На почетокот од владеењето, зедоа унгарски кредит, не задолжија без да не прашаат и тоа главно за асфалтирање улици и бекатонизирање тротоари! Со тоа, ниту ќе им помогнат на општините да бидат помалку задолжени, ниту на граѓаните да бидат помалку сиромашни. Каков апсурд! Не убедуваа дека кредитот бил поволен, а притоа сите знаеме дека нема евтин кредит, дури и да е бескаматен! Народот живее со празен џеб, фрижидер и стомак, ама ете, важно асфалтот е свеж, а бекатоните – правилно наредени. Порано парите одеа во стиропор и жални врби, а сега во асфалт и бетон. Тоа е ДПМНЕ. Суштината иста, само амбалажата сменета, вели во интервју за „Локално“ Ема Нешковска, заменик претседателка на Форумот на жени на СДСМ.
-Наместо да се помогне на сиромашните, на самохраните родители, на лицата со попреченост, на жените жртви на насилство, на оние што едвај врзуваат крај со крај… со парите што Владата ги дава на општините како милостина, ќе се бетонираат животите на граѓаните и буквално и симболично. Од друга страна, страшната трагедија во Кочани е слика за тоа каде сме – нефункционален систем, институции што тонат и молчат, селективна правда на секој чекор… После таков настан, нормално и одговорно ќе беше Владата да поднесе колективна оставка и да се отвори целосно транспарентна, професионална истрага, без никакво и ничие влијание, вели Нешковска во интервјуто.
За изјавата на премиерот Мицкоски „јас, мама, тато, дада и бато“, која предизвика голем број реакции, вели дека тој „нема мандат да дефинира што е семејство“.
– Во ниту една демократска држава, ниеден политичар нема право да го наметнува тој поим. Наместо да наметнува дефиниции, треба да создаде услови – економски, социјални и системски, каде што секое семејство, во секоја форма, ќе може да живее достоинствено. Иронично е да повикуваш на многудетни семејства, а да не создаваш услови за нивна егзистенција. Без зголемени плати, без стабилен систем, без основна сигурност, каква порака праќаме? Жената не е фабрика за раѓање, а семејството не е политичка флоскула, порача таа.
Пред десетина бевте избрана за заменик-претседателка на Форумот на жени на СДСМ. Какви се вашите задачи и како ќе делувате во иднина?
-Форумот на жени на СДСМ претставува организирана форма на дејствување на жените во рамките на партијата, со цел промоција и реализација на програмските цели на СДСМ, особено во делот на родовата еднаквост и заштита на правата на жените.
Дејствуваме во рамки на партијата, но и пошироко во општеството преку активности што имаат за цел да ја подобрат положбата на жените, да ја зголемат нивната видливост, самодоверба, застапеност и учество во процесите на одлучување. Жените не смеат да бидат само бројки за исполнување на квоти, туку рамноправни чинители во сите сфери на животот.
Форумот предлага конкретни политики и мерки, организира дебати и трибини за важни прашања што ги засегаат жените, гради партнерства со граѓански организации и фондации, и активно соработува со женски организации и форуми од политички партии дома и во странство.
Иако новото раководство беше формално избрано неодамна, претседателката Даниела Колева на 26 јануари, а ние останатите околу средината на април, во изминатиот период организиравме бројни активности.
Најголемиот предизвик, но и највпечатлива активност беше 8-мартовскиот марш во Струмица, кој традиционално го организира Форумот. Оваа година под мотото „Исправени заедно за еднаквост, правда и мир“, маршот испрати силна порака за продолжување на борбата за правата на жената, борба која сè уште не е завршена.
За мене, особено е важно тоа што Форумот на жени на СДСМ го потпиша Кодексот за однесување за борба против насилството врз жените во политиката и изборниот процес, како проект спроведен од Швајцарската соработка во Македонија, спроведен од Меѓународната фондација за изборни системи Ifes North Macedonia.
Освен потпишувањето, доставивме и конкретни забелешки и предлози, со нотација на важни активности и мерки што во следниот период ќе се трудиме да ги имплементираме.
Во иднина, продолжуваме со уште поголема енергија и одговорност да се бориме за достоинството, правата и можностите на секоја жена во Македонија, затоа што правата на жената не се само женски прашања, туку општествена потреба и вредност.
Дали жената денес има место во политиката? Каква е разликата од минатата влада предводена од СДСМ, во однос на актуелната по тоа прашање?
-За разлика од минатото, жената денес е на значително подобра позиција во македонското општество, но тоа ниту е доволно, ниту е доста. Унапредувањето на позицијата и правата на жената е процес – процес кој бара континуирана заложба, искрени намери и истрајност по еден долг, трнлив пат. Искуството и реалноста покажуваат дека жените се истрајни, одлучни и храбри, способни да се справуваат со секој предизвик. Тие имаат капацитет, интегритет и знаење да го променат светот на подобро.
Затоа, нашата обврска е да се бориме тие да го добијат своето заслужено место – не затоа што „треба“ или затоа што „им следува“, туку затоа што без жените, ниту едно општество не може да биде комплетно.
Сметам дека со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, позицијата на жената стана понеповолна, дури и загрозена. Компаративната анализа со владата на СДСМ тоа јасно го покажува. Тогаш жените беа препознаени како вредни и капацитетни и беа дел од клучни сектори, од безбедност, економија, до образование.
Денес, со 20 министерства – најмногу досега – само 3 ги водат жени. Тоа е само 12,5%застапеност. Ова е алармантен пад во родовата рамноправност.
Во време кога имаме најмногу министерства, жените имаат најмалку моќ. Тоа не е случајност – тоа е политика на ДПМНЕ.
Ова не се само бројки. Ваквата состојба испраќа силна порака – наместо напредок и рамнопрсвност, се соочуваме со враќање на политички систем во кој жените се маргинализирани и свееени на симболичко присуство.
Денешната нивна отсутност значи реално намалување на демократскиот капацитет на институциите, бидејќки општество во кое жените не се дел од одлучувањето – не е демократско општество.
Форумот на жени често се залага за достоинство и заемна поддршка меѓу жените во политиката. Дали реагиравте во врска со вербалната расправија меѓу пратеничката Славјанка Петровска и министерката Гордана Димитриоска-Кочоска?
-Форумот на жени на СДСМ отсекогаш се залагал за достоинство, заемна поддршка и солидарност меѓу жените. Преку јасна борба и активно учество во креирањето политики, тој претставува глас на жените во политиката кој не молчи пред неправда и нееднаквост.
Континуирано го поддржуваме коректниот политички дијалог, реагираме на дискриминација и родово базирано насилство, водиме позитивни кампањи против говорот на омраза и насилството врз жени и девојчиња, и ги охрабруваме жените да истраат, уверувајќи ги дека не се сами.
Во однос на изјавата на министерката за финансии Кочоска, упатена кон пратеничката Славјанка Петровска – дека „не знае колку троши четиричлено семејство затоа што нема деца“ – Форумот најостро ја осуди оваа навредлива, срамна и дискриминаторска изјава. Побаравме јавно извинување и ја повикавме Унијата на жени од ВМРО-ДПМНЕ да реагира, но, за жал, таа остана безгласна.
Со оваа изјава, министерката не ја навреди само Петровска, таа ги навреди сите жени во државата, сите граѓанки што секојдневно се борат со предизвиците на животот. Пратеничката група на СДСМ побара нејзина оставка, со јасна порака: министерка која навредува граѓанка не заслужува да раководи со министерство.
Дополнително разочарува нејзиното арогантно и неемпатично однесување. Наместо извинување, видовме обид за амнестија и игнорирање на јавниот револт. Нема ништо полошо од навреда од жена на жена, но исто така, нема ништо посилно од жена што ќе подаде рака на друга жена.
За жал, настанот не доби разрешница. Ниту министерката, ниту премиерот, ниту Владата се извинија. Во зрела и демократска држава, министерката би поднела оставка, ако не поради морал, тогаш барем поради притисокот од јавноста.
Во пресрет на локалните избори, дали Форумот на жени ќе бара реципроцитет и еднаква застапеност на жени како кандидатки за советници и градоначалнички?
-Во пресрет на локалните избори, Форумот на жени на СДСМ ќе продолжи со недвосмислена заложба за еднаква застапеност и реципроцитет на жените како кандидатки за советнички, но и за градоначалнички. Тоа е особено важно ако се земе предвид дека жените сè уште се недоволно застапени на некои од овие позиции, како што е функцијата градоначалник – каде родовиот јаз е најизразен.
СДСМ е првата политичка партија во Македонија која воведе родови квоти за еднаква застапеност на жените, не само на изборните листи за пратеници и советници, туку и во сопствениот Статут, гарантирајќи правична застапеност на жените во сите партиски органи и тела.
Воведувањето на квотите значеше отворање на вратите за многу жени кои денес се гласни, влијателни и препознатливи во јавниот простор. Тоа е модел кој не само што треба да се задржи, туку и да се надградува. Бидејќи еднаквата застапеност не е привилегија, таа е демократско право.
Имено, уште од 1990-тите, Форумот на жени на СДСМ почна да се залага за родова еднаквост во политиката, а во 2004 година, СДСМ во својот партиски Статут формално ја вгради обврската за најмалку 30% застапеност на жените во сите партиски тела и на изборни листи. Подоцна, со законските измени (2006, 2015 и 2020), родовата квота постепено се зголеми и достигна пропишани 40% на кандидатските листи, но иницијативата и практичната примена прво ја започна СДСМ.
Значи, не само декларативно, туку со реални мерки, СДСМ беше пионер во воспоставување на родови квоти и поттикна законски и институционални промени за еднаква политичка застапеност.
На локалните избори во 2021 година, СДСМ практично го примени принципот на еднаква застапеност при составување на листите за советници. Најголем дел од листите беа составени по моделот 50% жени – 50% мажи, следејќи го таканаречениот „зип“ принцип (машко-женско или женско-машко наизменично). Форумот на жени активно учествуваше во процесот на кандидирање, обезбедувајќи поддршка, обука и мотивација за кандидатките.
Имајќи го предвид фактот дека СДСМ е предводник во борбата за еднаква застапеност на мажите и жените, и овој пат ќе го покаже тоа, не само декларативно, туку и практично. Форумот на жени ќе се залага за поголем број жени носителки на советничките листи и за повеќе кандидатки за градоначалнички, затоа што токму таму и понатаму постои најголем дефицит.

Форум на жени на СДСМ
Дали постои ефикасна правна рамка во Македонија која ја штити жената и нејзините права? И дали сметате дека таа рамка е доволна за да одговори на реалните предизвици со кои се соочуваат жените?
-Да, во нашата држава постои правна рамка која формално ги штити правата на жените. Република Северна Македонија има донесено значајни закони како што се Законот за еднакви можности на жените и мажите, Законот за спречување и заштита од дискриминација, измени во Кривичниот законик, кој предвидува санкции за насилство врз жените, сексуално вознемирување, силување, и сл. и ја има ратификувано Истанбулската конвенција, што е значаен чекор кон европски стандарди во заштитата од родово базирано насилство. Тоа покажува дека на хартија, правата на жените се признати и заштитени. Меѓутоа, суштинското прашање е дали оваа рамка е ефикасна и доволна. Мојот став е дека не е – барем не целосно.
Законот сам по себе не е доволен ако не се спроведува доследно, ако институциите не реагираат навремено и ако општеството не е подготвено да се справи со нееднаквоста во пракса. Жените и понатаму се соочуваат со родово базирано насилство, дискриминација на пазарот на труд, нееднакви можности за напредување, а во некои случаи и со институционална незаинтересираност кога пријавуваат неправда.
Исто така, пристапот до правда, заштита и поддршка, особено за жените од рурални средини и маргинализирани групи останува сериозен предизвик.
Затоа, иако правната рамка е важна и неопходна, не смееме да се задоволиме само со нејзиното постоење. Потребна ни е ефикасна имплементација, едукација на институциите, континуирана јавна свест и политичка волја за реална промена. Само така ќе имаме систем кој не само што ги признава правата на жените, туку и активно ги штити и овозможува нивна еднаква и безбедна положба во општеството.
Планира ли Форумот на жени на СДСМ да изработи конкретни нацрт-предлози и механизми за унапредување на положбата на жената во државата – надвор од партискиот контекст?
-Апсолутно. Форумот на жени на СДСМ одамна не е само внатрепартиски орган, туку сериозен актер во креирањето јавни политики со пошироко општествено влијание. Нашата мисија е унапредување на правата и положбата на жените, без разлика на нивната партиска или идеолошка припадност. Во таа насока, работиме на изработка на конкретни нацрт-предлози за решавање на клучни прашања – од родово базирано насилство, економска нееднаквост и недоволна политичка застапеност, до пристап до здравствена и социјална заштита.
Планираме широк процес на консултации со граѓански организации, експерти, синдикати и институции, за да понудиме системски, реални и применливи решенија. За нас, правата на жените се надпартиско прашање и бараат сериозен пристап, а не декларативни заложби.
Дали гледате во блиска иднина жена премиер или претседател на државата од редовите на социјалдемократите?
-СДСМ е партија која веќе докажа дека располага со силен женски капацитет, жени со интегритет, знаење и професионализам кои можат рамноправно да застанат на највисоките партиски и државни позиции. СДСМ беше првата политичка партија во Македонија која воведе квоти за еднаква застапеност – не само на изборните листи, туку и во својот Статут, обезбедувајќи правична застапеност на жените во сите партиски тела. Тоа не е само формалност, тоа е реална практика, одраз на вредностите на СДСМ. Партијата веќе подолго време има жена на функцијата заменик-претседател, а во актуелното раководство делуваат и три потпретседателки. Ова зборува за доследно препознавање и вреднување на женскиот потенцијал, не само декларативно, туку и во пракса.
Оттука, апсолутно гледам и очекувам жена како иден кандидат за премиер или претседател на државата од редовите на СДСМ. Веќе имаме неколку исклучителни жени кои се подготвени да ја преземат таа одговорност.
Изјавата на премиерот „јас, мама, тато, дада и бато“ предизвика голем број реакции и споделувања на социјалните мрежи. Како го гледате значењето на таков јавен настап од страна на премиер на држава?
-Изјавата на премиерот, во која вели дека новата дефиниција за семејство ќе биде „јас, мама, тато, дада и бато“, ја сметам за длабоко несоодветна и навредлива, особено затоа што доаѓа од човек кој ја води државата. Со таа изјава, тој директно ги исклучи и омаловажи сите оние кои живеат надвор од неговиот „идеален“ формат на семејство. Не зборувам само како самохран родител. Зборувам во име на децата кои растат со старатели, во згрижувачки семејства, на децата без родители, на семејствата што поради здравствени или социјални причини не можат да одговорат на таа шема. Таквите изјави создаваат емотивен товар и чувство на неприпаѓање, особено кај најранливите.
Дополнително, премиерот нема мандат да дефинира што е семејство. Во ниту една демократска држава, ниеден политичар нема право да го наметнува тој поим. Наместо да наметнува дефиниции, треба да создаде услови – економски, социјални и системски, каде што секое семејство, во секоја форма, ќе може да живее достоинствено. Иронично е да повикуваш на многудетни семејства, а да не создаваш услови за нивна егзистенција. Без зголемени плати, без стабилен систем, без основна сигурност, каква порака праќаме? Жената не е фабрика за раѓање, а семејството не е политичка флоскула.
Ако не го корегираме системот, тој ќе продолжи да ги повредува нашите деца – или ќе ги исели, или ќе ги изгубиме. Затоа, чувствувам обврска да реагирам. Одговорноста на јавната функција е и морална, не само политичка.

Ема Нешковска
Вие сте актуелен советник во општина Гостивар од редовите на опозицијата, во една мултиетничка и динамична средина. Како изгледа да се делува како опозициски советник во таков контекст?
-Да се биде советник во општина како Гостивар – мултиетничка, динамична и специфична средина – е пред сè чест, но и голема одговорност. Како опозициски советник, секогаш настапувам со јасна цел: да бидам гласот на граѓаните и да се борам за нивните реални потреби. Посебен акцент ставив на младите и на маргинализираните категории, со иницијативи како што се: формирање на младински совет и канцеларија за млади, финансиска поддршка за секое запишано прваче, засадување садници од секое прваче, паркинг места за хуманитарни цели, бесплатни екскурзии за деца од социјален ризик, бесплатна градинка за деца на самохрани родители, финансиска поддршка за секое новородено дете и многу други иницијативи и предлози.
Дел од иницијативите се прифатени, дел сè уште чекаат реализација, но останувам доследна и упорна. Соработката со владејачкото мнозинство знае да биде предизвик, но кога се работи за доброто на граѓаните, постојано инсистирам на конструктивност, транспарентност и почитување на законските процедури.
Себеси се гледам како борец за правда, принципиелност и подобар Гостивар – за сите.
Какво е вашето лично видување за актуелната политичка состојба во државата? Дали сметате дека институциите функционираат во интерес на граѓаните?
-Моето лично видување е дека ова е најслабиот и најхаотичен старт на една влада од осамостојувањето на државата. И покрај силниот легитимитет добиен на последните избори, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ делува несигурно, без јасна визија и со сериозни пропусти уште од првиот ден. Наместо стабилност, граѓаните добија конфузија. Наместо гордост – разочараност.
Се што како опозиција жестоко го критикуваа, денес го практикуваат со невидена леснотија, што укажува на длабока политичка неконзистентност и лицемерие. Од најавените реформи и обнова, засега гледаме само реторика, без суштински резултати.
Голем дел од поддршката во кампањата ја добија преку играње на националистичка карта и преку продлабочување на веќе постоечкиот јаз во општеството – делејќи го народот на „патриоти“ и „предавници“.
Ги излажаа граѓаните со приказни за враќање на името, а денес самите ја користат додавката „Северна“ без проблем. Преспанскиот договор, кој жестоко го критикуваа, сега го нарекуваат „ремек-дело на европската дипломатија“.
Додека беа во опозицијата, на синдикатите им се претставуваа како сојузници и им ветуваа борба за подостоинствен живот, за сега да им лепат етикети дека се платеници на опозицијата и да им кажуваат дека со 400 евра се живее „одлично“, додека, министерката за финансии, која треба да биде лице на економска одговорност, се заканува со оставка ако и се намали платата.
Тоа е навреда за секој човек кој се бори да преживее месец за месец и ја отсликува длабоката дистанца помеѓу властодршците и реалноста на граѓаните кои се борат за основни потреби.
На почетокот од владеењето, зедоа унгарски кредит, не задолжија без да не прашаат и тоа главно за асфалтирање улици и бекатонизирање тротоари! Со тоа, ниту ќе им помогнат на општините да бидат помалку задолжени, ниту на граѓаните да бидат помалку сиромашни. Каков апсурд! Не убедуваа дека кредитот бил поволен, а притоа сите знаеме дека нема евтин кредит, дури и да е бескаматен! Народот живее со празен џеб, фрижидер и стомак, ама ете, важно асфалтот е свеж, а бекатоните – правилно наредени. Порано парите одеа во стиропор и жални врби, а сега во асфалт и бетон. Тоа е ДПМНЕ. Суштината иста, само амбалажата сменета.
Наместо да се помогне на сиромашните, на самохраните родители, на лицата со попреченост, на жените жртви на насилство, на оние што едвај врзуваат крај со крај… со парите што Владата ги дава на општините како милостина, ќе се бетонираат животите на граѓаните и буквално и симболично.
Од друга страна, страшната трагедија во Кочани е слика за тоа каде сме – нефункционален систем, институции што тонат и молчат, селективна правда на секој чекор… После таков настан, нормално и одговорно ќе беше Владата да поднесе колективна оставка и да се отвори целосно транспарентна, професионална истрага, без никакво и ничие влијание.
Дополнително на се, Владата ги остави културните работници без плата, и тоа пред и по најголемиот христијански празник Велигден. Крајно неодговорно, човечки нечувствително и максимално несериозно, а на крајот замачкано со паушално и излитено извинување од министерот за култура.
Во моменти кога луѓето се соочуваат со зголемени трошоци, државата не смее да се доведе во ситуација да не им обезбеди навремена исплата на плати за сработеното на оние кои секојдневно придонесуваат за општеството и заштитата на македонскиот идентитет. Тоа е срамно и поразително!
За крај, сметам дека граѓаните заслужуваат влада што ќе работи во нивен интерес – а не ваков експеримент без визија и одговорност.
Д.Ѓ.