ИНТЕРВЈУ со Ременски: За мене „скопското крило“ на СДСМ секогаш било бизнис/олигархиски ориентирано и предодредено

од Vladimir Zorba

Доколку Бранко Црвенковски има идеја, ако е политички нереализиран или пак, оставил нешто нереализирано додека бил на политички или партиски позиции, а не го препознава како цел во политиките на СДСМ, тогаш мислам дека баш никој нема да го спречи во идеја да формира партија. Иако мислам дека, некој друг проектира желби преку употреба на неговото име и авторитет, вели во интервјуто за „Локално“, професор Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ.

Ременски верува дека секој лојален член на СДСМ нема да размислува да се приклучи кон новоформирана партија која би произлегла од самото СДСМ.

-Да се потсетиме само дека во 2006 година се создаде НСДП на Тито Петковски кој беше дел од СДСМ, а Владо Бучковски кој исто така беше дел од СДСМ замина во политичка партија формирана од бизнисменот Минчо Јорданов. Во политичката теорија и практика постојат случаи на договорено формирање на нови политички субјекти кои треба да амортизираат одредено незадоволно членство, за да подоцна се приклучат на коалициски договори кон партијата-матица, вели поранешната пратеничка.

За тоа дали „скопското крило“ на СДСМ може да му пресуди на актуелното раководство при евентуални предвремени избори,професорката со контра-прашање дали може „скопското крило“ да си пресуди само при евентуални предвремени избори.

– Лично за мене „скопското крило“ секогаш било бизнис/олигархиски ориентирано и предодредено, вели таа.

Во врска со отсуството на контрола на тајните служби за време на минатата влада каде што имаше прекршување на правата на повеќе од 20.000 граѓани со незаконското прислушување, Ременски вели дека таа е жив сведок на попречување на тоа право преку злоупотреба на институции и овластувања.

-За жал, тие и понатаму се дел од анти-системот кој благовремено се штити од секакви задирања во нивниот воспоставен комодитет на штета на функционалноста на институциите. Мијалков е само едeн од тие кои функционирал и го злоупотребувал системот. Неговите инсталации и денес функционираат и саботираат секаква можност јавноста да дознае повеќе за тие злоупотреби. За жал, тука поддршка во тоа затапување на интересот имаат и медиумите, вели таа

Kако ја оценувате сегашната состојба во владејачката партија, по многуте информации за поделби и во контекст на шпекулациите дека се подготвува нова партија на чело со поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвеновски?

-Секоја политичка партија во дадени општествено-политички контексти мора и треба да помине низ внатрешен процес на консолидација околу идните цели и задачи и да направи пресек на оствареното како зададена цел. СДСМ од 2016 година до денес, и годините претходно поминуваше низ сериозни процеси како внатре, така и во контекст на справување со сите познати предизвици кои навидум изгледаа недостижни за една партија која долги години беше во опозиција. Токму годините во опозиција во кои СДСМ беше под различни раководства ѝ дава право на партијата денес да го цени придонесот и активитетот кон целите кои како општество и како држава беа остварени изминатите 4 години. Има суштинска разлика во тие периоди, кои ако сакате можеме да ги толкуваме и во корелација со раководствата на партијата од 2006 до денес.

Она што сметам дека е битно променето во партијата е фактот што СДСМ во последните години направи сериозен рез со олигархиските структури за кои важеше непишаното правило да се прирамат до одредена политичка партија како гарант за реализација на некои свои идни интереси. Она што треба да се направи допрва е да се оневозможи создавање на нова олигархија за сметка на развој на средната класа граѓани во општеството и да се истражи создавањето на економски и финансиски капитал на структури кои учествувале во владеењето преку злоупотреба на моќта. Немам дилеми дека овие задачи не можат да се остварат преку ноќ или пак, да не наидат на отпор, но час поскоро корпоративната идеологија која долги години се наметнуваше во партискиот живот на политичките партии мора да биде заменета со идеологија која нема да произлегува единствено од интересот за решавање на работен статус, престиж и моќ.

Модернизацијата на политичките партии мора да оди во тренд со новите современи општествено-политички текови на европско ниво, и секако целите и идеологиите да бидат во насока на остварување на државните интереси, во интерес на граѓаните и да не создаваат конфликтноста во рамките на државата и регионот. СДСМ покажа дека евроатлантските трендови на интеграции и развој на вредности е примарна цел која треба и може да се развива на здрави темели во иднина.

Што се однесува до активитетот или шпекулациите на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, би кажала дека многу поодамна имам јавно изнесено став дека, како граѓанин очекував поранешниот претседател на државата преку различни форми и форуми кои му стојат на располагање преку неговата канцеларија, да земе активно учество во процесите низ кои поминуваше и поминува нашата земја. Многу од нив не беа лесни, некои од нив беа проследени со насилства, говор на омраза, регионални поттикнувања и влијанија. За жал, тоа не се случи. ,

Исто така, жалам што оваа „идеја“ за политичка партија протече во јавноста во контекст на една јавна „дебата“ и незадоволство околу притворениот бизнисмен Орце Камчев, што ја дефокусираше можеби и „идејата“ доколку воопшто постоела, или пак таргетот е тоа. Добивам впечаток дека сега најмногу се радуваат оние кои најмногу го критикуваа и ја посакуваа неговата политичка пензија. Зошто, не знам.

Секој полнолетен граѓанин кој има идеја и поддржувачи може политички да делува или да основа политичка партија. Доколку г-нот Бранко Црвенковски има таква идеја, ако е политички нереализиран или пак, оставил нешто нереализирано додека бил на политички или партиски позиции, а не го препознава како цел во политиките на СДСМ, тогаш мислам дека баш никој нема да го спречи во идеја да формира партија. Иако мислам дека, некој друг проектира желби преку употреба на неговото име и авторитет.

Што би можел актуелниот лидер Заев да направи при евентуален „одлив“ на членството?

-Верувам дека секој лојален член на СДСМ нема да размислува да се приклучи кон новоформирана партија (хипотетички, зошто таква партија нема) која би произлегла од самото СДСМ. Дури и да има такво нешто, тие партии тешко можат долгорочно да опстојат. Да се потсетиме само дека во 2006 година се создаде НСДП на г-нот Тито Петковски кој беше дел од СДСМ, а г-нот Владо Бучковски кој исто така беше дел од СДСМ замина во политичка партија формирана од бизнисменот Минчо Јорданов. Во политичката теорија и практика постојат случаи на договорено формирање на нови политички субјекти кои треба да амортизираат одредено незадоволно членство, за да подоцна се приклучат на коалициски договори кон партијата-матица.

Исто така, се покажа дека овие политички партии добиваат подобри преговарачки позиции во политички ситуации кога недостасуваат пратеници или советници за формирање на влада или мнозинство во парламент или во советите на општините. Верувам дека никој не го заборави фактот дека, Никола Груевски формираше влада со помош на НСДП во 2006 година.

Секој може да биде незадоволен од нешто во партијата, но не секој решението од тоа незадовлството го канализира во формирање на нова политичка партија – за тоа мора да постои друг мотив и позадина. Поголем предизвик за СДСМ во следниот период е мотивација на членството за следните изборни циклуси, отколку страв од некаква нова политичка партија.

Може ли „скопското крило“ на СДСМ да му пресуди при евентуални предвремени избори и дали ова е своевидна „услуга“ кон опозицијата?

-Јас би го поставила обратно прашањето – дали може „скопското крило“ да си пресуди само при евентуални предвремени избори? Инаку, во секоја варијанта тоа би било некаква „услуга“ за опозицијата. Многу ми е интересна тезата за „крила“ во партијата. Лично за мене „скопското крило“ секогаш било бизнис/олигархиски ориентирано и предодредено.

Така што, ако на почетокот кажав дека СДСМ мора до крај да ги прекине сите можни влијанија на тие структури во носењето на политички одлуки, штитењето на одредени интереси, кадровска селекција или елиминација, ако сака до ги спроведе очекувањата од граѓаните и пошироката заедница – рамномерна распределба на општествениот капитал, економска еднаквост, проактивни мерки за намалување на разликите меѓу граѓаните, потеклото на имотот, борбата против корупцијата и финансискиот криминал.

Што очекувате од претстојниот конгрес на СДСМ на 16 мај?

-Не мислам дека овој конгрес е многу поразличен од останатите конгреси на партијата, освен промена на заменик-претседателската позиција на Радмила Шекеринска. Сметам дека нема да има некои суштински кадровски промени, освeн најавеното намалување на бројот на потпретседателски места со која одлука се согласувам.

Не смее бројот на раководни позиции да биде алатка за амортизација на незадоволства или менаџирање со суети. Во одредени периоди можеби и можело и требало, но сега мислам дека не треба ако сите се обединети околу заедничката цел и визија на партијата и програмата на претседателот на партијата.

Очекувам во следниот период по конгресот, партијата многу поактивно да ги стави во функција своите постоечки аналитички капацитети и да направи рано детектирање на општествените проблеми и потреби за да може проактивно да ја гради и промовира изборната понуда на граѓаните која е многу позахтевна од само меѓународната компонента на изборните програми.

Колку проблемот со Бугарија ќе доведе до заостанување на државава на европскиот пат? Има ли според вас решение на ова сензитивно прашање и можат ли граѓаните да претрпат уште еден, така да кажеме „шок“, по менувањето на името и Преспанскиот договор? Има ли излез од навидум безизлезната ситуација?

– Проблемот со Бугарија е повеќедимензионален и не е исклучиво политички мотивиран. Тоа што ние го гледаме е само политичката димензија на проблемот, додека останатите аспекти полека но, сигурно губат од својот интензитет заради ослабнување на позициите на гласноговорниците на негативната кампања во бугарското предизборие. Како пратеник што го гласаше Договорот за добрососедство и како шеф на делегацијата во официјалната посета на Бугарија во февруари 2018 година (прва после цели 11 години никакви посети на Бугарија), воопшто не мислев дека главниот фокус во договорот ќе ја добие научната комисија за историски факти. Договорот изобилува со полиња за соработка кои воопшто не сме ги допреле, ниту пак биле иницирани од ресорни министерства како такви. Истото се однесува и на договорот со Грција.

Токму тука сметам дека лежи излезното решение за двете земји на патот кон регионалната стабилност и европската иднина за РСМ. Колку повеќе соработуваме на градење на овие полиња на размена на искуства и помош, толку повеќе историските теми ќе стануваат неприоритетни. Тоа не значи дека тие не се важни, но се прашања кои се прилично апсолвирани и не можат да ја добијат тежината да бидат на ниво на „нужда“ или неопходност за да станат ценети како топ-услов за европската иднина на регионот во очите на ЕУ. За ова да се постигне потребен е персонален, политички и институционален капацитет на двете страни кои нема да бидат оптоварени со историски архиви, туку ќе ѕирнат во банките на идеите и програмите за младите, за иднината на државите, регионот, за развојот на инфраструктурата, енергетиката, образованието и се она што е иден предизвик на земја што тежнее кон економски и политички развој.

Многупати кажав и ќе повторам, ако сме сите искрени во намерите за европска иднина на Балканот, ако меѓусебно сме се признале како држави во раните деведесетти, тогаш можеме да се договориме да не се договараме за работи кои не разделуваат и оддалечуваат како народи со свои изградени идентитетски обележја. Само така ќе постигнеме успех и ниво да не ценат во европски дух.

Отсуството на контрола на тајните служби за време на минатата влада доведе до прекршување на правата на повеќе од 20.000 граѓани. Неодамна екс шефот на УБК, Мијалков доби казна од 12 години затвор. Новата Агенција за национална безбедност (АНБ) според опозициските тврдења ја задржала техничката можност за следење на комуникациите и не ги применува одредбите од Законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА). Според ваше мислење, дали се уште се врши незаконско следење на комуникациите?

-Кога сме кај контролата на тајните служби, од моето пратеничко искуство можам да кажам дека, неконтролираните пратеници и политички субјекти од страна на тајните служби по правило се оневозможени да си ја вршат својата работа во парламентарен надзор. Жив сведок сум на попречување на тоа право преку злоупотреба на институции и овластувања, токму од засегнати припадници на долги години неконтролираните институции. За жал, тие и понатаму се дел од анти-системот кој благовремено се штити од секакви задирања во нивниот воспоставен комодитет на штета на функционалноста на институциите. Мијалков е само едeн од тие кои функционирал и го злоупотребувал системот. Неговите инсталации и денес функционираат и саботираат секаква можност јавноста да дознае повеќе за тие злоупотреби. За жал, тука поддршка во тоа затапување на интересот имаат и медиумите.

Што се однесува до тврдењата на опозицијата во врска со реформата на УБК и формирањето на ОТА, можам да зборувам изворно, бидејќи ја предадов меѓупартиската работна група како претседател на Комисијата за одбрана и безбедност при формирањето на ОТА и реформата за следењето на комуникациите, и бев дел од работната група за реформа на УБК. Кога се спроведе реформата на следењето на комуникациите законот и сите однесени амандмани беа усвоени со политички консензус и со заеднички потписи на мнозинството и опозицијата. Тоа не беше случај со реформата на УБК во која опозицијата го услови гласањето на законот (иако имавме 80 пратеници) со прифаќање на само два амандмани со кои не се согласував – пратеници да бидат дел од комисијата за селекција на кадри во новата агенција и да нема класичен ветинг.

Оттука, не можам да се согласам дека, опозицијата не знае дека АНБ нема можност за класично следење на комуникациите без посредство на ОТА и Врховниот суд, како што не можам да се согласам дека можноста за примена на тактичка опрема за следење на комуникации од страна на АНБ е под контрола на јавното обвинителство кое впрочем треба да ја чува таа опрема.

Проблемот е друг според мене. Стручните познавања и спремноста на вистински надзор од страна на собраниските комисии кои ги раководи опозицијата. Јас ви гарантирам дека двете актуелни комисии со кои раководи опозицијата немаат ниту волја, ниту интерес да прават надзор за системските злоупотреби, освен што за некои прашања политизираат и зборуваат од партиска говорница. Доказ за тоа ми е фактот што за една афера (која за брзо време ќе ја отворам јавно) која дојде до мене како пратеник, дојде и до неколку опозициски пратеници, но до денес ниту некој проговори за тоа, ниту пак тогаш или сега инсистира на надзор.

Обвинителството информираше дека е отфрлена кривичната пријава која пред речиси 8 години ја поднесовте за трите лабаратории кои ги купил Факултетот за безбедност, а потоа преминале во МВР. Прстот го вперивте во министерот Спасовски за непостапување по злоупотребите во МВР, а обвинителката Русковска за „легализирање“ на криминални јавни набавки со „јавнообвинителска ароганција и злоупотреба“ во заштита на криминал. Очекувавте ли ваква состојба во МВР 4 години по доаѓањето на оваа власт и каде е најголемата кочница за промените?

-Малку е иронично да зборуваме што очекував или што очекувам кога ниту еден медиум не ги пренесе фактите кон тие двојни стандарди за кои тврдам дека се производ на системот на злоупотреби во МВР и во ОЈО за ГОКК, за што во ОЈО Скопје се води истрага по поднесена кривична пријава од моја страна во декември минатата година. Зарем вас како медиум, или пак стручната јавност и граѓаните не ве интересира како е можно да има фалсификат во МВР кој ќе се гони и фалсификат во МВР кој нема да се гони?

Токму тоа е суштината на проблемот и прикривањето на овој организиран криминал кој не го пријавив како физичко лице, туку како продекан за настава и наука на Факултетот за безбедност Скопје за што беше нарачано и реализирано суспендирање од страна на тогашната министерка Јакуловска и генералниот секретар на Владата Божиновски. Дали може да се правда и амнестира очигледен криминал со изигрување на тендерски постапки преку фалсификувања на тендерска документација и службени исправи во корист на МВР во висина од 4,2 милиони евра? Дали е нормално ЈО Гордана Смаќовска (главен прикривач на криминалот во МВР до денес) после 8 години предистрага со куп очигледни фалсификувани документи и фиктивни одлуки, со злоупотреба на своите овластувања сеуште да биде ЈО и покрај постапките кои против неа ги води Советот на ЈО и Вишото ЈО?

За оваа катастрофална злоупотреба се води постапка во ОЈО Скопје по кривична пријава против ЈО Гордана Смаќовска за која се запознаени и државниот јавен обвинител и министерот за правда од кои очекувам одговор веќе три месеци.

Очекувам вакво прашање да поставите до лицата кои ги посочувате во прашањето, зошто вака добивам впечаток дека некому му одговара молкот за овој сериозен проблем кој требаше да биде разрешен многу одамна.

Мојот прст ќе биде вперен кон сите кои прават селекција на криминал и „криминал“, сите оние кои прикриваат криминал и секогаш кога тоа било и е на штета на институциите, на Буџетот и на правата и слободите на човекот на човекот.

Б.М.

Слични содржини