ИНТЕРВЈУ со Марко Новески: Грижете се за луѓето што ве опкружуваат и верувајте во себе

од Stefanija Kuzmanovska

Грижете се за луѓето што ве опкружуваат и колку и да изгледа сè тешко во моментов дајте му шанса на животот и верувајте во себе, истакна секогаш ведриот и насмеан водител Марко Новески во интервју за „Локално“.

Вели дека откако започнала корона-кризата најмногу во неговото секојдневие се променила дружбата со пријателите и најави дека работи на нова емисија.

„Како помлад дефинитивно се огледував и учев од Игор Џамбазов, Тони Михајловски и тогашниот мој идол Џим Кери“, изјави Новески.

Додаде дека најмногу научил додека работел во „Томато продукција“, но „не смеам да ги занемарам ни останатите затоа што секоја работа си носи нови предизвици, а со тоа и можност да научиш и нови работи“.

Дали има промена во бројот на пријавени кандидати за кавизот „Листа за 300“ откако започна пандемијата на коронавирус, или пак состојбата со вирусот не ги „исплаши“ многу натпреварувачите?

-На почетокот на целава ситуација сите бевме малку исплашени или ако сакате претпазливи па се почувствува тоа и кај бројот на пријавени натпреварувачи, но за среќа не траеше долго и за кратко време се вративме во нормала.

Заедно со Кристијан Станковски или подобро познат како „Бомбакис“ подготвувате нова емисија под наслов „Без компас“. Каква ќе биде содржината на оваа емисија и кога можеме да го очекуваме првото издание?

-Дефинитивно работиме со Бомбакис на „Без компас“ но за жал сега не можам да откријам многу за да не ме караат. Ви ветувам дека за кратко време јас ќе ве молам да ви кажам збор два повеќе за сè ова.

Што најмногу се смени во твоето секојдневие откако започна корона-кризата?

-Дружбата со пријателите.

Се повеќе се добива впечаток дека нема квалитетна содржина по нашите телевизии и рејтинзите им се доста слаби, а младите се свртени кон Интернетот и Западните медиуми. Што според тебе треба да се направи за да се врати публиката пред малите екрани и да следи македонска содржина?

-Уууф мислам дека се менуваат времињата па ќе мора и телевизиите да поработат на некој нов помодерен концепт на работа… ако сакаат да им кажам ќе треба да платат😂.

Си работел во повеќе телевизиски куќи, каде научи најмногу?

-Мора да признаам дека најмногу научив додека работев во „Томато продукција“ но не смеам да ги занемарам ни останатите затоа што секоја работа си носи нови предизвици, а со тоа и можност да научиш и нови работи.

Кој од странските шоумени ти е омилен? Има ли можеби некој од македонската сцена кој најмногу те инспирирал на професионален план?

-Искрено мислам дека веќе сум доволно зрел самиот да си се инспирирам за работата но како помлад дефинитивно се огледував и учев од Игор Џамбазов, Тони Михајловски и тогашниот мој идол Џим Кери.

Во регионот гледаме вложувања на големи имиња од медиумскиот свет во локални ТВ станици, „Јунајтед група“ беше последниот пример која вложи во Бугарија. Треба ли кај нас странски капитал за да го „размрда“ малку медиумскиот свет?

-Само едно нешто ќе кажам СЕКОГАШ Е ДОБРЕДОЈДЕН СТРАНСКИ КАПИТАЛ ВО СИТЕ СФЕРИ НА НАШАТА ЕКОНОМИЈА.

Секогаш ведар и насмеан, се трудиш да шириш позитивна енергија колку што можеш повеќе. Како успеваш да останеш позитивен во овие тешки времиња? Имаш ли совет до македонската јавност како да остане ведра и силна додека трае пандемијата?

-Едноставно сум таков но да не се лажеме секако и мене не ми е погоден секој ден па голема заслуга за позитивното расположение тогаш имаат луѓето околу мене… со други зборови грижете се за луѓето што ве опкружуваат и колку и да изгледа сè тешко во моментов дајте му шанса на животот и верувајте во себе.

Одамна си познат на македонската сцена, од „Дај побрзај“ до „Листа за 300“ и многу емисии и проекти измеѓу. На кој проект си посебно горд и сметаш дека би требало повторно да започне да се емитува на екраните?

-Се што сум работел ми оставило свој впечаток но ако треба да издвојам ќе речам „Дај побрзај“ и секако тоа што сега го работам квизот „Листа за 300“ на Сител Тв. Па ако ме прашувате сега се е како што треба.

Идни планови?

-Знаете веќе дека крчкаме нешто со Бомбакис и уште еднаш ќе дадам збор дека за многу кратко ќе ве молам да ви кажам самиот, а до тогаш бидете позитивно расположени, помагајте на тие што им треба помош и живејте со полна пареа.

С.К.

Слични содржини