Иран се најде во незгодна ситуација во која мора да даде одговор на повлекувањето на САД од нуклеарниот договор, но истовремено, другите западни сојузници сакаат и понатаму да останат дел од овој договор.
„Иран мора да реагира така што Европејците ќе се задржат на своја страна, но мора и да покажат дека со нив не може да се игра туку така. Тоа е прилично тешка и чувствителна ситуација“, изјави западен дипломат од Техеран.
За сега претседателот на Иран, Хасан Рохани, соопшти само дека ќе одржи разговори со останатите држави кои се потписнички на овој договор.
Тој најави дека Иран за многу кратко време ќе ја разгледа ситуацијата и ќе постапи во рамките со интересите на својот народ.
Некои аналитичари сметаат дека Техеран би можел да одговори на тој начин што ќе направи проблеми во американските интереси на Блискиот Исток, каде Иран има големо влијание и високи можности.
„Одговорот на Иран ќе има за цел да покаже дека тие нема да дозволат да бидат жртва. Нивниот одговор ќе биде асиметричен, можеби ќе биде во Сирија и Ирак. Можеби нема ниту да следува веднаш, но ќе има одговор, тоа е сигурно“, изјави Марк Фицпатрик, од Меѓународниот Институт за стратешки истражувања.
Рохани веќе и нареди на иранската нуклеарна организација да ги подготви сите мерки за идни акции, доколку биде неопходно Иран да продолжи со збогатување со ураниум, без никакво ограничување.
Иран е подготвен тоа да го направи во рок од пет дена. Рохани ќе остане доследен до договорот, но сака гаранција дека нивните интереси и трговски права нема да бидат нарушени после повлекувањето на Америка.
Претседателот на иранскиот парламент изрази недоверба во европските сојузници.
„Не веруваме многу во нивните изјави, но вреди да се почека уште неколку седмици за потоа целиот свет да види дека Иран сака да оди по мирен политички пат“, вели тој.
Се очекува сега Иран дополнително да ги зајакне односите со Русија и Кина, кои помалку зависат од американската позиција во однос на ЕУ.