ИНТЕРВЈУ со Петров: ФИТР е логичен след за мојата кариера, добро знам што е потребно за успех

од Vladimir Zorba

ФИТР е двигател на иновациите, на дигиталниот развој и претприемништвото. Токму затоа е и логичен след за мојата кариера. Јас сум личност која потекнува и припаѓа на бизнис заедницата, добро знам што е потребно за успех и каде лежат најголемите предизвици, вели Коста Петров во интервју за „Локално“.

Вели дека професионалното искуство и познанствата кои ги има стекнато во изминатите 15 години на чело на креативната агенција „Пи Ворлд“ ќе му овозможат значително да придонесе за земјава токму од новата позиција на која се наоѓа.

Неговата визија, вели, е заедно со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да се позиционира Северна Македонија како регионален стартап хаб.

-Тука имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со старт ап заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат, вели потпретседателот на СДСМ.

За предизборното ветување за онлајн виза за дигитални номади, тој вели дека тоа е проект кој лично го иницира, а на концептот работи веќе подолго време.

– Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи, вели директорот на ФИТР.

Вашето именување за директор на ФИТР не беше изненадување за многумина, особено за оние кои го препознаваат вашиот сензибилитет. Дали е оваа функција многу посвојствена за вас од претходната- потпретседател на СДСМ? (секако, говорам за можностите во однос на креативноста).

-Чест ми е што застанувам на чело на инситутција која има многу важна улога во општеството. ФИТР е двигател на иновациите, на дигиталниот развој и претприемништвото. Токму затоа е и логичен след за мојата кариера. Јас сум личност која потекнува и припаѓа на бизнис заедницата, добро знам што е потребно за успех и каде лежат најголемите предизвици. И за време на мојот политички ангажман раководев со креативната агенција Пи Ворлд, која соработува со светски брендови и има свои претставништва во над 40 земји во светот. Професионалното искуство и познанствата кои ги имам стекнато во изминатите 15 години ќе ми овозможат значително да придонесам за нашата земја, токму од оваа нова позиција на која се наоѓам. Имам знаење, искуство и голема желба да им помогнам на нашите иноватори и претприемачи. Секако со нивниот раст и развој придонесуваме за равој и напредокот на општеството и државата, што беше и мој голем мотиватор да се приклучам кон политиката. Се радувам што сум на место од кадешто знам дека можам навистина да помогнам да иновациите прераснат во практичен производ кој има реално место на пазарот. Преку тимска работа со претставници од приватниот сектор, македонската стартап заедница и академската заедница, ќе ја надоградиме визијата на ФИТР и преку нашите политики ќе ја позиционираме Северна Македонија како регионален стартап и технолошки хаб. Ќе им дадеме силна поддршка на нашите иноватори и верувам дека ќе оставиме белег, ќе влијаеме позитивно на домашната економија, но и пошироко, со што ќе им дадеме поттик и инспирација на следните генерации.

Според Глобалниот Иновациски Индекс земјава значително ги подобрила своите позиции, но останаа препораките дека треба повеќе да се вложува во образованието и во соработката помеѓу бизнис секторот и академската заедница (што е оценето на многу ниско ниво). Колку иновациските ваучери ќе успеат да го надминат овој горлив проблем и пред се огромен расчекор меѓу пазарот на труд од една страна и бараните вештини и знаења од друга?

-Иновации се случуваат кога ќе се обединат државата, академската заедница и компаниите. Токму затоа ќе работиме сите заедно за да овозможиме услови за зајакнување и развој на старт ап заедницата во Северна Македонија и да им бидеме ветер во грб на иновативните умови.

Нашата подобрена позиција на Глобалниот Иновациски Индекс е јасен индикатор дека Фондот работи одлично на полето на развој на иновации, но уште поважно дека во нашата земја има огромен потенцијал за развој во оваа насока. Тоа значи имаме иноватори со автентични идеи и производи чии квалитет е препознат и се издвојува. Овој факт дополнително ја зголемува одговорноста која се пренесува на мене и мојот тим. Влегуваме во институција која за многу краток период почна да дава резултати. Така, во изминативе неколку години, ФИТР има 546 кофинансирани проекти, 75 милиони евра инвестиции, 90 поддржани училишни проекти и над 500 ученици и ментори. Фондот со својата работа сериозно инвестира во инвацискиот развој на македонските компании а со тоа создава нови работни места, поттикнува претприемачки дух и придонесува кон развојот на македонската економија. Во следниот период ќе воспоставиме систем за блиска соработка помеѓу сите релевантни чинители, за да го надминеме расчекорот меѓу потребата и понудата на пазарот, но и успешно да се избориме со сите потенцијални предизвици.

Соработката помеѓу академската заедница и приватниот сектор е клучна за развојот на иновацискиот дух на една земја. Иновацискиот ваучер е всушност само почеток на нашата долгорочна стратегија за зацврстување на соработката помеѓу државата, академската заедница и приватниот сектор. Мојата визија е Фондот да има и засебна програма фокусирана на академската заедница и науката преку која, со помош на интернационали консултанти, претставници на нашата академска заедница полесно ќе можат да аплицираат за грантови за интернационални проекти, како што се на пример Horizon и Eureka.

Имате богата професионална биографија,… интернационален претприемач, експерт за односи со јавност на брзорастечки пазари…вие сте еден од младите луѓе кои како што и самиот велите, преку свој пример поставува темели на ново општество во кое младите успеваат, создаваат, менуваат. Фактот дека половина од портфолиото на ФИТР се стартапи, значи дека имаме мотивирана армија на млади луѓе кои знаат како да дојдат до иновативни идеи.Од позиција на директор на ФИТР што ќе сторите во однос на иновативниот капацитет на младите лица? Како да се влијае врз летаргијата и да се стимулира нивен проактивен однос?

-Мојата визија е заедно со помош на интернационалната и македонската стартап заедница, со новиот бран на македонски иноватори да ја позиционираме Северна Македонија како регионален стартап хаб. Тука имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе и ќе ја насочам целата моја енергија да ги поддржиме. Најважно од сѐ – ќе работиме заедно со старт ап заедницата, за да одговориме на нивните реални потреби и да им помогнеме да успеат.

Прво што сакам да направиме е да ги доближиме услугите и можностите до потенцијалните корисници. Ќе воспоставиме силна поддршка и блиска соработка со апликантите, иноваторите. Преку систем на менторство и отворена комуникација сакаме да им помогнеме на сите кои се заинтересирани да изработат што поквалитетни апликации, но и да им дадеме ветер во грб за да изградат успешни компании. Како човек кој доаѓа од приватниот сектор можам да кажам дека надоградбата на вештините и следењето на трендовите се клучни за успехот на еден бренд и продукт. Тому затоа, редовно ќе организираме и пласираме едукативни активности за претприемништво, бизнис, иновации и слично со видни ликови од локалната, регионална и меѓународна сцена. Тука се вбројуваат разни мастер класови, обуки и тренинзи кои ќе им овозможат на нашите претприемачи и иноватори да ги надградат своите вештини и да бидат во тек со најновите светски трендови.

ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите а со тоа да создаваме нови работни места и придонесуваме кон развојот на македонската економија. Целта е да обезбедиме поддршка за компаниите и стартапите и да им помагаме во секој чекор од работењето, од едукација, развој на продукти, до комерцијлаизација и продажба.

Во предизборната кампања зборувавте за воведување на онлајн виза за дигитални номади но и трансформација на Македонско село во Стартап Село? Како ќе придонесе оваа иницијатива кон позиционирањето на Северна Македонија како иновациски хаб?

-Онлајн визата за дигитални номади е проект кој лично јас го иницирам, а на концептот работам веќе подолго време. Се работи за механизам преку кој ќе им се овозможи на иноватари и претприемачи познати како дигитални номади, полесно да добијат дозвола да живеат во Северна Македонија. Привлекувањето на ваквите таленти ќе има позитивен ефект врз нашата локална економија и ќе овозможи поблиска соработка на македонските претприемачи со интернационални претприемачи. Секако, преку размена на знаења се зголемуваат шансите за регионален и глобален успех на нашите компании.

Една од првите работи кои ќе ги покренам како директор е формирањето на меѓусекторска група за побрза реализација на овој проект.Ова е инаку иницијатива која веќе е добро развиена во земји како Грузија, Барбадос а од пред еден месец и Обединетите Арапски Емирати. Јас верувам дека нашата земја, земајќи ја во предвид нашата местоположба и блискоста со сите Европски центри, како и цените и стандардот на живот, голем има потенцијал да привлече дигитални номади.

К.В.С.

Слични содржини