Интервју со Поповски: Најавените 250 милиони евра за општините се добредојдени, но не и доволни – мора да се работи на надминување на „хроничната“ зависност на локалната од централната власт

од Nikola Popovski
342 прегледи

Дали ветените 250 милиони евра конечно ќе ја „закрпат“ постојано отворената финансиска дупка на општините? Според поранешниот министер за животна средина и просторно планирање кој зад себе има три децениско професионално искуство со фокус на локалната самоуправа – Тони Поповски, средствата се добредојдени, но сепак недоволни. Според него, првенствено треба да го намалат нагласениот инвестициски заостаток во многу области, особено кај т.н зелена инфраструктура каде тој изнесува околу 3 милијарди евра, од кои минимум 1.5 милијарди евра поврзани со управувањето со водите и испораката на водните услуги, минимум 300 мил. евра за управување со отпадот и минимум 1.1 милијарди евра за постигнување на квалитет на амбиентниот воздух, односно за спречување на аерозагадувањето.

„Оттаму и потребата, дури и вакви повеќекратно зголемени буџетски средства да се комбинираат со поволни кредити и донации. Притоа, резонски е предност да се даде на искористување на можностите за добивање на неповратни средства – грантови наспроти задолжување, имајќи во предвид дека се’ достапни средства за капитални инвестиции особено од програми на ЕУ вклучувајќи го и Планот за раст на Западниот Балкан, каде за Македонија е предвидена алокација од цирка 800 мил. евра“, вели Поповски во интервју за „Локално“.

Ја сугерира како неопходна и потребата од постепено продлабочување на фискалната децентрализација со што ќе се надмине како што вели досегашната „хронична“ зависност на локалната самуправа од централната власт која како последица ја има ситуацијата во која речиси 65 % од вкупните приходи на сите општини и градот Скопје во 2022 г. се трансфери од централниот буџет и донации.

Средства во вкупен износ од 250 милиони за капитални проекти за општините се меѓу првите најави на новата власт. Колку ќе бидат тие доволни, и генерално, дали ќе ги поттикнат градоначалниците да станат поактивни, да подготват соодветна документација и да аплицираат?

Според податоци на Министерството за финансии, во периодот 2018 – 2022 година, реализирани се’ капитални трансфери од централно ниво за инвестиции во општинска инфраструктура со вкупен износ од 12.1 милијарди денари (близу 200 мил. евра). Во овој период, примарен извор на финансирање е централниот буџет (77,3 отсто), потоа кредитите (17,1 отсто) и донациите (5,5 отсто). Од овие средства само 1.54 милијарди денари (25 мил. евра) биле директни трансфери во општинските буџети, односно во најголем дел инвестициите иако се однесувале на општинска инфраструктура, биле реализирани од други институции и фактички предадени на општините и на нивните установи и јавни претпријатија. Од своја страна, сите општини прават капитални расходи кои годишно во просек изнесуваат околу 120 мил. евра. Овие расходи претежно се направени врз основа на собрани приходи од сопствени извори и делумно од донации.

Споредено со периодот 2018 – 2022 година, издвојувањето од централниот буџет на 100 мил. евра за инфраструктурен развој на општините само за 2024 година, како и дополнителни 250 мил. евра за 2025 година и согласно со програмата на новата Влада и за наредните години до средината на 2028 е пет пати поголемо но сепак недоволно да се задоволат сите нараснати инвестициски потреби. Уште поголема, а истовремено квалитативна разлика ќе се направи доколку овие средства во најголем дел се трансферираат во буџетите на општините за што индикација е најавениот јавен повик за аплицирање со проекти од страна на општините на почетокот на септември оваа година. Несомено, на овој начин и преку ефикасно апсорбирање на овие средства од општините, а тоа е реален и многу сериозен предизвик за итно адресирање, за очекување е позначајно да се намали нагласениот инвестициски заостаток, особено кај т.н зелена инфраструктура, а кој изнесува околу 3 милијарди евра, од кои минимум 1.5 милијарди евра поврзани со управувањето со водите и испораката на водните услуги, минимум 300 мил. евра за управување со отпадот и минимум 1.1 милијарди евра за постигнување на квалитет на амбиентниот воздух, односно за спречување на аерозагадувањето и преку инвестиции во зголемување на енергетската ефикасност, зелена локална мобилност и сл. Овој инвестициски заостаток е уште поголем доколку се надоврзат инвестициските потреби поврзани со локалните патишта и улици, училиштата, градинките и други локални социјални установи, установите од областа на културата, спортот и рекреацијата, противпожарната заштита и отпорноста на климатските промени вклучувајќи заштита од шумски пожари, поплави и сл.

Оттаму и потребата, дури и вакви повеќекратно зголемени буџетски средства да се комбинираат со поволни кредити и донации. Притоа, резонски е предност да се даде на искористување на можностите за добивање на неповратни средства – грантови наспроти задолжување, имајќи во предвид дека се’ достапни средства за капитални инвестиции особено од програми на ЕУ вклучувајќи го и Планот за раст на Западниот Балкан, каде за Македонија е предвидена алокација од цирка 800 мил. евра. Поврзано со нашето пристапување во ЕУ, во моментот кога ќе станеме полноправна членка ќе имаме можност да повлекуваме барем четирикратно повеќе неповратни средства од солидарните – структурни фондови на ЕУ. Сето ова упатува на потреба од мудро подготвена и ефикасно спроведена фискална стратегија со силна компонента на јавни инвестиции во капиталната инфраструктура на национално и општинско ниво, и тоа за период од најмалку две декади. Потенцијално зачленување во ЕУ во 2030 година имајќи ви предвид дека има отворен геополитички прозорец на можност, може драматично да го скуси овој период за надминување на постоечкиот инвестициски заостаток.

Истовремено ваков инвестициски циклус заснован покрај на зголемени буџетски средства и на достапни ЕУ фондови, бара паралелно и методично да се градат капацитетите за управување со јавни средства и инвестиции од страна на сите партнери, централната власт, општините, општинските комунални претпријатија и установи и центрите за развој на планските региони. Притоа, нужно е општините да имаат подготвено квалитетна инвестициско – техничка документација и да прават реален фискален напор за собирање на сопствените приходи, а преку тарифите и цените за комуналните но и други општински услуги стабилно да се обезбедуваат средства за одржување на постоечката и новоизградената инфраструктура.

Се чини дека не можеме да се тргнеме од впечатокот дека локалната самоуправа стана „хронично“ зависна од централната власт. Зошто не успеавме целосно да ја реализираме прокламираната фискална децентрализација во насока на обезбедување доволно финансии за спроведување на пренесените надлежности?

Констатацијата за „хронична“ зависност на локалната самуправа од централната власт е точна и може да се илустрира и со податокот дека од вкупните приходи на сите општини и градот Скопје во 2022 година, а кои изнесуваат приближно 40.3 милијарди денари (околу 655 мил. евра), 64,71% претставуваат трансфери од централниот буџет и донации. Оваа состојба се должи на политички одлуки на претходните влади, кои без оглед на политичката провиниенција и без исклучок беа конзервативно поставени по однос на дистрибуцијата на приходите на централната власт наспроти локалната самоуправа. Иако споредено со фактичкиот почеток на спроведување на процесот на фискалната децентрализација во 2005 година, приходите и следствено расходите на општините нараснаа од скромни 1,1 % на над 5 % од БДП, сепак споредено со просекот во ЕУ27 од од над 10% приходи од БДП на општинските власти, може да извлечеме заклучок дека сме на половина пат.

Практично, од 2010 година, кога сите единици на локалната самоуправа со исклучок на една, влегоа во втората фаза од фискалната децентрализација, системот на финансирање на општините е консолидиран но истовремено и статичен. Приближување кон просекот во ЕУ27 налага потреба овој систем да се динамизира преку носење на соодветни политички одлуки за зајакнување на финансиските инструменти за собирање на приходи на локалната самоуправа, а особено преку зголемување на општата дотација од ДДВ за општините и делот за општините од собраните даноци на личен доход. Начин да се зголемат приходите на општините е и преку зголемени директни капитални трансфери во нивниот буџет. Ваква политичка одлука не е едноставна од причина што треба да се води сметка и за финансирањето на функциите на државата од наведените даноци, да не се запоставува и капиталната инфраструктура од регионално и национално значење, но од друга страна ефикасно спроведување на реформите на јавната администрација и преку рационализација на непродуктивни расходи може да ослободи дел од неопходните средства за општините. Нареден крупен предизвик е поврзан со реалниот капацитет на општините да ги апсорбират барем хипотетички двојно зголемените приходи како тие во ЕУ27. Оттаму и потребата овој процес на продлабочување на фискалната децентрализација да се води одлучно но внимателно и постепено, и паралелно да се јакнат капацитетите на општините и на нивните установи и јавни претпријатија како за управување со јавните средства така и по однос на спроведувањето на веќе пренесените и евентуално новите надлежности. Притоа неопходно е општините да прават доволен фискален напор за собирање на сопствените приходи и тоа треба да биде еден од примарните критериуми за пристап кон капиталните трансфери.

Преку доделените средства за капитални проекти, власта порачува дека е време за рамномерен развој. Сепак, од друга страна , диспаритетите меѓу општините секоја година сè повеќе се продлабочуваат, а највпечатлив пример е Скопје во којшто живее повеќе од половина од населението. Како да го поттикнеме обратниот процес во претстојните години? Како територијалниот развој да биде еднаков и да се однесува на сите осум плански региони во државата?

По однос на намалувањето на диспаритетите помеѓу планските региони, во предвид треба да имаме дека е воспоставена законска и институционална рамка со донесувањето на Законот за рамномерен регионален развој и Стратегијата за регионален развој за периодот 2021 – 2031 година. Законските решенија упатуваат на обврска за пресметување на степенот на развиеност на планските региони врз основа на развоен индекс за период од пет години, а по потреба и за пократок период како и за негова примена не само при распределба на средства од релевантни програми на Министерството за локална самоуправа туку и од други државни институции кои спроведуваат инвестициски програми во кои корисници се општините и нивните установи и јавни претпријатија. Одлуката за класификација на планските региони според степенот на развиеност ја донесува Владата. Оттаму, целта на новата Влада преку оваа програма за капитални инвестиции во општините да осигура порамномерен развој може да се оствари само доколку дистрибуцијата на овие средства биде заснована на класификација на планските региони според степенот на развиеност.

По однос на нагласените диспаритетите помеѓу општините, во рамки на планските региони или генерално помеѓу градот Скопје, општините во градот Скопје и другите урбани и рурални општини, препорачливо е да биде применет Индексот за општински развој кој во моментов се тестира во рамки на проект на УНДП, а кој се спроведува во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и ЗЕЛС и со финансиска поддршка на шведската Влада. До крајот на оваа година предвидено е пресметувањето на Индексот за општински развој да биде институционализирано и поддржано со соодветни акти. Во рамките на овој проект е воспоставен и Фонд за подготовка на техничка документација за општините кој истотака треба да биде институционализиран до крајот на оваа година. Овие проектни активности се компатибилни со најавената програма за капитални инвестиции за општините на новата Влада и нивното успешно финализирање ќе резултира со комплементарни позитивни ефекти.

К.В.С.

Слични содржини