Исмаили се обрати на 40. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО

од Vladimir Zorba

Министерот за култура Хусни Исмаили во Париз, Република Франција, се обрати на Форумот на министрите за култура, кој се одржува во рамките на 40. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО.

Во своето обраќање пред присутните, Исмаили се осврна на механизмите за промоција на културните изразувања во нашата земја и иницијативите кои поттикнуваат вклучување и културен дијалог на национално или на локално ниво.

„Во оваа пригода сакам да изразам благодарност до УНЕСКО за неговите напори, иницијативи и активности, што ја препозна улогата на културата, особено културната различност и културното наследство како витални елементи во современите општества“, рече министерот за култура Исмаили.

Тој пред присутните ги спомна и актуелната Стратегија за развој на културата (2018-2022) на Министерството за култура и националното законодавство (Законот за заштита на културното наследство, Законот за културата), кои предвидуваат механизми и активности за да се обезбеди заштита на вредностите на културното наследство, еднакви културни права за сите и подобри услови за унапредување на јазичната и културната разновидност, меѓусебното разбирање и меѓукултурниот дијалог.

„Во овој поглед, Министерството за култура финансиски поддржува многубројни проекти на културни институции, невладини организации, професионалци, уметници од различни групи, кои поттикнуваат културен израз, вклучување и културен дијалог“, додаде министерот за култура.

Во контекст на промоцијата на културната разновидност на различните култури кои живеат на територијата на Република Северна Македонија, Исмаили потсети дека во 2017 година на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото беа впишани мултинационалната апликација „Културни практики поврзани со 1 Март – Мартинки“ и „Пролетната прослава Хидрелез“.

„Нивното впишување и промоција се цврста основа и добар пример за заемно почитување и инспирација за меѓукултурен дијалог“, рече министерот за култура Исмаили. Тој посочи дека организирањето на четирите конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, кои се реализираа во нашата држава, а се финансиски и логистички помогнати од УНЕСКО, претставува позитивен пример за интеркултурниот дијалог на национално, регионално и меѓународно ниво.

На Форумот на министри за култура, кој се одржува во рамките на 40. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО од 12 до 27 ноември, учествуваат повеќе од 140 министри за култура и други високи претставници. Главна тема на дискусијата е централното место на културата во јавните политики низ светот и нејзиното влијание врз одржливиот развој. УНЕСКО, единствената агенција за култура на Обединетите нации, се враќа на традицијата на одржување министерски состаноци од областа на културата, 21 година по Меѓувладината конференција за културни политики за развој што се одржа во Стокхолм, Шведска, во 1998 година.

Слични содржини