Интервју со Минчев: Мој став е дека Балансерот треба да биде укинат, Останува одлуката да ја донесе Уставниот суд

Во исчекување на конечната одлука околу тоа дали и понатаму бројот на преброени административци треба да зависи од „Балансерот“, министерот за јавна администрација топката ја префрлува на Уставниот суд.

од Vladimir Zorba
299 прегледи

Во исчекување на конечната одлука околу тоа дали и понатаму бројот на преброени административци треба да зависи од „Балансерот“, министерот за јавна администрација топката ја префрлува на Уставниот суд.

„Мој став е дека „Балансерот“ треба да биде укинат“, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев во интервју за „Локално“, но и прецизира дека ќе ја почитува одлуката, без оглед во која насока ќе биде таа донесена.

Како предизвик, и пред се жежок костен во рацете на Владата  ги нотира и барањата на синдикатите за поголема плата, посочувајќи дека се работи на изнаоѓање на компромисно решение во ситуација кога буџетот е како што вели, во исклучително лоша состојба.

Оттука, според него, најавата на Владата за ограничување на колективните договори и потпишување на нови, е очекувана и разбирлива бидејќи е  производ на различни законски решенија, за разни институции, кои се однесуваат на висината на платите на вработените, и на посебни важечки индивидуални колективни договори.

„Сето ова не доведува до една хаотична состојба каде вработени на исти позиции во повеќе институции имаат различен месечен надоместок. Министерството за јавна администрација  во иднина ќе се залага за нов општ, системски “Закон за плати” кој ќе важи за цел јавен сектор. Максимално сме фокусирани на тоа секоја законска рамка да се усогласи со приоритетната цел на Владата која предвидува зголемување на платите и пензиите на граѓаните, но не и на функционерите“, вели Минчев.

Најавата за укинување на контроверзниот Балансер, брзо Ве стави во фокус на јавноста која очекува позитивни поместувања во оваа насока. Какви се вашите очекувања во пресрет на 18 септември кога Уставниот суд ќе одлучува за неговата уставност и законитост и кои чекори ви претстојат доколку оваа алатка остане во минатото?

-Алатката „Балансер” начелно создадена за правична застапеност на заедниците во институциите, во минатиот период е често злоупотребувана.  Јас неколку пати досега потенцирав дека имало случаи каде што Македонци се изјаснувале како Албанци, Албанци се изјаснувале како Македонци или пак припадници на други етнички заедници се изјаснувале или како Македонци или како Албанци. Таа злоупотреба на “Балансерот” е регистрирана и аргументирана. Всушност, дигиталната алатка “Балансер” ја губи својата намена за која е создадена. Оваа ситуација е нотирана и во скрининг извештајот на Европската комисија. Аналогно на тоа се поставува прашањето дали воопшто треба како алатка да постои. Мој став е дека „Балансерот” треба да биде укинат. Во Законот за вработени во јавниот сектор е децидно наведена формулата за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници. Таа се однесува исклучиво за населението кое што живее на територија на Република Северна Македонија, односно на резидентното население, согласно податоците добиени од последниот попис во 2021 година. Морам да истакнам дека по моето стапување на функција како Министер за Јавна администрација, затекнатата состојба за пресметка на правичната застапеност на етничките заедници не беше во законски рамки. На моја иницијатива, таа аномалија е отстранета, формулата за пресметка е сменета, и во овој момент се спроведува.

Што се однесува до иницијативата доставена до Уставниот суд за оценка на уставноста и законитоста на “Балансерот” можам да кажам дека тогашното Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) доставило мислење по однос на истата. Останува одлуката да ја донесе Уставниот суд, а ново формираното Министерство за Јавна администрација, ќе ја почитува одлуката, без оглед во која насока ќе биде таа донесена.

Најавените закони за администрација се секако меѓу едни од приоритетните, па оттаму и прашањето дали по нивното повлекување поради потреба од јавна расправа имате генерални анализи во која насока се досегашните забелешки?

-Министерството за Јавна администрација повлече од Собраниска процедура, три суштински Предлог законски решенија, и тоа се: Предлог законот за вработени во јавниот сектор (ЗВЈС), Предлог законот за административни службеници (ЗАС) и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Според нас ова се клучни предлог закони со кои го означуваме почетокот на длабоките и сериозни реформи во јавната администрација. За разлика од претходната Влада, ние инсистираме овој процес на носење на вакви законски решенија да биде транспарентен, во кој се вклучени сите засегнати страни. За таа цел, Министерството за јавна администрација, ја започна кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”. Во рамки на кампањата, очекуваме да ги слушнеме ставовите, предлозите и мислењата на сите надлежни институции, граѓански здруженија, домашни и меѓународни невладини организации, синдикати, експертската и академската заедница, ЗЕЛС, опозицијата, со единствена цел да добиеме системски, квалитетни но пред се закони кои ќе имаат вистинска имплементација т.е. ќе бидат применливи.

Министерството за јавна администрација номинираше теми за сите Предлог закони, анализи имаме, формирана е работна група во рамки на министерството задолжена да ги сублимира сите предлози и сугестии, но во овој момент додека трае дебатата по истите, неблагодарно е да ја прогнозираме крајната содржина на законите.

Ако тргнеме од тоа дека неопходноста од ставање крај на партизацијата и превработеноста во администрацијата и подобрување на  ефикасноста беше посочувана од секоја досегашна власт, се отвора прашањето кои се основните аргументи поради кои велите дека најавените закони за администрација ќе значат вистински пресврт?

-Пресврти и решенија преку ноќ – нема. Реформите во јавната администрација се долготраен процес. Но, првиот услов да започнат долго најавуваните реформи во јавната администрација е да се донесат квалитетни, системски и применливи закони, кои треба да произлезат од широка јавна дебата. Ние тоа во моментов го правиме. Вториот услов е да постои политичка волја да се спречи она што се случувало изминативе децении, а тоа е партизација и прием на нестручен и некомпетентен кадар. Политичка волја кај оваа Влада постои.Новите законски решенија треба да го зајакнат системот на вработување и унапредување базиран на стручност и компетенции, да се врши проверка на знаењата на кандидатите за вработувања, точно да се наведат работните задачи врзани за секое работно место, односно да функционира мерит системот. Исто така посебно треба да се обрне внимание на доквалификација на постоечките вработени во јавниот сектор. Секако треба и да се креира нов модел на дополнително мотивирање на вработените и унапредување на работата и стручните капацитети на администрацијата.

Горан Минчев

Горан Минчев

Кога ќе профункционира линијата за пријава на корупција и дали очекувате дека луѓето ќе се одважат да ја пријават, особено ако се има предвид  отсуството  на слух на секоја влада досега?

-Сузбивањето и неутрализацијата на корупцијата е една од приоритетите на оваа Влада. Таа е присутна во секоја пора на општеството, и затоа довербата на граѓаните во институциите е на ниско ниво. Потребна е системска, суштинска и одлучна борба против корупцијата. Оваа Влада е силно мотивирана да поведе решителна борба против корупцијата. Иако оваа Влада постои само 80 дена, ме радува фактот што до сега нема евидентирано никаков коруптивен скандал. Оттука, би сакал да напоменам дека сите алатки од типот на “линија за пријава на корупција” се добредојдени. Впрочем, таа веќе и функционира во рамки на Министертвото за внатрешни работи. Граѓаните анонимно може да пријават девијантно однесување на административците, барање поткуп, подароци или друг вид на против услуги за извршената работа која спаѓа во описот на нивното работно место.

Разбираме дека постои длабоко вкоренета култура на молчење кога станува збор за пријавување на корупција, но тоа мора да се смени и затоа ги охрабруваме граѓаните да се вклучат во овој сериозен процес.

Барањата на синдикатот за зголемување на платите секако се жежок костен, па оттаму и прашањето какви чекори можеме да очекуваме понатаму, особено ако ја имаме предвид најавата на Владата да ги ограничи склучените колективни договори?

-Барањата на синдикатите за зголемување на платите секако претставуваат сериозен предизвик. Потребен е активен дијалог со синдикатите и ние како Министерство тоа го правиме во повеќе форми, преку директни средби со сите регистрирани синдикати но и со вклучување на истите во дискусиите кои ги спроведуваме во рамки на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација”. Нашата цел е да најдеме избалансирано, компромисно решение кое ќе биде на задоволство и на двете страни. Но исто така треба да се земе предвид и затекната финансиска состојба на Буџетот, за која за жал морам да констатирам дека е во исклучително лоша кондиција и истата да најде разбирање кај синдикатите.

Најавата на Владата за ограничување на колективните договори и потпишување на нови, е очекувана и разбирлива. Таа е производ на различни законски решенија, за разни институции, кои се однесуваат на висината на платите на вработените, и на посебни важечки индивидуални колективни договори. Сето ова не доведува до една хаотична состојба каде вработени на исти позиции во повеќе институции имаат различен месечен надоместок.

Министерството за јавна администрација  во иднина ќе се залага за нов општ, системски “Закон за плати” кој ќе важи за цел јавен сектор. Максимално сме фокусирани на тоа  секоја законска рамка да се усогласи со приоритетната цел на Владата која предвидува зголемување на платите и пензиите на граѓаните, но не и на функционерите.

Бројките на вработени во администрација се секогаш предмет на реакција, но и на сериозни забелешки дека додека од една страна има превработеност на одредени профили, останатите, особено инженерските сериозно недостасуваат. Како изгледа ситуацијата низ бројки и за колку е администрацијата  зголемена во однос на 2017 година?

-Не би се согласил со Вас дека недостасуваат само инженери во јавната администрација. Можеби нив повеќе им е местото во институциите од областа на јавните дејности. Во јавната администрација недостасуваат и правници и економисти и што е најважно во јавната администрација недостасува стручен и квалитетен кадар, кој може да одговори на задачите што од него ги бара државата.

За ситуацијата низ бројки можам да кажам дека согласно годишниот извештај за вработените во јавниот сектор што секоја година министерството го подготува и објавува на својата веб страна, бројот на вработени во администрацијата е во некоја постојана константа неколку години наназад.

Како пример, заклучно со 31.12.2016 година 129.653 лица имале засновано работен однос во некоја од 1.291 институции на јавниот сектор. Додека пак заклучно со 31.12.2023 година (последен пресек) 128.879 лица имаат засновано работен однос во вкупно од 1.371 институции на јавниот сектор. Бројот на административните работници во јавниот сектор е намален во споредба со таа година, но бројот на  институциите на јавниот сектор е зголемен. Мислам дека проблемот не лежи во бројноста на административните службеници, туку повеќе во нивната компетенција, знаење и вештини.

Нешто за кое особено ќе се залагаме ќе биде токму обезбедување на стручна и квалитетна обука на јавната администрација која што ќе обезбеди високо професионална и компетентна јавна служба.

Дали се размислува за воведување на пофлексибилно работно време на администрацијата по примерот на Албанија , во петоците да се работи шест часа?

-Флексибилното работно време е важен фактор, особено во денешното општество кое динамично се развива. Ние внимателно ги следиме искуствата на другите земји, вклучително и Албанија, за да видиме како таквите мерки влијаат на продуктивноста, задоволството на вработените и испораката на услуги. Иако сè уште не сме донеле никакви одлуки, отворени сме за истражување на опции кои би можеле да обезбедат поголема рамнотежа помеѓу работата и животот на вработените во јавната администрација без притоа да се загрози квалитетот на услугите што им се обезбедуваат на нашите граѓани. Сите евентуални промени, мора да бидат засновани на темелна анализа која ќе ни гарантира дека тие се практични и корисни.

К.В.С.

Слични содржини