Исчезнува ли полека културното наследство во Скопје?

од Ивана Рамаданова

По се изгледа дека досегашниот начин на кој се третира урбаното планирање и културното наследство во Скопје и Македонија е нефункционално. Тоа го докажува и неодамнешната загуба на уште еден споменик на културата изграден од почетокот на далечната 1930-те години.

Имено, станува збор за објект кој беше лоциран на улицата 8-ми Март во срцето на Дебар Маало и беше типичен пример на еклектичната архитектура. За жал со години наназад урбанизацијата на Скопје и бришењето на културното наследство на градот, стануваат нормална работа и секојдневие.

Притисокот на инвеститорите и неадекватни урбанистички планови кои го подржуваат ваквиот тренд се најчеста причина за секојдневната замена на историските објекти и улици со нови згради.

Урбаниот аналитичар, активист и консултант,  Даница Павловска – Циги смета дека постојат инструменти со кои може и би требало да се услови градбата што некој инвеститор сака да ја реализира.

„Пост фестум е неблагодарно да се изнесуваат ставови по однос на рушење на објект со статус на заштитен, но може да се исправа некако грешката на институциите кои го одобриле овој срамен чин или не се однесувале одговорно согласно своите надлежности. Постојат инструменти со кои може и би требало да се услови градбата што некој инвеститор сака да ја реализира. Потребно прозивање на одговорните и нивно мобилизирање за воспоставување на режим за интервенцијата на овој оскрнавен простор, а главен актер е секако локалната самоуправа односно службата на оперативниот урбанизам и градоначалникот лично“, вели Даница Павловска – Циги.

За случајот ја контактиравме и Општина Центар од каде добивме одговр дека станува збор за приватен објект.

„Срушената куќа на улицата „8-ми Март“ бр.5 во Дебар маало е приватен објект. Општина Центар не е запознаена со причините за рушење на куќата и нема издадено одобрение за отстранување на истата. Во однос на третото прашање од првата тема, станува збор за објект којшто со ДУП-от од 2009-та година е означен како објект од културно наследство, но за истиот е тргната заштитата во 2016-та година и избришан од евиденцијата во Регистарот за културно наследство“, велат од Општина Центар.

Овој објект веќе 10-тина години беше напуштен со видливи траги на вандализам. Негова реставрација беше повеќе и потребна но не и неговото рушење. Методите по кои само се зголемува густината и висината на објекти без да се земе во предвид поширокиот контекст и останатите параметри е нефункционален.

Поразителна е сликата за односот на државата кон нашето културно наследство, како од аспект на континуирано следење на неговата состојба, така и од аспект на неадекватен, непрофесионален, немарен, неетички однос на надлежните служби во однос на принципите и стандардите поврзани со конзервација, реставрација и негова презентација.

 

Слични содржини