ИНТЕРВЈУ со Лазароски од Fromzerotohero: Целта е секој да може да си ја дозволи Паметната инвалидска количка

од Stefanija Kuzmanovska

Секојдневните проблеми со кои се соочуваат лицата со физичка попреченост, нивните бариери низ општеството, претставуваа предизвик и инспирација за тимот FROMZEROTOHERO да понуди решение за тој проблем, а тоа е систем за „Паметна инвалидска количка“. Степенот на физичка попреченост кај овие лица е на доста високо ниво, односно тие не се во можност да ги движат своите екстремитети. Паметната количка претставува решение токму на нивниот проблем, вели во интервју за „Локално“ Давид Лазароски, студент на ФИНКИ кој е дел од тимот Fromzerotohero.

„Паметната инвалидска количка може да се контролира и управува со помош на поглед, односно лицето со физичка попреченост може да се движи со количката управувајќи ја преку камера која постојано го следи и го снима движењето на неговото око. Камерата соодветно сигнализира на која страна гледа лицето и соодветно дава наредби до количката да се движи“, објаснува Лазароски.

Тој наведе дека за ваков проект не се потребни многу големи финансии бидејќи тоа е целта на иновацијата – да биде евтина и да може секој да си ја дозволи.

Додава дека во нашата држава има голем број на лица на кои навистина им е потребна оваа иновација.

Како се роди идејата за создавање на паметна инвалидска количка?

-Се започна пред 2 години… инспирирани од реална приказна од нашиот живот и од наши блиски пријатели дојдовме до идеја да креираме ваква иновација. Нашиот сосед кој живее 2 куќи подолу, во неговиот живот успеал да изгради успешна кариера во фудбалот па дури и заиграл во Хрватскио клуб Осијек и многу други популарни клубови низ Југославија. Активен фудбалер беше и во неговите пензионерски денови биејќи спортот му беше огрмона пасија и љубов. Но за жал еден ден сите тие активности кои ги правеше тој со љубов згаснаа. Од социјалните медиуми дознавме дека тој направил сообраќајна незгода и се наоѓа во критична ситуација… тоа сите емотивно не допре. За жал тој после сообраќајната незгода остана парализиран односно во инвалидска количка. Неговите долни екстремитети трајно беа оштетени и оневозможени да фунцкионираат. Неговите спортски активности кои ги реализираше прекинаа, па фудбалот остана да го гледа само на телевизорот пратејќи ги сите фудбалски натпревари. Но како што тој старешее така неговите екстремитети откажуваа се повеќе и повеќе бидејќи после сообракајната незгода тој имаше оштетено многу нерви во неговиот организам па со тек на времето тој остана и целосно парализиран, и не можеше никако да ги движи екстремитетите. Допрени емотивно од таа негова ситуација и борба за опстанок често комунициравме со него како би можеле да му помогнеме и како да го спасиме од таа состојба. Тој викаше дека ни рацете ни нозете не може да ги движи, до пред 2 години можел да се движи со количката но сега не го може ни тоа бидејќи му откажува конторлата на сите екстремитети. Но сепак добро го служеше видот и комуникацијата. Па решивме да најдеме некое решение со кое ќе ги искористиме тие моторо способни делови од телото, односно очите, за да може некако со помош на погледот да ја управува количката.

Што всушност подразбира проектот, како ќе функционира таа количка?

-Секојдневните проблеми со кои се соочуваат лицата со физичка попреченост, нивните бариери низ општеството, претставуваа предизвик и инспирација за тимот FROMZEROTOHERO да понуди решение за тој проблем, а тоа е систем за „Паметна инвалидска количка“.

Степенот на физичка попреченост кај овие лица е на доста високо ниво, односно тие не се во можност да ги движат своите екстремитети. Паметната количка претставува решение токму на нивниот проблем. Како единствена моторно-способна точка на нивното тело – окото, решивме да им стане нивниот најголем помошник во секојдневниот живот. Паметната инвалидска количка може да се контролира и управува со помош на поглед, односно лицето со физичка попреченост може да се движи со количката управувајќи ја преку камера која постојано го следи и го снима движењето на неговото око. Камерата соодветно сигнализира на која страна гледа лицето и соодветно дава наредби до количката да се движи. Но количката не е паметна само поради тоа што може да се управува со помош на поглед, паметна е и затоа што таа има вграден мониторинг систем за здравје, преку кој се следи здравствената состојба на лицето со физичка попреченост. Системот се состои од множевство на сензори кои мерат (крвен притисок, проток на воздух при дишењето, телесна температура, количевство на кислород во крвта, ЕКГ, пулс, спирометрија, детекција на позицијата на телото, детекција на расположение – на емоции). Сите земени податоци од сензорите се пакуваат и се праќаат на сервер, односно на веб – мониторинг платформа каде сите земени податоци се прикажуваат содоветно во зависност од сигналот визуелно и се води нивна статистика.

Дали се потребни големи финансиски средства за да се оствари ваков проект?

-За ваков проект не се потребни многу големи финансии бидејќи тоа е целта на иновацијата – да биде евтина и да може секој да си ја дозволи, се со една и единствена цел: Да им се помогне на лицата на кои навистина им е потребна.

Постои ли интерес во нашата држава за паметна инвалидска количка?

-Даа. Во нашата држава има голем број на лица на кои навистина им е потребна оваа иновација. Иако сепак нашиот напредок е до ниво на прототип, сепак интересот е на високо ниво и има побарувања се од моментот кога прототипот ќе стане реален производ.

Дали ќе биде потребна обука за лицата со попреченост како да управуваат со паметната инвалидска количка?

-Да, се разбира. Еден од главните услови за да може да ја користат количката лицата со пречки во контролата на екстремитетите е токму нивната психичка спретност, односно стабилност, бидејќи мораат да бидат претпазливи бидејќи тие сепак ќе се движат и во сообраќај и на јавни места каде што мораат да имат максимална контрола врз управувањето.

Зошто се одлучивте тимот да го именувате „Fromzerotohero“? Дали можеби името има некаква симболика?

-Името го дефиниравме откако прототипот решивме да го реализираме во производ. Сите напори и макотрпни активности не доведоа до состојба да се чувствуваме посебно среќни затоа што се започна од обичен скициран нацрт на лист хартија. Во моментот кога започнавме да го дизајнираме и моделот, тогаш одличивме дека буквално од нула ќе станеме херои со тоа што ќе го иновираме ваквиот прототип.

Каква порака би упатиле до институциите во врска со ова прашање?

-Институциите се засега прекрасни, имаме максимална поддршка од сите страни. И невладините организации и компаниите кои се грижат за поддршка на младите таленти и стартапи во нашата држава. Останува само ние да се трудиме што е можно повеќе и повеќе за да нашиот сон стане реалност.

Дали како тим работите и на други проекти?

-Па моментално се фокусиравме максимално на овој проект и решивме да се фокусираме само на еден проект и максимално да го посветиме нашето внимание се со цел да дефнираме успех во ова поле.

С.К.

loading...

Слични содржини