Интервју со Ивановска: Обвинителството досега нема донесено јавна одлука по иницијативите на ДКСК и тоа повеќе од 20 години наназад

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Во последно време се почесто се соочуваме со проблем во обезбедување на потребна документација, па дури и по платена казна за не доставена документација, одговорни лица, најчесто градоначалници, не ја доставуваат потребната документација, вели во интервју за „Локално“, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска.

Од бројните пријави кои граѓаните ги доставуваат до нашата институција можеме да кажеме дека тие се повеќе се свесни за улогата што оваа институција ја има во општеството, иако има такви кај кои преовладува мислењето дека треба да се зголемат нашите ингеренции за да може предметите до крај да се завршат, истакнува Ивановска.

Претседателката на ДКСК изнесе еден поразителен факт дека Обвинителството досега нема донесено јавно обвинителска одлука по иницијативите на Антикорупциската и тоа повеќе од 20 години наназад.

За надминување на состојбите во затворите, поцелисходно е, за полесните кривични дела со понизок степен на кривична одговорност, да се примени пробациски систем преку општо корисна работа или условна осуда со заштитен надзор на осудените лица, дава свое видување Ивановска за предложениот Закон за амнестија.

Соговорничката е децидна дека намалувањето на казните за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување, нема да придонесе за подобрување на состојбата, бидејќи се многу честа појава.

Повеќе од четири години сте на чело на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) но се чини како работите да не се помрднати од место во однос на нејзиното искоренување. Кои се најголемите проблеми со кои се среќавате во овој период додека сте на чело на Антикорупциска и кој ги предизвикува?

Антикорупциската комисија е една алка во системот, институција со превентивна улога која во изминатиот период, врз основа на анализа на ризици по сектори, донесе, а Собранието на РСМ усвои, Национална стратегија за борба против корупција, укажа на многубројни системски слабости, предложи препораки за надминување на истите, покрена бројни иницијативи за одговорност пред Владата на РСМ, како и иницијативи за кривично гонење пред обвинителството. За жал резултатите покажуваат дека процентите за реализација на нашите предлози и препораки се многу ниски, и покрај укажувањата на Европската Комисија во своите годишни извештаи за напредокот на земјата, на важноста од спроведување на препораките на нашата институција.

Во последно време се почесто се соочуваме со проблем во обезбедување на потребна документација, па дури и по платена казна за не доставена документација, одговорни лица, најчесто градоначалници, не ја доставуваат потребната документација.

Корупцијата е длабоко навлезена во сите сфери на нашето живеење, а справувањето е можно единствено ако се вклучат сите чинители во општеството, со вистински зафати а не со декларативни заложби.

Сеуште многу треба да се работи на подигање на свеста кај граѓаните за да не дозволат да се најдат во состојба да пот плаќаат за услуга која секако треба да ја добијат.

Избраните и именуваните лица особено треба да водат сметка за својот интегритет, и во извршување на јавната функција да се водат од јавниот интерес а не личниот или партискиот.

Забележувате ли зголемување на свесноста кај јавноста за вашата улога и работа и дали имате впечаток дека добивате нивна поддршка, кога веќе таа изостанува од властите? Дали вашите очекувања за ресурси и буџет се исполнуваат?

Од бројните пријави кои граѓаните ги доставуваат до нашата институција можеме да кажеме дека тие се повеќе се свесни за улогата што оваа институција ја има во општеството, иако има такви кај кои преовладува мислењето дека треба да се зголемат нашите ингеренции за да може предметите до крај да се завршат. Сакам да напоменам дека во системот на нашата држава, покрај превентивните тела како што е ДКСК, има и репресивни, кои треба да продолжат таму каде што ние сме завршиле. За жал поради бројни слабости, системот потфрла во делот на репресијата.

Проблемите со ресурсите, со кои се соочувавме речиси пола мандат, во голем дел се надминати, но за да се постигне целосна функционалност на институцијата потребно е уште многу да се вложува.

Се чуствувате ли уште како државен непријател, како што неодамна изјавивте? Се вршат ли притисоци врз вас и добивате ли можеби закани, со оглед на тоа дека сериозно се зафативте со откривањето неправилности во високите ешалони на власта?

Нашата улога е токму откривањето неправилности во високите ешалони. Сметам дека со нашиот професионален и непристрасен пристап придонесовме за отворање на повеќе чувствителни теми во општеството, како и за минимизирање на можностите за притисоци или влијанија во нашата работа.

Нашата работа е транспарентна и јавна, така што и со реакциите на поединци за нашето работење се справуваме јавно.

Како до подобра реализација на одлуките кои ги носите како тело? Дали Обвинителството е најголемиот „кочничар“ за наодите за неправилности до кои доаѓате и ги презентирате на јавноста?

Секоја препорака и иницијатива е упатена до соодветна институција, која треба навреме да реагира. Факт е дека обвинителството досега нема донесено јавна обвинителска одлука по иницијативите на оваа институција и тоа повеќе од 20 години наназад, значи не само за иницијативи од овој состав на комисијата туку воопшто, што сметам дека негативен индикатор за нивното работење.

Кога зборуваме за состојбите во општеството и за корупцијата, дали таа треба да се искоренува од свеста уште од најмали нозе и да се внесе во образовниот процес? ДКСК имаше кампања „Бидете херои на чесноста“ и вие лично одевте по училишта и ги презентиравте своите ставови на темата…

Да секако. Наша цел е да зборуваме со учениците за вредностите и знаењето. Да разберат дека треба да учат за да знаат а не за добра оцена, бидејќи добрите оцени создаваат лажна слика дека сите се супер одлични, но тестовите на следно ниво на образование покажуваат дека тоа не е така.

Од разговорите со децата дојдовме до заклучок, дека тие се соочуваат со притисок од родителите за да бидат одлични, а доколку не се, тогаш родителите „бараат врски“ за подобри оценки.

Сметам дека е неопходно од децата да обезбедиме чиста критична маса, жедна за знаење а не за лажни оценки, и навистина верувам дека доколку децата се растеретат од лажни вредности нешто може да се промени.

Состојбата во која е закочено општеството целосно зависи од граѓаните Затоа треба да се зајакне свеста на граѓаните особено за јавниот интерес од кој секој граѓанин треба да има бенефит.

Закон за амнестија – креиран за спас на политичарите или за „хуманизација на затворите“?

Состојбата во затворите е алармантна не од сега, туку многу години наназад. Сметам дека со амнестија не само што нема да се подобри, туку ќе придонесе состојбата со криминал во општеството уште повеќе да се наруши, со што нема да се обезбеди владеење на правото и казнивост за сторителите на кривични дела.

За надминување на состојбите во затворите, поцелисходно е, за полесните кривични дела со понизок степен на кривична одговорност, да се примени пробациски систем преку општо корисна работа или условна осуда со заштитен надзор на осудените лица. Во нашата држава, во рамките на Управата за извршување санкции функционираат 11 пробациски служби.

Наместо да се зголемуваат, се намалуваат, сепак, сметате ли дека треба поригорозни казни за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување? Може ли тоа да донесе ли тоа подобрување на катастрофалната ситуација со корупцијата во земјата?

Сметам дека намалувањето на казните нема да придонесе за подобрување на состојбата, односно за намалување на злоупотребата на службената положба или пак злосторничкото здружување, бидејќи се многу честа појава. Определувањето на казните е комплексно прашање, и би требало да зависи од тоа колку често се повторува определена злоупотреба. Доколку сакаме кривичните дела да се намалат, казните треба да се зголемат. Во спротивно, пораката е многу лоша и не е во насока на борба против корупција и организиран криминал.

Неодамна се „збогати“ црната листа на САД со неколку имиња од Македонија, но не гледаме дека се презема нешто ооколу тоа. Бавна ли е правдата или сме сведоци на уште еден „дил“ по кој сторителите ќе останат неказнети?

Колку бавна правдата имавме прилика да видиме до сега, а дали е некаков договор ќе видиме понатаму.

Три децении се изнаслушавме од устите на политичарите за некаква борба со корупција која ја спроведуваат, но работите стануваат се полоши, а никако да ги видиме одговорните за висок криминал, од било која партија, зад решетки. Чувствувате ли дека и пред, но и по вас, работите нема да се променат на ова поле и дали ветувањата за НАТО и ЕУ ќе ни донесат подобрувања или ќе останеме и понатаму длабоко закопани во калта?

За да излеземе од калта треба да сме свесни што придонело за да сме таму. Ризиците од корупција се детектирани во Националната стратегија за борба против корупција, а за надминување на истите определени се мерки и активности. Но, за жал со 10% исполнување на мерките состојбата не може да се надмине. Ќе почекаме да зајакне  свеста за јавниот интерес, за сметка на  личните и партиските интереси, а чекањето е многу поврзано со зрелоста на општеството.

Ова ви е последна година од мандатот – колку ги исполнивте своите цели и како сакате да го завршите

Комисијата успешно го завршува својот мандат, за што говорат и позитивните оценки на Европската комисија. Ако успешноста се мери преку трите Е, Економично, Ефикасно и Ефективно работење, сметам дека, Комисијата, без денар непродуктивен трошок, со максимално искористување на сите расположливи ресурси, отвори многу важни проблеми кои им тежат на граѓаните, и како превентивно тело максимално го даде својот придонес во општеството.

В.З.

Слични содржини