ИНТЕРВЈУ со Кирјас: Кога изборната реторика во Бугарија и во Македонија ќе стивне, договор ќе се постигне

од Берта Китинска

Резултатите од „Балкан Барометар за 2021“се донекаде и изненадувачки и ценам дека треба да се поттик за политичарите да бидат истрајни во европскиот курс на државата. Пред се мислам заради јасното мислење на граѓаните дека на Македонија и се потребни европски стандарди дома. Моделот на функционирање на европските демократии и економии е очигледно она што македонските граѓани сакаат да го видат и во својата земја, вели во интервју за „Локално“ , Емил Кирјас политичкиот аналитичар и потпретседател на Либерална Интернационала и основач на „Кирјас Глобал“.

Според него проширувањето на ЕУ ќе продолжи, но можеби без преголем ентузијазам, што е и поради последователните економски, финансиски, здравствени и политички кризи во изминатата деценија на состојбите во некои земји кои се приклучија неодамна.

-Пред се мислам на Унгарија, Полска и Бугарија. Но, проширувањето тече. И тоа се потврди минатиот месец со одржувањето на првите Меѓувладини конференции на Србија и на Црна Гора со ЕУ по новата методологија. Македонија е закочена во моментов заради Бугарија, но тоа не е причина за очај. Еве, словенечкото вето за хрватското приклучување кон ЕУ траеше подолго од сегашното бугарско вето за Македонија. И тој проблем изгледаше нерешлив – Словенија бараше од Хрватска да преговоара за своето суверено право врз дел од Јадранското море на кое Хрватска полага согласно важечки меѓународни конвенции. Не беше лесно, но најдоа начин како да му пристапат на проблемот, смета Кирјас.

Тој смета дека со помалку страст и поголема мудрост може да се додје до решение на спорот Со Бугарија.

-Изборната реторика во Бугарија и во Македонија ќе стивне, договор ќе се постигне и ветото ќе се надмине. Она што е најважно е ние да бидеме опседнати како македонската држава интензивно се реформира по европски терк, затоа што согласно новата методологија ќе може многу брзо да го надополни загубеното време, објаснува аналитичарот.

Извештајот на Балкан Барометар за 2021 година вели дека довербата во Европската Унија во Македонија паднала надосега најниско ниво – 53%. Покрај спорот со Бугарија и нивната блокада, на што според вас се должи ова расположение меѓу граѓаните?

Секој податок, секој документ и секоја анкета треба добро да се анализра. Така и Извешјтајот на Балкан Барометар на Регионалниот Совет за Соработка, особено податоците кои се однесуваат на македонското јавно мислење, треба да се гледа во контекст на најновите случувања поврзани со македонската интеграција во ЕУ и особено со бугарското вето. Секако во предвид мора да се земат и други фактори. Тука пред се е пандемијата од Ковид-19, која влијае на перцепцијата на граѓаните за начинот и ефикасноста во справување со самата криза, со здравствените и економските последици, со вакцинацијата и од страна на македонската влада, од ЕУ, како од другите земји во регионот, на пример Србија. И во двата случаи, и за македонското членство во ЕУ и за справувањето на ЕУ со корона-кризата, имајќи ги предвид неуспесите во изминатите 12 месеци, логично е во Македонија да се намали довербтата во ЕУ.

Но, не смеат при анализата да се игнорираат ни начинот на кој е поставено прашањето во анкетата, како и споредбените резултати на истото прашање во минатите години. Во дадениот случај, Извештајот на Балкан Барометар јасно го наведува прашањето кое не гласи дали граѓаните се за членство во ЕУ или не, туку дали ценат дека членството во ЕУ би било добро, лошо или неважно за екомонијата. Тоа е прилично различен пристап од оние стандардни прашања за желбата за членство во ЕУ каде речеси сите анкети покажуваат и натаму многу висок процент на поддршка. Тој процент е навистина малку намален, но е и натаму исклучително висок и многу повисок од голем број на земји членки на ЕУ. Оттаму, по овој параметар, би рекол дека македонските граѓани и натаму се ентузиајсти и за самата ЕУ и за членството на Македонија во ЕУ.

Истовремено треба да се направи споредба со претходните резултати. Тие покажуваат дека во 2021 година има намалување од 3% во однос на 2020 година кај оние кои ценат дека членството во ЕУ би било добро за економијата, додека пак процентот е за огромни 21% повисок од резултатот во 2019 година, кога вербата дека ЕУ би ја подобило македонската економија ја делеле само 32% од граѓаните. Во периодот 2016-2018 година тој процент варира меѓу 47% и 59%, повторно не многу различно од резултатот во анкетата за 2021 година. Значи, и по оваа анализа, имајќи се што се случуваше во изминатите месеци, довербата во ЕУ во Македонија не е многу нарушена.

И да бидам искрен, овие резултати се донекаде и изненадувачки и ценам дека се поттик за политичарите да бидат истрајни во европскиот курс на државата. Пред се мислам заради јасното мислење на граѓаните дека на Македонија и се потребни европски стандарди дома. Моделот на функционирање на европските демократии и економии е очигледно она што македонските граѓани сакаат да го видат и во својата земја.

Секојдневно слушаме повици од челниците на ЕУ за „итно почнување на преговори со С.Македонија“, но со оглед на сите проблеми што ги имаат членките, никој веќе реално не верува дека проширувањето ќе продолжи со земјава, или сокоја било од шесте држави од Западниот Балкан, во следната декада. Со оглед на сегашната ситуација може ли земјава, според вас, да очекува интеграција до 2030 година? Како ја гледате Европа за десет години?

Проширувањето продолжува. Тука нема дилема. Можеби нема преголем ентузијазам, што е и логично со сите последователни економски, финансиски, здравствени и политички кризи во изминатата деценија, како и со состојбите во некои земји кои се приклучија неодамна. Пред се мислам на Унгарија, Полска и Бугарија. Но, проширувањето тече. И тоа се потврди минатиот месец со одржувањето на првите Меѓувладини конференции на Србија и на Црна Гора со ЕУ по новата методологија. Македонија е закочена во моментов заради Бугарија, но тоа не е причина за очај. Еве, словенечкото вето за хрватското приклучување кон ЕУ траеше подолго од сегашното бугарско вето за Македонија. И тој проблем изгледаше нерешлив – Словенија бараше од Хрватска да преговоара за своето суверено право врз дел од Јадранското море на кое Хрватска полага согласно важечки меѓународни конвенции. Не беше лесно, но најдоа начин како да му пристапат на проблемот. Така мора да гледаме и на македонско-бугарските односи. Сигурно нема намера ни во Скопје ни во Софија да градиме односи како односите меѓу Русија и Украина. Ние имаме заедничка цел, да сме заедно во ЕУ и да нема граница меѓу Македонија и Бугарија, како и меѓу Македонија и Грција, Албанија, Косово и Србија. Решенија има и во нивното изнаоѓање помагаат земјите членки на ЕУ, што се огледа во предлозите на германското, португалското и словенечкото претседателство. Со помалку страст и поголема мудрост до решение ќе се дојде. Изборната реторика во Бугарија и во Македонија ќе стивне, договор ќе се постигне и ветото ќе се надмине. Она што е најважно е ние да бидеме опседнати како македонската држава интензивно се реформира по европски терк, затоа што согласно новата методологија ќе може многу брзо да го надополни загубеното време.

Ние немаме време да ги одлагаме проблемите. Мораме да ги решаваме во од и да се подготвуваме за новите предизвици. Светот се движи. Со сите промени кои се случуваат на глобално ниво, логично се менува и самата Европска Унија. За 10 години ЕУ нема да биде истата како и денес. Оттаму, на почетокот на мај започна со работа Конференцијата за Идинната на Европа, која ќе трае 12 месеци и во која граѓаните на Европа, институциите, невладиниот сектор, бизнисите и академската заедница, ќе изложат своите визии, идеи и предлози за тоа како треба да се реформира Европската Унија. Сите се поканети да се вклучат во овој процес. Веќе се надзираат контурите на зголемена интеграција во одредени области, како што се одбраната, здравството, заштитата на животната средина и буџетското планирање. Во одредени области може и да има поголема децентрализација. Голем предизвик за ЕУ во наредната декада ќе биде и справувањето со огромните економски последици од пандемијата, што може да предизвика и политички турболенции со опасни популистички авантури. ЕУ нема да биде имуна ниту на влијанието на другите големи геополитички актери на сцената, кои се обидуваат да го нагризат единството на ЕУ како што се гледа последниве месеци во блокирањето на заедничката ЕУ политика кон Кина од страна на унгарскиот лидер Орбан, а и на миграциските притисоци кои ќе произлезат од климатските промени. Мислам дека на европските граѓани, или на убедливото мнозинство, им е јасно дека заедно многу полесно ќе ги надминат предизвиците. Тоа го покажуваат и најновите анкети. ЕУ ќе се реформира, но ќе остане силна.

Покрај неопходните реформи кои треба да ги направиме дома, треба ли и реформа во процесот на проширување на ЕУ за да имаме некакви шанси?

Тоа е можеби и најголемиот предизвик – проширувањето е паралелен процес со реформите на самата ЕУ. Ние целиме кон нешто што се менува, а не е статично. И за тоа ќе ни треба дополнителна мотивација и поддршка. Да, темпото е незадоволително, особено имајќи предвид дека живееме во динамичен свет во кој се брзо се менува. Ние мора да даваме причини зошто треба побрзо да бидеме полноправна членка на ЕУ. Ние сме тие кои мора да бидеме креативни со предлози како да се забрза просецот на зачленување од кој корист ќе имаат и македонските граѓани и бизниси, како и европската сигурност и местото во светот. Погрешно би било да се насочува таа креативност кон убедувањата дека не треба да има консензус за проширувањето. Тоа е како да барате од член на ексклузивен клуб да се откаже од своите привилегии. Не треба да се откажеме од она што е наше, секако не од своето достоинство, но можеме да покажеме дека имаме средена држава и дека имаме мудрост да ги надминуваме предизвиците. Таму треба да биде фокусот на нашата креативност. Главниот притисок треба да биде кон домашните политички елити.

И кога говориме дека сакаме да бидеме дел од ЕУ треба и да се однесуваме така. Ја споменав Конференцијата за Иднината на Европа кога трае во момоентов. Македонските граѓани исто така можат да ги кажат своите замисли преку порталот на ЕУ или преку настаните кои се организираат не само во Брисел и Стразбург, туку ширум Европа. Во тоа сум вклучен со колеги од регионот и Европа. Тоа можат да го направат и македонските институции. Но, не гледам некоја заложба од македонска страна да се биде дел од овој процес на реформи на ЕУ со наши идеи и предлози за Унијата во која сакаме да бидеме полноправен член.

На сметка на ЕУ, голем дел на граѓаните на Западен Балкан се за зголемена регионална соработка со цел подобрување на економската состојба, нешто што се „турка“ со „малиот Шенген“. Треба ли тој да биде замена за ЕУ и Владата да ги насочи своите сили на тој план?

Логично е граѓаните да бидат повеќе заинтересирани за регионалната соработка со цел подобрување на економската состојба. Нашата економија беше силна кога беше дел од заедничкиот пазар на југословенската федерација. Со губењето на слободниот пристап кон тие пазари загубивме многу. Не треба некоја висока математика за да се дојде до тој заклучок. Многу ни е јасно дека главниот пазар за македонските производи е пред се во ЕУ и во регионот. Оттаму е и одлична идејата за поголема интеграција како во регионот така и во Зеадничкиот пазар на ЕУ. Јас не гледам на тоа како на процеси кои меѓусебно се исклучуваат. Напротив, заедничкиот пазар во региониот е дел од процесот на вклучувањето во Заедничкиот пазар на ЕУ. Јас дури и мислам дека проектот „мини Шенген“ е недоволно амбициозен. Зошто на пример не се оди на процес на мини Бенелукс или мини Нордиски совет? И Бенелукс и Нордискиот совет постојат паралелно со постоењето на ЕУ. Меѓу нив нема потреба од една гранична контрола како што ние градиме со Србија, Албанија или Косово. Меѓу нив немаше граници и пред сите земји од Бенелукс да бидат да бидат дел од Европската Унија, или сите земји од Нордискиот совет да бидат во Шенген. Се што е во полза на подобар стандард на граѓаните треба да се интензивира, секоја процедура што може да се упрости треба да се спроведе, се што може да се дигитализира за да се избегне човечкиот коруптивен фактор треба да се имплементира.

Истиот извештај вели и дека процентот на граѓани кои би го напуштиле регионот за да работат во странство се намалува со секоја измината година, откако во 2015-та бил 45, а во 2021 е 37%. Само 27% од испитаниците од Северна Македонија би размислиле за напуштање и работа во странство, што е најниско во регионот. Дали е ова поради подобрување на состојбите во регионот на економски план?

Тоа се некои интересни статистики кои говорат дека во изминатата година имаме тенденција на долив наместо одлив на мозоци. Би идентификувал две главни причини. Првата причина е веќе големиот број на отселени граѓани од регионот. Ако се потврдат податоците на Евростат дека во изминатата деценија и половина од Македонија се отселиле 500.000 граѓани, што е 1/4 од населението, тоа ќе биде силен дека голем дел од миграцијата веќе се случил и има период на стагнација. Со други зборови кажано, голем дел од оние кои што мечтаеле или имале намера да се отселат тоа и го направиле. Оттаму, е и логично дека процентот се намалувал од 2015 навака. Затоа пописите кои се спроведуваат во ЕУ и во Македонија се многу важни и ќе ни откријат важни податоци.

Втора значјна причина е пандемијата која доведе со затворање на многу работни места во ЕУ, особено во индустриите во кои работеа или работат македонски државјани. По здравствената криза следи и економска криза во која голем дел од тие работни места нема да бидат повторно отворени. Тоа секако влијае за намален интерес за напуштање на регионот и за барање на работа и подобар живот во ЕУ. Ова е и можност за Македонија и за регионот. Овие тенденции треба да се искористат за креирање на политики за привлекување на повратниците, особено оние кои можат во Македонија и во регионот да ги донесат со себе работните искуства од ЕУ и со својата креативност и знаење да го зголемат економскиот раст, а со тоа и квалитетот на живот.

Б.М.

Слични содржини