Инвалидските пензии и посвојувањата главни извори за корупција

од Ивана Рамаданова

Најголемиот број претставки и најголемите можности за корупција има кај социјалната заштита, барањата за инвалидски пензии и посвојувањата, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на денешниот форум на кој се говореше за тоа дали и како се пријавува корупцијата во институциите, ефектите и резултатите.

Царовска рече дека сака да говори за онаа корупција што е помеѓу сите нас и за која како општество како да имаме толеранција и не гледаме на одредени постапки кои значат поддршка на коруптивни дејствија.

„Малку зборуваме за корупцијата, во образовниот процес недостигаат програми за ваков тип на едуцирање на населението“, истакна Царовска.

Таа додаде дека МТСП ќе воведе посебен модул, како дел од социо-националниот развој кај децата, за етичко постапување и програми соодветни за децата во предучилиштното образование да разберат зошто некои елементи што ги имаат како интеракција со семејството, се погрешни.

Меѓу другото таа информира дека уписот во градинките е направен да биде по електронски пат, бидејќи тоа е „место за борба за место плус“ и може да се случи да има одредени моменти на корупција.

Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Софка Пејовска Дојчиновска посочи дека од 2016 година, кога е донесен Законот за укажувачите, односно „свиркачи“, па до оваа година, немало ниту една пријава од укажувачи, додека прв пат во 2019 година има 19 пријави од укажувачи, по кои се постапува.

Таа потсети дека Законот пропишува санкција за сите институции кои нема да овластат лице за внатрешно пријавување на корупција, иако има и одредба согласно која доколку нема овластено лице, тогаш одговорно е првото лице на институцијата. Според неа, ДКСК има право да поведе прекршочни постапки за институциите каде што нема овластено лице или не се донесени внатрешните процедури за пријавување на корупција.

Пејовска Дојчиновска, меѓу другото, уште еднаш повтори дека граѓаните сериозно се загрижени за начинот на вработувањата во јавната и државна администрација. Проблем се, укажа таа, и законските пропусти, кои оставаат можност за корупција, непотизам и други форми за вработувања во институциите.

Таа посочи дека граѓаните имаат доверба да пријавуваат корупција во институции, бидејќи за неполна година од формирањето на ДКСК од февруари годинава „има цунами од поднесени пријави“ од граѓани со сомнежи за корупција или судри на интереси.

Слични содржини