Инвеститори плаќаат милиони долари за виртуелно земјиште во метаверзумот

од Vladimir Zorba

Не е тајна дека цените на имотот растат, но пандемијата Ковид-19 создава уште една, засега помалку популарна треска за земјиште. Некои инвеститори плаќаат милиони долари за парцели, но не во Њујорк или Беверли Хилс. Овие парцели дури и физички не постојат на Земјата.

Оваа земја се наоѓа на интернет, во различни виртуелни светови кои луѓето од технолошката индустрија ги нарекуваат метаверзум. Цените на земјиштето во метавезрумот скокнаа за 500% во последните неколку месеци откако Facebook објави дека силно се фокусира на виртуелната реалност, па дури и го промени своето име во Meta Platforms.

„Метаверзумот е следната форма на социјални медиуми“, изјави за CNBC Ендрју Кигел, главен извршен директор на Tokens.com со седиште во Торонто, кој инвестира во недвижен имот во метаверзум и дигитални средства.

„Можете да посетите карневал, музички концерт или музеј“, вели Кигвел. Во овие виртуелни светови, вистинските луѓе комуницираат како анимирани ликови, наречени аватари, како видео игра во реално време.

Денес, луѓето можат да пристапат до овие светови преку едноставен компјутерски екран, но Меtа и другите компании имаат долгорочна визија за изградба на светови од 360 степени во кои луѓето се нурнати во хед-сетовите за виртуелна реалност, како оние што ги произведува Meta Oculus..

Според неодамнешниот извештај на Grayscale, дигиталниот свет би можел да прерасне во бизнис од 1 трилион (1.000 милијарди) долари во блиска иднина.

Овде, популарни уметници како Џастин Бибер и диџеј Маршмело одржуваат концерти како свои аватари. Дури и Парис Хилтон била диџејка на новогодишна забава на нејзиниот сопствен виртуелен остров.

Компанијата на Кигвел неодамна плати речиси 2,5 милиони долари за парче земја во Decentraland – еден од неколкуте популарни светови во метаверзумот. „Цените се зголемија за 400% -500% во последните неколку месеци“, вели Кигвел.

Друг популарен свет во метаверзумот е Sandbox, во кој виртуелната компанија за недвижности на Џанин Јорио – Republic Realm плати рекордни 4,3 милиони долари за парцела виртуелна земја.

Јорио изјави за CNBC дека нејзината компанија продала 100 виртуелни приватни острови минатата година за по 15.000 долари. „Денес тие се продаваат по околу 300.000, што е просечна цена на физичкото домување во САД“, рече таа.

Ризична инвестиција

„За некои, дигиталниот свет е исто толку важен како и реалниот свет“, вели агентот за недвижнини во Мајами, Орен Александар. „Не се работи за тоа во што веруваме јас и ти, туку што ќе се случи во иднина“.

Како и реалните недвижности, Кигвел вели дека трите најважни работи во метаверзумот се локацијата, локацијата и локацијата.

„Има места каде прво се оди на метаверзумот, каде што се собираат луѓе – овие места се многу поскапи од другите, каде што не се случуваат никакви настани“, објаснува Кигвел.

Овие популарни области привлекуваат луѓе со пари.

На пример, раперот Снуп Дог гради виртуелна палата на парцела во Sandbox, а неодамна некој платил 450.000 долари за да му биде сосед.

„Дефинитивно е важно кој е вашиот сосед“, вели Јорио. „Тоа е како клуб, а вие сакате да бидете со луѓе со кои делите заеднички интереси“.

Купувањето виртуелно земјиште е прилично лесно, бидејќи тоа се случува директно од платформата или преку претприемач. Инвеститорите градат на нивната земја и потоа ја прават интерактивна. „Можете да го опремите, менувате, поправате“, вели Јорио.

Сепак, таа предупредува дека инвестирањето во дигитални недвижности е ризично.

„Ова е многу, многу ризично. Треба да инвестирате само пари што сте подготвени да ги изгубите“, изјави таа за CNBC. „Инвестицијата е многу шпекулативна и се заснова на блокчејн. Како што знаеме, криптовалутите се многу нестабилни. Од друга страна, профитабилноста може да биде многу висока“.

Марк Стап, професор на Државниот универзитет во Аризона, се согласува.

„Ако работите продолжат вака, тоа веројатно ќе биде балон. Купувате нешто што не е поврзано со реалноста“, истакна тој.

Слични содржини