалубројните заедници. Тоа ќе значи дека секоја редакција ќе има доволен број на новинари, технички кадар, техника и мобилност, со цел да може да се продуцира квалитетна програма на јазиците на заедниците. Со тоа четвртиот канал на МРТВ ќе биде многу поквалитетен и погледан. Тоа исто ќе значи дека и Македонците и Албанците и преку четвртиот канал на МРТВ ќе можат да научат многу повеќе за Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите и сите други етнички заедници во нашата држава.

Сегашната ситуација е таква да ниту една редакција која емитува програма нема доволен капацитет на новинари, техника и мобилност. Редакциите наместо да бидат државни се сведоа на локални. Таму има професионалци, но немаат услови за работа.

Што мислите за обвинувањата на опозицијата дека до сега има помалку застапеност на највисоките позиции во институциите за членови на помалите заедници?

ВМРО-ДПМНЕ за жал е партија која продуцира со години примитивен национализам. Ова нивно обвинување е лицемерно, затоа што токму тие преку своите канали за комуникација продуцираат примитивен национализам со пароли од типот “Македонија на Македонците“, па разни пароли кои се плод на албанофобија,  исламофобија, омраза кон различните. Резултатот од таквата политика е 0% поддршка за нив од Албанците, и многу минорна поддршка за нив од помалубројните заедници. Со ваков лицемерен популизам таа работа нема да се смени.

На нашето општество и во политичкиот простор навистина му фали модерна, про-западна десна партија, која ќе ја сфати суштината на нашата држава како мултикултурна држава на сите нејзини граѓани без разлика на етничка и верска припадност. Дополнително таа модерна десна партија ќе биде свесна за стратешкиот интерес на заедничката држава, членство во НАТО и во ЕУ. А не да гледаат главни сојузници во Орбан и Путин. Нашите стратешки пријатели се во Вашингтон, Берлин, Лондон, а не во Москва и Будимпешта.

Ние мора да го напуштиме концептот една Влада неколку премиери, еден за Македонците, еден за Албанците, еден за Турците и така натаму. Ние треба да имаме Влада со еден премиер и министри која ќе ги решава проблемите и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Бошњаците, и на Србите, и на Ромите, и на Власите, како и на сите граѓани. Премиерот е премиер на сите граѓани, Вицепремиерот и министер за политички систем е функционер кој се грижи за сите граѓани, министерот на МВР е министер за сите граѓани, министерот за МНР исто така е министер за сите граѓани. Владата ја бираат пратеници, а во Собранието имаме преставници на граѓани од различни етнички заедници.

Изборниот модел е главна пречка за уште подобра преставеност на помалубројните заедници. Ако опозицијата е спремна и искрена  нека прифати изборен модел со една изборна единица за цела држава, со праг од максимум 2%, па да види на следните парламентарни избори како ќе имаме уште повеќе преставници на помалубројните заедници во Собранието, па следствено на тоа и во идната Влада.

Дали Бошњачката заедница ги ужива правата во однос (споредба) со останатите етнички заедници Албанци, Роми, Власи?

Бошњачката заедница ја дели својата судбина, па така и положбата со останатите заедници во државата. Сите права на Бошњачката заедница, како и на останатите помалубројни заедници се остварени некаде на половина од она што го предвидува Уставот и законите. Од една страна, Бошњаците се среќни што се дел од преамбулата на Уставот на РСМ. Среќни се што имаат свој законски регулиран празник 28-ми Септември –Денот на Бошњаците. Среќни се затоа што е предвидена употребата на босанскиот јазик во неколку општини, училишта и други институции. Среќни се затоа што во Собранието е усвоена Резуолуција со која се одава почит на жртвите од геноцидот во Сребреница. Бошњаците во големо мнозинство сакаат да ја видат РСМ како членка на НАТО и ЕУ, демократски и економски уште поразвиена, многу поорганизирана држава.

Е сега, има работи кои не се доволно добри и мора да се поправаат. Бошњаците би сакале да биде подобро застапено правото на правична застапеност во администрацијата. Тука сме негде на половина, според последниот попис. Проблемот со редакциите на заедниците го опишав погоре. Бошњаците би сакале подобар изборен закон, со кој би ја подобриле својата преставеност во Собранието, а потоа и во Владата. Секако остануваат тука и прашања кои се важни за сите граѓани, па така е важни и за Бошњаците да имаме подобро образование, здравство, чист воздух и така натаму.

Според вас дали има подобрување на позицијата и остварувањата на правата на Бошњачката заедница за разлика од изминативе години? Каде и како може државата да интервенира?

Секако дека има и тоа може таксативно да се наброи. После 10 години експериментална програма, држена надвор од законски рамки, во образованието, се воведе право на редовна настава на босански јазик.

Дополнителено, нашата држава потпиша важни договори со Босна и Херцеговина со кои сите граѓани на Република Северна Македонија можат во БиХ да патуваат само со лична карта, потоа имаше договор за взаемно признавање на возачките дозволи. Како и уште еден важен договор, со кој нашите ученици можат да студираат во БиХ како да се граѓани на БиХ и обратно.

Претседателот на Собранието на РСМ беше претставник на нашата држава во одбележување на геноцидот во Сребреница минатата година. Досега немало посета на вака високо ниво. Оваа година поради пандемијата Претседателот на државата имаше видео обраќање, заедно со најголемите светски лидери, во одбележувањето на геноцидот на Сребреница. Премиерот секоја година со свое соопштение потсеќа на жртвите од геноцидот. Ова исто така порано не било случај.

Ова се работи кои се многу важни за бошњачката заедница. Во секој мандат бошњаците остварувале по некое важно право. Но во последните четири години имаше серија на важни чекори за бошњачката заедница, како никогаш досега.

Дополнително, општина Сарај и општина Чаир пред своите општини го истакнаа и бошњачкото знаме, како официјално знаме, покрај знамето на државата и знамето на Албанците. Општина Чаир почна со изградба на цветот на Сребреница, во паркот во Чаир. Општина Петровец изгласа одлука со која босанскиот јазик станува официјален јазик во општината и таа одлука треба да ја спроведе.

Градот Скопје се збратими со Градот Сараево. Нашата стара чаршија треба да изнајде простор каде ќе се стави Себиљ-симбол на сараевската чаршија. Градоначалникот на Град Скопје на дел од бошњачките невладини и активисти им ветил дека и Градот Скопје ќе најде начин како да го постави Цветот на Сребреница во знак на сеќавање на жртвите на геноцидот.

Дали сметате дека се уште има етничка определба при вработувањето на млад образовен кадар?

Начелото на правична застапеност во администрацијата е дел од Рамковниот договор и тоа мора да се почитува. Сепак тука минатите влади изградиле еден лош механизам, наречен калкулатор, според кој се распишуваат огласите, а во него се одредува помеѓу два исти кандидата, кој кандидат од која етничка заедница ќе има предност. Позитивната дискриминација не смее да прерасне во чиста дискриминација.

Тој механизам мора да смени, да се смисли пофункционален механизам кој нема да дискриминира, а притоа ќе обезбеди на среден рок целосно да се исполни правичната застапеност во администрацијата.

Сепак, тоа што мене ме радува, се почесто младите не се задоволни со работа во администрацијата, па одат во приватниот сектор кој нуди подобри плати. Секако дека пандемијата не внесе во една нова криза која се плашам дека овој тренд ќе го наруши.

Од 2017 година до почеток на пандемијата беа креирани 60.000 нови работни места. Најголемиот, огромен дел, во приватниот сектор. За жал кризата со пандемијата не врати назад три години во овој дел.

 Кои се проблемите на младите образовни кадри?

Сите луѓе, посебно младите, ги привлекуваат две нешта, првото е слободата, второто е работата и кариерата. Нашето општетсво уште има последици од еден минат систем во кој слободата и човековите права, како и слободната економија беа под притисок на системот. Државата во овие 30 години не успеа целосно успешно да ја заврши транзицијата во која ќе имаме стабилни институции, правна држава, слобода за сите граѓани и целосно слободна економија. Само до пред некоја година ние бевме држава во која има политички затвореници според сите релевантни меѓународни извештаи. За жал мора што побрзо да создадеме здрави институции, правна држава во која и граѓаните и економијата ќе бидат слободни.

Низ социјалните медиуми  продолжува говорот на омраза и меѓуетничката нетрпеливост.Дали можеби казните за поттикнувањето на насилство и ширење меѓуетничка омраза би помогнале?

Секако. Неказнивоста на таквите дела ги мотивира и останатите во поттикнувањето на насилството и омразата. Дополнителено, насилството и омразата кога не се санкционирани раѓаат ново насилство и омраза од одмазда. За жал говорот на омраза, кој го има во голема мерка на социјалните мрежи, може да се сретне и во медиумите, на телевизија, весник, радио, новински портали. Социјалните медиуми се само врвот на таа пирамида, каде многу често луѓето ги исфрлуваат свесно, но и несвесно, дел од своите фрустрации кои доаѓаат од секојдневните проблеми.

Што треба да се промени во свеста за да нема поделба по нациналност?

Кога сите ќе бидеме еднакви, кога сите ќе ги исполниме целосно правата и обврските кои ни следуваат спред Устав и закон, кога ќе го подобриме образованието и квалитетот на живот, кога ќе се доближиме до стандардот на развиените држави, тогаш нема да бидеме оптеретени со националност.

Впрочем, деструктивните сили веќе со децении не делат по различна етничка основа, со цел да го спречат развојот на државата.

На кој начин можеме да се  обединиме за нашата држава и општество да оди напред?

Идејата за решавање на сите заеднички проблеми, предизвикот за подобрување на квалитетот на живот, тоа би требало да биде доволен мотив за обединување. Уште подобра економска состојба, уште подобро образование, уште подобро здравство, уште поразвиена инфраструктура… Се тоа треба да биде доволен мотив да се обединиме. Но за жал, многу политички чинители се однесуваат нерационалано, водени од примитивен национализам.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците (АОПЗ) изминативе месеци работи на проектот “Зајакнување на демократијата преку промоција и унапредување на правата на заедниците“, кажете ни нешто повеќе за него до каде се активностите кои ги превземате?

Овој европски проект има неколку цели. Прво да ги подобри капацитети на АОПЗ. За оваа цел се организирани неколку обуки за вработените. Втората цел на овој проект е да ја подобри видливоста на АОПЗ. Како што може да приметите, АОПЗ беше многу активна во изминатите три-четири години. АОПЗ постои од 2009-та година. Ако ја споредите видливоста на АОПЗ во изминатите три-четири години, ќе видите дека таа е неколкукратно подобра од целиот период од 2009-та до 2017-та година. Третата компонента е поддршка на активностите на невладините организации. Ние ја отворивме АОПЗ за соработка со сите невладини организации на сите етнички заедници. Критичните невладини организации се нашиот партнер во изградба на едно општество за сите. Преку европскиот проект успеавме да поддржиме нивни активности во вредност од преку 25.000 евра. Активности важни за сите етнички заедници кои се под 20% според последниот попис.

Проектот “Зајакнување на демократијата преку промоцијата и унапредувањето на правата на заедниците“ завршува наскоро. Успешно е спроведен и беше одлично искуство за АОПЗ. Интересен факт е дека износот на овој европски проект е нешто над околу 300.000 евра, што е речиси два годишни буџета на АОПЗ.

Б.М

Слични содржини