ИНТЕРВЈУ со Мехмедовиќ: Омикронот нема да биде последната варијанта на ковид, овој вирус и понатаму ќе еволуира

од Берта Китинска

Примањето на третата бустер доза според анализата направена во Фајзер би значела дека ефикасноста на имунитетот би била на речиси 90% во однос на омикрон варијантата, што е речиси идентично со ефикасноста на вакцината по две примени дози во однос на дивата Вуханска варијанта. Но тоа не значи дека третата доза би не заштитила од евентуални идни мутации, вели во интервју за „Локално“, доктор Злате Мехмедовиќ.

Мехмедовиќ вели дека веќе се работи на подобрување на антигенската компактибилност на вакцините и дека постои можно во март месец 2022 година да имаме вакцини кои многу подобро ќе спречуваат симптоматска болест, тешки клинички форми на болеста и смртен исход.

-Таквите „апдејтирани“ вакцини ќе ја задржат високата ефикасност и кон новите варијанти на вирусот, сметам дека омикрон нема да биде последната варијанта и дека овој вирус и понатаму ќе еволуира, вели докторот.

Надлежните велат вакцината е единствениот лек против пандемијата, но сепак постои скептицизам. Зошто има недоверба кај народот околу вакцинацијата против ковид 19?

Сметам дека е подобро формулирано е ако кажеме дека вакцината е еден од сновните но не и единствениот лек против пандемијата. Непочитувањето, неприменувањето на правилно димензионирани превентивни мерки кои ќе ја намалат трансмисијата на вирусот е истотака есенцијален „лек“ за оваа пандемија. Веќе 1 месец живееме под закана од ширење на нова варијанта Омикрон, за која сеуште немаме доволно податоци, а причината за појавата на оваа варијанта и на сите други варијанти е недоволното забавување на процесот на пренесување на вирусот од човек на човек. Затоа треба да се применуваат и превентивните мерки паралено со процесот на вакцинација. И таквиот искрен и чесен пристап во водењето на пандемијата е нешто што ни недостасува. Кога почнаа вакцинираните граѓани да се заразуваат, заболуваат па дури и да починат, очигледно беше дека не постои единствен основен „лек“ кој ќе го сведе ризикот од вирусот на нула. Информациите кои министерството за здравство ги дисеминираше во форма некоја кампања(ако и воопшто тоа може да се нарече кампања) беа нецелосни,нејасни, понекогаш дури и нелогични и одеа во насока да се создаде дополнителен скептицизам во процесот на вакцинација, а „млаката“ кампања остави простор за многу дезинформации на социјалните мрежи кои дополнително наштетија на тој процес.

Со формирањето на новата влада министерството за здравство според најавите ќе го предводи Беким Сали доктор стоматолог.Сметате ли дека се потребни нови промени во оваа министерство со оглед што нашата земја како и целиот свет е во ек на пандемија?

Се чуствуваше замор кај министерот Филипче и кај неговите советодавни тела како Комисијата за заразни болести во последниот период(повеќе од 6 месеци) што се рефлектираше и во мерките кои ги превземаше во насока на контрола на ширењето на вирусот. Фокусот му беше на слободните болнички капацитети, а не на превенција односно спречување на ширење на болеста и заштита на здравјето пред се. Лекувањето како решение за пандемијата не можеше да си го дозволат ниту најбогатите земји, напротив работеа интензивно на превентивата. Вакцинацијата беше еден од важните превентивни процеси(пред се во насока на спречување тешка болест и смртен исход) и во таа насока земјите со висок развој како пораз го прифаќаа фактот дека во нивната земја една третина од населението не е вакцинирано(на пр.Германија, Австрија). Во Македонија нешто повеќе од едната третина е вакцинирано население и тоа никогаш не беше причина за критички осврт кон таков поразителен развој на настаните. Промената во министерството за здравство може да донесе нови идеи, поинаков начин на размислување, и затоа сметам дека може да биде и предност а не хендикеп.

„Омикрон“ е новата „закан“ според досегашните истражувања познато е дека брзо се шири, вакцинираните не се доволно заштитени и нема некои специфични симптоми по кои се разликува од останатите мутации.Сметате ли дека ова ќе биде проблем при дијагностиката на пациените за тоа дали станува збор за ковид, настинка или можеби грип?

Инфицираните со Омикрон имаат речиси идентична клиничка слика со оние кои боледуваат од вообичаените за овој период настинки. Најчестите симптоми при заразување со омикрон варијантата се течење од носот, главоболка, омалаксаност, кивавица и болно грло. Претпоставките се дека 50:50 се шансите да заболите до настинка-грип во однос на ковид предизвикан од омикрон. Толку е висока преносливоста на вирусот и препорачливо е за сите кои што ќе имаат овакви симптоми да се изолираат, да се тестираат и доколку се позитивни на ковид да побараат стручна медицинска помош. Не постои специфичен симптом кој би не навел на тоа да помислиме дека се работи за ковид, дури и губењето на мирис и вкус кај омикрон инфекцијата не е толку изразена како кај делтата и претходните варијанти. Основната дијагностика сепак мора да се базира на пцр тестовите за горнореспираторни инфекции кои можат да ни покажат дали се работи за ковид, грип или сезонска настинка.

Вакцините за ковид во моментов кои ги имаме се заштита од основниот вирус .Дали можеби примањето на трета доза би не заштитла од нови мутации ?

Примањето на третата бустер доза според анализата направена во Фајзер би значела дека ефикасноста на имунитетот би била на речиси 90% во однос на омикрон варијантата, што е речиси идентично со ефикасноста на вакцината по две примени дози во однос на дивата Вуханска варијанта. Но тоа не значи дека третата доза би не заштитила од евентуални идни мутации. Веќе се работи на подобрување на антигенската компактибилност на вакцините и можно во март месец 2022 година да имаме вакцини кои многу подобро ќе спречуваат симптоматска болест, тешки клинички форми на болеста и смртен исход. Таквите „апдејтирани“ вакцини ќе ја задржат високата ефикасност и кон новите варијанти на вирусот, сметам дека омикрон нема да биде последната варијанта и дека овој вирус и понатаму ќе еволуира.

Сметате ли дека е потребно пред да се прими бустер доза да се проверат антитела?

Според мене е непотребно да се проверуваат антителата пред да се прими бустер доза. Антителата се само еден дел од имунитетот и не ја даваат целосната слика за квалитетот на имунитетот кој го имаме. Се додека не се испитаат сите елементи на имунитетот, како на пример клеточниот имунитет кој е исклучително важен во спречување на тешка форма на болеста, не можеме да правиме проценка за тоа дали треба да се прими бустер дозата. Да биде јасно, примањето на бустер дозата може да го подобри имунитетот, а во ниту еден случај не може да предизвика штета на имунитетот.

Во случај доколку антителата се високи дали тоа е показател дека лицето можеби меѓувреме го поминало вирусот на нога со оглед дека заштитата на вакцините трае шест месеци?

Да претпоставиме дека тоа лице било вакцинирано, со две дози на било која вакцина, пред повеќе од 6 месеци и дека истото тоа лице направило тест за антитела и се докажало дека има високи ИгГ антитела, но тоа не значи дека со сигурност тоа лице било експонирано на вирусот и дека поради тоа има висок титар на антитела. Можно е иницијаната бројка на антитела по вакцинацијата да била висока и со оглед на фактот дека не е 100% правилото за слабеење на имунитетот создаден со вакцините, туку е индивидуално зависно, може повторно да заклучиме дека проверката на антителата не е сигурен индикатор за квалитетот на имунитетот кој го носиме.

Дали континуираното носење маски е штетно по здравјето на децата?Сметате ли дека децата треба да се “ослободат“ од оваа заштита?

Постои неоправдана загриженост дека маските за лице може да го намалат внесот на кислород и дека може да доведат до ниски нивоа на кислород во крвта, што е апсолутно неточно. Маските се направени од материјали кои не го спречуваат кислородот што му е потребен на вашето дете. Носењето маска за лице неможе да го спречи нормалното развивање на белите дробови децата, но може да ги спречи респираторните капки кои го содржат вирусот. Инфекцијата со ковид може да ги оштети времено или трајно белите дробови на децата. Воедно лажни се тврдењата дека маските за лице може да доведат до труење со јаглерод диоксид од повторното вдишување на воздухот што вообичаено го издишуваме. Молекулите на јаглерод диоксид се многу мали, дури и помали од респираторните капки. Тие не можат да бидат заробени од материјали кои се користат заизработка на маски. Здравствените работници во текот на цела оваа пандемија носат тесни маски речиси по цел ден како дел од нивната работа без никаква штета по нивното здравје.

Според податоците на Институтот за јавно здравје над 900 лица по вторпат се имаат заразено со вирусот додека пак две лица по третпат го имаа прележано коронавурсот во земјава.Дали вирусот по воториот или третпат ги напаѓа лицата кои имаат слаб имунитет или неразиваат антитела?

Да, најголема веројатност е дека вирусот ќе предизвика болест кај оние со послаб имунитет, кај имунодефициентните особи, и затоа е препораката за примање на дополнителна доза на вакцината(не бустер доза) неколку недели по примањето на втората доза. Овие групи на граѓани се ризична група, тие се лесна цел за вирусот и препорачувам да побараат совет од својот лекар(согласно нивната медицинска состојба) за тоа како да се заштитат.


Дали има разлика помеѓу симптомите како и степенот на развивање на инфекцијата повторпат кај лица кои не се вакцинирани и оние кои имаат заштита?

Најчесто реинфекцијата или пробивањето на имунитетот по вакцинација се карактеризира со полесна клиничка форма на болеста, и мал број од овие пациенти со ковид се хоспитализираат со компликации. Повеќето од нив немаат потреба од кислородна поддршка, немаат значителни промени на рентген или компјутер, и по неколкудневниот болнички третман се испраќаат на домашно лекување. Исклучително е мал бројот на пациенти кои развиваат тешка форма на болеста или завршуваат со смртен исход а биле вакцинирани или ја прележале болеста. Мутациите на вирусот ги оневозможија и вакцините но и имунитетот стекнат со прележување на болеста да бидат силен, долготраен одбрамбен механизам против ковид19. Се додека вирусот еволуира, впечатокот е дека нашиот имунитет ќе биде еден чекор поназад од болеста.

Кај повеќето пациенти кои прележале ковид 19 се појвуваат пост- ковид симптоми.Кои се причините за појава на одредени здравствени проблеми по прележувањето на инфекцијата?

Ковидот е мултисистемска болест, но и болест која ја нарекуваме ендотелна болест, односно болест која предизвикува оштетување на внатрешноста на крвните садови. Најголемиот дел од компликациите кои што ги гледаме како пост ковид се однесуваат на нарушениот крвоток по прележување на болеста(поткрепено со отстапувања на д-димерите) и се јавуваат во форма на мозочни удари или срцеви инфаркти, или запушувања со тромби на белите дробови или периферните крвни садови. Не смееме да заборавиме дека особено се тешки компликациите по прележување на тешка болест при која има сериозни промени во белите дробови(во форма на пневмонија), затоа понекогаш е потребно навистина долг временски период за да се рехабилитираат белите дробови од фиброзата која се создава по прележување на болеста.

Кој е вашиот совет за успешно постковид опоравување и закрепнување на организмот?

Не би навлегувал во детали, со оглед на тоа дека треба да се следи секој органски систем, би требало премногу да објаснувам за секој дел поединечно. Но би препорачал да се внимава на секој симптом и задолжително да се побара стручна помош од лекар доколку забележите дека нешто невообиаено. Доколку имате тегоби со белите дробови, невролошки, кардиолошки, ендокринолошки обратете се до специјалист за да се направи проценка на компликацијата и евентуалниот ризик по вашето здравје.

Сите се прашуваме дали овој вирусот ќе „исчезне“ и ќе може да функционираме како порано.Според вас дали воопшто некогаш ќе заврши пандемијата или ќе мора да се научиме да живееме со неа?

Доколку не го промени светот пристапот кон вирусот, оваа пандемија нема да заврши набрзо. Слободното пренесување на вирусот од човек на човек е основата за појава на можни мутации, а преку нив и на нови варијанти на вирусот. Појавата на новата Омикрон варијанта е директна последица на тоа неконтролирано пренесување на вирусот, нешто што може да се спречи на 2 начини:со високо ефикасни вакцини кои ќе спречат инфекција(кои сега за жал ги немаме) и со ефективни превентивни мерки. Во наредниот период (март 2022 година)можно е да добиеме високо ефикасни вакцини кои ќе бидат одлични во спречување на инфекција но истите мора да бидат масовно произведени, брзо дистрибуирани, брзо аплицирани на најмалку 70% од светската популација(во период не подолг од 6 месеци), и ако целиот тој процес биде пропратен со ефективни превентивни мерки, тогаш можно е да ставиме точка на оваа пандемија. Предуслов сето ова да успее е да нема нови варијанти на вирусот во тој период од 6 месеци, затоа можеби и идеално би било кога целокупниот процес би можел да се заврши во период пократок од 3 месеци. Доколку не успееме на овој начин да се справиме со вирусот, веројтаноста дека ковид ќе стане секојдневие и ќе се мораме да научиме да живееме со вирусот во наредните години или уште полошо децении.

Б.М.

Слични содржини