ИСИЕ: Законите за подобра транспарентност без соодветна примена на локално ниво

од Берта Китинска

Начелно се исполнуваат минималните барања кои ги поставуваат законските прописи во однос на транспарентноста на институциите. Институциите не покажуваат иницијатива за поширока примена на законските прописи. Во таа насока, само 9 од 25 институции одговориле дека имаат назначено посебно лице за прием на пријави од укажувачи, 22 од 25 институции одговориле дека имаат назначено посебно лице за постапување по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, а 20 од 25 инстанции одговориле дека имаат назначено посебно лице за постапување по претставки и предлози.

Ова се наведува во Извештајот на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје, во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“, за мониторингот на примената на Законот за заштита на укажувачите, Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и Законот за постапување по претставки и предлози) во вкупно 25 институции во пет избрани општини (Скопје, Битола, Струга, Тетово и Штип).

Мониторингот беше извршен врз основа на 52 индикатори во периодот декември 2019 – април 2020 година. Проектот е делумно поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

– Согласно со одговорите од институциите може да се забележи дека лицата назначени за постапување по поднесоци, согласно со анализираните закони, имаат соодветно образование и претходно работно искуство, но скоро ниту една од институциите не вложува средства во обуки за своите вработени. Па така, само 2 од 25 институции одговориле дека назначеното посебно лице за прием на пријави од укажувачи има посетувано обуки; 14 од 25 институции одговориле дека лицата назначени за постапување по барања за слободен пристап до информации од јавен карактер немаат посетувано соодветни обуки, а 25 институции одговориле дека ниту еднаш, ниту едно лице кое постапува по претставки и предлози од граѓани посетувало било каква обука, се наведува во Извештајот.

Мониторингот утврдил дека може да се забележи дека отсуствува и транспарентност во поглед на достапноста на податоците за контакт на овластените лица, при што само три од 25 институции одговориле дека податоците за контакт со овластените лица согласно со Законот за заштита на укажувачи ги имаат објавено на својата интернет страница.

– Петнаесет од 25 институции одговориле дека податоците за контакт со овластените лица согласно со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ги имаат објавено на својата интернет страници, а само пет од 25 институции одговориле дека податоците за контакт со овластените лица согласно со Законот за постапување по претставки и предлози ги имаат објавено на својата интернет страница, се наведува во Извештајот.

ИСИЕ наведува дека во поглед на минимум материјалните услови и средства за работа на овластените лица, треба да се истакне дека само посебниот подзаконски акт кој произлегува од Законот за заштита на укажувачите, предвидува минимум средства за работа, но на овој индикатор, дури 20 институции одговориле дека ги немаат обезбедено во целост сите потребни средства за работа.

– Од претходно изнесеното не зачудува ниту фактот дека отсуствува сериозна бројка на поднесоци врз основа на наведените закони. Па така, 12 институции немаат примено ниту една претставка и предлог согласно со Законот за постапување по претставки и предлози во периодот 2016 година до 2018 година; 5 институции немаат примено ниту едно барања за слободен пристап до информации од јавен карактер во периодот 2016 година до 2018 година, а ниту една од 25 анализирани институции нема примено ниту една пријава од укажувач во 2016, 2017 и 2018 година одделно, се наведува во Извештајот на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ од Скопје, во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот активизам за следење и известување на незаконито постапување на локалната самоуправа“

Слични содржини