ИНТЕРВЈУ со Кордалов: Науката е вистинскиот борец со лажните вести

од Vladimir Zorba

Бојан Кордалов е комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми, експерт за електронски медиуми со кој се занимава веќе подолго време.

Со него разговараме за актуелните прашања во времето на пандемијата, особено за лажните вести кои како коров никнуваат по социјалните медими.

Тој вели дека за да ја намалиме штетноста од лажните вести, треба да сфатиме дека секој од нас има своја претстава за тоа што се лажни вести.

– Ако сакаме да успееме, прво мора пластично да дефинираме што е проблемот и која е штетноста од лажните вести. Вака секој има своја дефиниција и своја претстава за тоа што се лажните вести. Прво, мораме да се потсетиме дека секој има право на свој личен став и лично мислење. Барем во демократските држави тоа е загарантирано со Уставот на секоја земја. Тоа значи дека секој има право да мисли и верува во што сака. Ако ова го апсолвираме, „балонот“ многу ќе се издиши и веќе ќе може да се започне со ефикасна борба против лажните вести и теориите на заговор, вели Кордалов за „Локално“.

Веќе станува толку очигледно дека социјалните мрежи имаат големо влијание врз граѓаните и нивниот став кон пандемијата предизвикана од Ковид -19. Се пласираат разно разни информации околу заразата, од тоа дека таа не постои, па се до тоа дека со здравствените мерки за заштита се кршат човековите права. Какви се шансите да се подобри веродостојноста на информациите што граѓаните ги добиваат преку интернет – медиумите?

– Интернетот и социјалните медиуми јасно ја истакнуваат личната одговорност на секој од нас при консумацијата на вести, информации и други содржини. Но, сепак, и последната анкета на НДИ покажа дека за огромно мнозинство на граѓани, социјалните медиуми примарно служат за меѓусебна комуникација или забава, односно во многу мала мера за политика и слични општествени теми. Дополнително, оваа анкета е уште една во низата која потврди дека главниот извор на информации во Македонија се традиционалните медиуми, каде јас одамна ги вбројувам и сериозните онлајн портали.

Она што ги разликува дигиталните платформи каде спаѓаат и социјалните мрежи е можноста секоја личност да споделува свое мислење, порака и слично. Но, мит е дека тоа е неограничено. Напротив, на интернет важат истите правила и закони како во секојдневието. Тоа значи дека никого или ниедна професија немате право да нарекувате дека е „крадец“ или „убиец“, односно истото правило или санкција важи доколку го сторите тоа на улица или, пак, на Фејсбук…

Затоа клучното прашање во случај кога личната одговорност ќе потфрли е каде се институциите. Да едуцираат, спречуваат, па доколку е неопходно, секако во една демократска процедура, и да санкционираат. Мое мислење е дека институциите и политичарите од сите табори со огромна леснотија почнаа да ја префрлаат одговорноста врз грбот на граѓаните, со што се добива впечаток дека не постои политичар кој презема одговорност за кој било неуспех. Овој феномен се случува подолго време и тоа сè поглобално. Стравувам дека ако продолжиме на овој начин да комуницираме, ќе започнеме буквално да живееме во паралелни одвоени светови, а последиците ќе бидат несогледливи по демократијата и цивилизациските придобивки. И во овие кризни времиња се покажа дека недостасува вистинско лидерство – тоа значи личности со визија кои се спремни да управуваат, односно да преземат одговорност и да признаат ако работите не се случиле според планот.

Исто така, нагласувам често, а би сакал тоа да го споделам и во оваа прилика. Медиумите секогаш, а особено во оваа коронакриза покажаа многу високо ниво на свест за потребите на граѓаните и заедницата, се изложуваат себе си постојано на сите ризици и во оваа криза буквално направија херои и хероини од одредени политичари и медицински лица. Ако некому должиме признание за тоа што науката сеуште доминантно преовладува во нашето општество, тоа се медиумите и медиумските работници преку кои до секој од нас допираат научните информации и факти!

Ваквото признанието е потребно неселективно да дојде од секој политичар бидејќи главните носители во борбата со дезинформациите не се само политичките елити, туку првенствено и граѓаните и медиумите.

Објавите преку социјалните медиуми создаваат и „јавно мислење“ бидејќи многу луѓе стануваат „следачи“ на луѓе кои објавуваат вести против вакцините за Ковид – 19. Какви се шансите да имаме ограничување на ваквите објави, и доколку тие се мали, како да се бориме со нив?

– Теориите на заговор постојат многу одамна, далеку пред оваа ковидкриза. Разликата е што денес, благодарение на интернетот и дигиталните платформи, информациите може да го обиколат светот во неколку минути или часови. И се сложувам дека тоа е сериозен предизвик на кој повеќе години интензивно се работи на глобално ниво.

Законодавците ги усовршуваат законите поврзани со приватноста и заштитата на интернет, социјалните медиуми редовно известуваат за справување со профили и кориснички сметки кои шират дискриминација, лажни вести и теории на заговор, образованието во многу земји се менува со цел стекнување на вештини и критичко-креативно размислување неопходно во дигиталната ера во која живееме…

И нормално, се поставува прашањето дали е доволно. Наједноставниот одговор е дека секогаш може повеќе и треба подобро. Но, јас би напоменал дека проблемот е друго. Главниот проблем е префрлувањето на вината од едни на други, наместо осојузување во оваа борба. Колку поразединети се главните чинители, толку повеќе процеп и простор се остава за теориите на заговор и недемократските елементи.

Дополнително, начинот на кој дел од јавните институции комуницираат со граѓаните на домашно, па и на светско ниво би рекол дека се базира на недоверба, понекогаш дури и потценување на луѓето, односно мислење дека најголем дел од граѓаните немаат или имаат многу ниска свест. По мене, ваквиот пристап е многу погрешен и веќе ги покажува своите негативни последици, првенствено во општества како нашето. Знаете, големи кризи како оваа се одлична шанса за политичарите да погледнат каква држава создале изминативе децении. Осиромашени граѓани, градови и села без канализација, млади кои не ни помислуваат на иднина во својата земја, илјадници луѓе кои живеат без елементарни услови за живот…

Понекогаш е тешко е да се прифати реалноста, но не постои друго решение за подигање на личната и јавната свест, вклучително и во борбата со лажните вести, од креирање на пристојни, нормални услови за живот за секој граѓанин. Потоа следи сè останато.

Токму од овие причини, неодамна до Министерството за здравство доставивме и јавна иницијатива за изработка на веб и мобилна апликација која ќе биде јавно достапна за медиумите и секој граѓанин со цел да може брзо и детално да се информира за актуелната состојба со Ковид-19 во земјава. Изработката на вакво дигитално решение во овој момент е клучно, особено кога според здравствените авторитети се очекува пораст на бројките на заразени лица, како и потреба од поширок опфат на имунизација со цел заштита од новите соеви на коронавирусот. Лесната достапност на актуелни податоци и анализи поврзани со состојбата на Ковид-19 во целата земја е истовремено клучна и за намалување на штетите кои ги прават ненаучните информации и теориите на заговор, кои дополнително го усложнуваат целокупниот процес на ефикасна борба со Ковид-19.

Очигледно е дека граѓаните треба да се „вооружаат“ со веродостојни информации? Како да се користи интернетот и електронските медиуми за промовирање на вистинските пораки за да се вакцинираат луѓето?

-Само со мотивација и изложување на сите факти. Ќе дадам само еден пример на што го темелам моето тврдење. Според податоците на Министерството за здравство кои можевме да ги проследиме преку медиумите, најголем интерес за вакцинација досега е забележан во текот на месец јули годинава. Тоа претставува поголем интерес и од неколкуте денови кога беше најавена рестрикција за јавен живот на сите кои не се вакцинирани. И очигледно бројките, т.е. фактите покажуваат дека пред летните месеци „побарувачката за вакцинација“ беше значително поголема.

Ова јасно ни покажува дека мотивацијата кај голем дел од граѓаните да патуваат без притоа да мора да прават ковид-тестови била многу поуспешна во процесот на вакцинација отколку рестрикциите. Дополнително, мотивациските мерки градат сојузници и градење на свест за потребата од прифаќање на науката, додека пак рестрикциите можат само подлабоко да не закопаат во поделбите и да не оддалечат од процесот на имунизација.

Јас ја разбирам добрата намера на здравствените власти со цел да се постигне поголем опсег на имунизација, па затоа се посега и по рестрикции, но комуникациски сметам дека ваквиот пристап долгорочно нема да ја постигне долгорочната цел од повеќе причини. Ќе набројам само дел: Што доколку не се намалат бројките на заразени и покрај рестрикциите? Што доколку кон крајот на годинава се воведат рестриктивни мерки за сите како што е полициски час или слично, а основната теза е дека ќе нема веќе мерки за вакцинираните лица? Што доколку за брзо време се процени дека задолжително треба трета, па четврта доза од вакцината? Со кои мерки тогаш ќе се врши притисок за продолжување на процесот на имунизација, ако вакви мерки воведуваме уште отсега?

Едноставно е, во секој процес мора да градите пораки и комуникација која обединува, која има позитивен наратив и која граѓаните ги прави сојузници. А, таков пристап имаат само мотивирачките мерки. Повеќе од потребно е правилно да се комуницира во оваа коронакриза, а тоа е јасно да се изложуваат научните податоци и да се стави науката во средина. Само науката и ништо друго бидејќи тоа е единствениот начин да се осојузиме и да извојуваме победа во оваа битка.

На овој начин испраќаме пораки кои се нејасни. На пример, треба јасно да им се појасни на граѓаните зошто не може да седат во кафуле во надворешниот дел, а може да седат во истиот состав на клупа во маало или во парк. Ако не се даде логичен одговор на ова прашање може да даде ветар во грб на луѓето што се противници на научните достигнувања, односно на справувањето со Ковид-19, а тоа не е од интерес на никого.

Наспроти тоа, доколку имав можност да дадам комуникациски совет на здравствените власти, ќе им препорачав дозволата за прослави (свадби и слично) да се поврзе со постигнување потребниот број од 80 проценти на вакцинирани и прележани луѓе. На овој начин, уште пред 6 месеци ќе се ставеше во прв план науката, односно сите како граѓани ќе работевме на постигнување на огромен процент имунизирано население што ќе дадеше дополнителен мотив и цел кај граѓаните. Кога ќе се постигнеше потребниот број на имунизирано население на било кој начин, ќе следеше отворањето за прослави на отворено, секако со почитување на препораките за заштита од Ковид.

На сегашниот начин, како држава прво долго време забранивме било какви прослави, потоа целосно ги дозволивме забавите и на отворено и на затворено, па за неколку месеци повторно посегнавме по забрана, сега за нивно организирање на затворено и за невакцинирани лица… И сè ова во период од помалку од 16 месеци.

Ве уверувам дека ако ја следевме комуникациската наука, сојузници во целиот процес на здравствените авторитети ќе беа и угостителите, но и сите борци кои успеаја да го преживеат Ковид-19 итн. Ова не е мала бројка на сојузници, па оттука мислам дека успехот ќе беше многу поголем и ќе служевме како позитивен пример во регионални и светски рамки.

Токму со ваков пристап, социјалните медиуми ќе станеа сојузници бидејќи содржините на социјалните медиуми ги креираат луѓе со име и презиме. Па, поддршката и охрабрувањето за поширок опфат за вакцинација ќе растеше од ден на ден како позитивен бран, наспроти ова што во моментов се случува, а тоа е поларизација која комуникациски само повеќе ќе не закопа како општество во место и нема да ни дозволи да се поместиме ни чекор понапред со цел излегување од оваа здравствена, економска и психичка криза на секоја индивидуа.

Постојат уште многу начини кои може да се применат од делот на комуникациската наука, но за тоа е неопходно надлежните да покажат повеќе слух и да подадат рака. Сепак, сите сме заедно во ова и е неопходно да си помагаме бидејќи непријателот е заеднички и има исто име: Ковид-19.

Освен лажни вести кои се пласираат преку социјалните мрежи имаме и антиваксери кои бранејќи ги своите ставови „против“ вакцинацијата јавно се ставаат на страната на информации кои можат да влијаат врз заштитата од пандемијата а со тоа и врз здравјето на граѓаните. Како да е справиме со ваквата појава?

– Ако сакаме да успееме, прво мора пластично да дефинираме што е проблемот и која е штетноста од лажните вести. Вака секој има своја дефиниција и своја претстава за тоа што се лажните вести.

Прво, мораме да се потсетиме дека секој има право на свој личен став и лично мислење. Барем во демократските држави тоа е загарантирано со Уставот на секоја земја. Тоа значи дека секој има право да мисли и верува во што сака. Ако ова го апсолвираме, „балонот“ многу ќе се издиши и веќе ќе може да се започне со ефикасна борба против лажните вести и теориите на заговор.

Бидејќи, под број два, ако вие решите да не верувате на научните достигнувања, тоа не ви дава за право истото да го пропагирате и ширите. Зошто? Бидејќи со тоа загрозувате човечки животи и цели процеси кои може да доведат до сериозни последици за секоја индивидуа.

Ќе се обидам да дадам практичен пример. Науката од почетокот на пандемијата се изјасни дека основна лична одбрана против Ковид-19 е честото миење на раце, држење на дистанца и носење маска онаму каде е гужва. Тоа е науката. Постојат луѓе, тоа се и наши сограѓани кои велат дека короната не постои, а носењето на маски според нив не помага. Што прави општеството, односно политичарите: вклучува цел арсенал на оружје и се бори против овие луѓе, кажувајќи им и лепејќи им секакви етикети. На тој начин само се судира народ со народ, а наместо да повлечеме повеќе луѓе кон науката, ние дополнително ги оддалечуваме од неа и ги правиме да се чувствуваат како модерни бунтовници и „спасувачи на светот“.

Што јас како лично и комуниколог правам и советувам да се прави. Мојот став кон секој кој ќе ми каже дека не верува во маските како заштита во гужва е следниот: Секако дека имаш право да мислиш што сакаш, затоа живееме во демократија. Но, во моментот кога ќе излезеш од дома и ќе бидеш во гужва, задолжително треба да ставиш маска бидејќи тоа е здравствена, односно научна препорака за заштита на здравјето. Потоа, повторно продолжи да мислиш и веруваш во што сакаш како твое право.

Значи, потребно е да се фокусираме на целта, а тоа е секој од нас да ги почитува мерките за заштита кои се базираат на наука. Независно кој во што верува и каков е личниот став на секој човек.

Дали доколку го немавме интернетот, а со тоа и социјалните мрежи и мноштво на информации, лажни или вистински ќе се постигнеше поголем процент на вакцинирани граѓани?

– Ќе бидам директен. Според мене ако го немавме интернетот во оваа пандемија, светот немаше да издржи локдаун или полициски час подолг од неколку дена, а над половина од нас ќе ги изгубеа своите работни мести или своите животи. Но, се сложувам дека Вашето прашање за интернетот е клучно, особено во насока на тоа зошто не знаеме како правилно да го ползуваме интернетот со цел споделување на научни факти, наспроти теории на заговор и лажни вести.

Според мое мислење, стравот си го прави своето во оваа коронакриза, а секој од нас се снаоѓа преку каков механизам ќе се избори во оваа ситуација која предолго трае и наметнува премногу ограничувања. Свесен сум дека овие промени и дел од рестрикциите се за добро на здравјето на секој човек, но сметам дека мора да се земе предвид дека секој проблем си бара свое адекватно научно решение. Токму затоа сметам дека е крајно време во Комисијата која ги носи мерките да се вклучи тим на правници, психолози и комуниколози.

Првите, правниците, да ги обликуваат одлуките и да предочат што е остварливо и применливо, а што ќе остане само желба и не може да се реализира во македонските услови. Вторите, психолозите, да ги предочат стравовите кај луѓето, влијанието на стресот и промените што се прават со секоја одлука, односно како да се минимизира потенцијалната штета бидејќи ова веќе предолго трае за сите. Третите, лицата за односи со јавност, за да ја обликуваат пораката и да креираат пораки со кои ќе ја вклучат јавноста во одлуките како сојузник и ќе направат максимални напори да не се создаде тешка и непремостлива поларизација на каква сè повеќе сведочиме.

Комуникацијата се базира на цела наука. Исто како и останатите научни дисциплини. Еве конкретен и свеж пример: Некој направил проценка дека еден од начините за поттикнување на повеќе луѓе да се вакцинираат лежи во виралното споделување на профилни слики на Фејсбук со паролата „И јас се вакцинирав“. Искрено, би сакал проценката да е добра, бидејќи е од интерес на сите да успееме. Но, мислам дека сите знаеме дека ќе се случи сосема спротивното. Наместо да убедиме други луѓе да се имунизираат, само ќе направиме реакција да повеќе луѓе „од другата страна“стават слика со порака „Не се вакцинирам“.

Затоа, ни требаат многу повеќе засукани ракави, теренски активности и инклузивна комуникација. Херојството со прес конференции и кабинетски активности одамна не дава ефект и нема да помогне во оваа ситуација.

Б.Т.

Слични содржини