ИНТЕРВЈУ со Марковска: Неправдата кон жителите на Драчево и проектот кај Расадник ќе може да се исправи со референдум

од Берта Китинска

Мојот концепт на спротивставување на двете големи партии на овие локални избори, кои делуваат како организирана војска и кои што во моментот толку многу го зафаќаат медиумскиот простор што имате впечаток дека и фрижидер да отворите оттаму ќе излезат кандидатите предложени од нив, е пред се настап со луѓе кои се изградени личности и имаат добри професионални кариери и на кои што локалните избори им се само можност да покажат дека тоа знаат да го направат и за подобар раст и развој на општината, вели во интервју за „Локално“, Ѓулистана Марковска независен кандидат за градоначалник на општина Кисела Вода поддржан од коалицијата на ДОМ и ЛДП.

Таа вели дека на овие избори ја очекува поддршката на граѓаните кои се неопределени и разочарани од десниот и левиот блок.

-Јас се уште се чувствувам како дел од десната политичка матрица во сите свои размислувања и тоа воопшто не беше пречка да ја добијам поддршката од ЛДП и ДОМ, бидјќи зелениот хуман развој на општините, престанок  на неурбанизираното дивеење стопирање на бетонизацијата како и либералниот начин на носење на одлуки преку директен договор со граѓаните и чувствување на општините како заедници за осмислен и подобар живот, се совпаднаа со мојата концепција, смета кандидатката за градоначалник на Кисела Вода.

Марковска смета дека преку референдум може да се исправи неправдата кон жителите на Драчево воедно и преоктот во населбата Расадник.

-Претстои строго редефинирање на новиот детален урбанистички план кој треба да се донесе во 2022 год. разгледување на сите можности за 2 референдума, едниот за Општина Драчево како нов проект, другиот за Расадник, објаснува таа.

Долги години сте дел од високта политика сега настапаувате како независен кандидат поддржан од коалиција „Со граѓаните ДОМ и ЛДП“, кажете ни како дојде до заедничката соработката?Кој беше мотивот да биде кандидат за градоначалник на општина Кисела Вода? 

Мотивацијата за годинешниве локални избори во Коалиција со граѓаните – ДОМ и ЛДП, произлезе токму на барање на самите граѓани. Познато е дека сум долгогодишен офталмолог кој секојдневно комуницира со луѓе кои многу често позитивно ги оценуваат моите јавни настапи по разни медиуми и во врска со разни политички настани на општеството. Со оглед на тоа дека сум прилично критично настроена и кон левиот и кон десниот политички блок секојдневно ја согледувам апатијата на граѓаните и констатацијата „сите се исти“. Ова беше непосреден потстрек дека сепак треба да се подобри политичката понуда и на мое задоволство а барање од страна на ДОМ и ЛДП ја прифатив нивната понуда да бидам непартиски кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода, поддржан од нивна страна. Моето појавување на овие локални избори е исто така желба да им се објасни на граѓаните дека парламентарните и локалните избори  немаат ништо заедничко. На локалните избори гласате за инфраструктурни проблеми, за тоа каков воздух дишеме, каква животна средина имаме, дали водата за пиење е исправна… се она што  не засега мене и моето семејство како долгогодишен жител на Општина Кисела Вода.

Имате долгогодишно искуство во политиката, свесни сме дека на изборите повеќето од граѓаните гласаат за пратиите отколку за личноста. Кој е вашиот концепт со кој би сте спротивставиле на двете поголеми партии? 

Мојот концепт на спротивставување на двете големи партии кои делуваат како организирана војска и кои што во моментот толку многу го зафаќаат медиумскиот простор што имате впечаток дека и фрижидер да отворите оттаму ќе излезат кандидатите предложени од нив, е пред се настап со луѓе кои се изградени личности и имаат добри професионални кариери и на кои што локалните избори им се само можност да покажат дека тоа знаат да го направат и за подобар раст и развој на општината. Најбитна е истрајноста и политичката волја сите започнати работи да се завршат до крај.

ДОМ и ЛДП на локалните избори настапуваат самостојно иако се дел од владејачката коалиција, а вие бевте дело од  редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според вас на овие избори од која партија би придобиле повеќе гласови од гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ? 

Јас сеуште се чувствувам како дел од десната политичка  матрица во сите свои размислувања и тоа воопшто не беше пречка да ја добијам поддршката од ЛДП и ДОМ бидјќи зелениот хуман развој на општините, престанок  на неурбанизираното дивеење стопирање на бетонизацијата како и либералниот начин на носење на одлуки преку директен договор со граѓаните и чувствување на општините како заедници за осмислен и подобар живот, се совпаднаа со мојата концепција и придонесот што би можела да го дадам доколку граѓаните својот избор го направат за мене. Таргет групата на која се обраќам се неопределените граѓани, разочараните од десниот и левиот блок, оние кои досега не излегле на гласање и граѓаните членови на ВМРО ДПМНЕ кои се чувствуваат разочарани од политиките на актуелниот десен блок.

Кои се најчестите забeлешеки на граѓаните при маалските собир? Дали имаат предлози на кои можеби би поработиел? Што сакаат жителите на Кисела Вода?  

Граѓаните сакаат да бидат почесто дури и на дневна основа консултирани од страна на општинските власти за се она што се случува во нивното маало и во нивната општина. Сакаат многу повеќе зелени површини кај што ќе можат да се прошетаат и постарите и помладите, сакаат повеќе градинки и училишта со дневен престој за нивните деца, обележени велосипедски патеки, организиран јавен превоз. Граѓаните сакаат да бидат консултирани за секој ГУП и ДУП а не да никнуваат бетонски монструми па после да ги прашуваат за мислење, сакаат повеќе контејнери за фрлање на смет, едукации уште од најмали нозе за рециклирање на истиот како обновлива зелена енергија, почиста Кисела Вода, инклузија и помош за лицата со попреченост во сите сегменти, помош на старите изнемоштени лица во старечкитре домови, изградба на пензионерски домови со поинаква концепција…

Кои се првите проекти на кои ќе им дадете предност доколку ја добиете довербата на граѓаните од Кисела Вода?  

Прва одлука по конституирање на општинскиот совет би била за ревизија за претходното работење на општинските власти и дали биле почитувани законските одредби за сите донесени одлуки особено во делот на урбанистичкото градење. Втора одлука би била стопирање на сите градби со цел да се преиспита дали истите се во согласност со урбанистичките планови и дали го надминуваат габаритот на издадените маркици за градба. Претстои строго редефинирање на новиот детален урбанистички план кој треба да се донесе во 2022 год. разгледување на сите можности за 2 референдума, едниот за Општина Драчево како нов проект, другиот за Расадник. Референдумот досега воопшто не беше користен како алатка за изјаснување на граѓаните и покрај тоа што е најдемократската метода за учество во носење на крупни политички одлуки.

Населбата  Драчево е прилично голема населба која долги години е сосатвен дел од општина Кисела Вода. Според вас треба ли оваа населба да функционира одделно од Кисела Вода?И кој е вашиот предлог (начин) за тоа како може ова поделба да се спроведе? 

Јас и мојот тим сметаме дека е направена голема неправда кон граѓаните на Драчево кои географски, инфраструктурно па ако сакате и културолошки и по степен на урбаниот развој драстично се разликуваат од другиот дел на Кисела Вода. Таа неправда која е направена со законот за територијална поделба на општините, сметам дека преку референдум треба да се исправи со тоа што Драчево би била посебна единица на локална самоуправа во која што граѓаните би ги решиле проблемите со атмосферската и фекалната канализација која сеуште е број еден во Драчево, зголемувањето на бројот на училишта, градинки, културен дом, пензионерски дом и се она што значи подобрено урбано, културно и социјално живеење. Границата помеѓу Драчево и Кисела Вода би бил делот на Пинтија која би требало да остане во подрачјето на Општина Кисела Вода како дел кој што значајно ќе придонесе за нови фабрики и нови инвестиции.

Кој е вашиот план за да се спречи урбаното дивеење во општината? 

Само со стопирање на постоечките градби и со задолжителен дел, кој законски е конципиран за зеленило не по вертикала туку надземно, односно во ооделот на изградените урбанистички единици и се разбира преку промена на постоечкиот ГУП и ДУП.

Велите „секогаш кога сум во позиција или опозиција, јас сум во опозиција“, колку овој став ви донесе придобивки или можеби наштетеи во всшите политички ставови? 

За оние коишто  ме познаваат знаат дека јас по природа сум перфекционист и секогаш барам скриени ставки во секој одреден законски проект или одлука со цел да се донесе најдоброто во интерес на граѓаните. Оваа моја карактерна особина ме направи можеби  неомилена кај елитите на политичките раководства на партиите, меѓутоа дефинитивно тоа е одраз на мојата личност која ме прави различна од другите политичари а која што гледам дека на голем број граѓани им се допаѓа. Со оглед на мојата возраст ниту сакам ниту има можност тоа да го сменам.

Дел сте од Иницијативата за вонреден конгрес за смена на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христија Мицкоски, редовниот конгрес на партијата треба да се одржи за ноември, сметате ли дека исходот од овие избори  ќе бидат важни за неговата позиција? 

Сметам дека овие избори се „историски и значајни“ само за лидерите и на едната и на другата водечка партија инаку тоа се сосема обични локални избори за комунални проблеми на нашите граѓани кои можат да влијаат на кариерите на политичарите меѓутоа за нас како граѓани нема да се смени ништо освен ако вистинските луѓе бидат избрани на локалните избори на вистинските места.

Премиерот Зоран Заев има оптимистички очекувања  по изборите во Бугарија .Има ли надеже дека од декември можно е да ги почнеме преговорите за ЕУ? 

Себеси се сметам за оптимист ама сметам во овој случај дека работите отидоа предалеку и тоа од самата наша соседка Бугарија. Постојат Копенхашки критериуми за прием на нови членови на Унијата во кои што спаѓаат и добрососедски односи меѓутоа не и менување на историјата од која не се живее ама е значајна за корените на еден народ и се разбира не менување на идентитетот и потеклото на јазикот на еден народ. Доколку Европа е расположена да се прошири во своите географски граници ние неможеме да бидеме нејзиното „слепо црево“. Декларативно политичка волја за проширување постои меѓутоа реално вистинска за жал не и тоа го зголемувва евроскептицизмот меѓу нашите граѓани. Веројатно овој самит е последната можност на Унијата, но и на Бугарија да се „исправат работите“ и Македонија да ги почне конечно после 16 години чекање пристапните преговори. Лично не сум сигурна во тоа.

Очекувате ли изненадување на овие избори со оголед  дека на овие локални избори има голем број на независни кандидати? 

Изборите се секогаш неизвесност за сите учесници. Очекувам граѓаните да излезат масовно на избори со цел тие да бидат не само легални туку и легитимни односно вистински одраз на тоа што го бараат граѓаните како политичка понуда. Би било добро да има изненадувања заради тоа што граѓаните ќе покажат дека имаат демократски капацитет за промена на сите работи кои не им се допаѓаат, дека конечно ќе имаат можност да гласаат ЗА а не само да казнуваат гласајќи против понудената опција.

Како ја гледате општината за 4 години, доколку жителите ви ја дадат довербата ? 

Кисела Вода ја гледам како општина поделена на две општини Кисела Вода и Драчево со подеднаков економски хуман и зелен развој во двете, со различен приоритет во решавањето на проблемите што ги тиштат граѓаните, зелена без премногу бетон со повеќе установи во кои што граѓаните ќе можат да разменуваат искуства и планови за нејзиниот развој и пред се како отворен дом за сите кои имаат што да кажат и да направт за општината.

Б.М.

Слични содржини