Инциденти на изборите во Албанија: Ранет полицаец, претепан гласач, обид за палење на гласачки кутии

од Nikola Popovski

Низа инциденти ги одбележаа денешните избори во Албанија. Еден полицаец бил ранет, еден човек се заканувал дека ќе ги запали гласачките кутии, едно лице е уапсено, а по две се трага поради тепање и закана со пиштол на граѓанин.

Маж е уапсен во албанското село Либофша затоа што се заканувал дека ќе ги запали гласачките кутии за време на парламентарните избори денес. Според албанските медиуми, тој стоел на влезот на гласачкото место со шише гориво во раката, пренесува Танјуг.

Полицијата, која во тоа време била на лице место, го уапсила пред да ја изврши својата закана, објави порталот „Егзит њуз“.

Ова не е единствениот инцидент забележан денес за време на парламентарните избори во Албанија.

Како што беше претходно најавено, едно лице било уапсено, а по уште две лица се трага откако претепале граѓанин и му се заканувале со пиштол во албанскиот град Тропоја.

Полициски службеник бил ранет на избирачко место во градот Фуше Арез во близина на Тирана, непосредно пред крајот на гласањето на парламентарните избори во Албанија. Полицијата објави дека трага по осомничен 32-годишен маж, пренесува албанскиот портал „Егзит њуз“.

Сите гласачки места на парламентарните избори во Албанија биле затворени синоќа во 19 часот.

Околу 3,6 милиони албански граѓани со право на глас бирале пратеници вчера, кои ќе ги претставуваат во албанскиот парламент во следните четири години.

Слични содржини