Истече рокот за поднесување кандидатури за претседателските избори во Црна Гора, досега се потврдени само три

од Radmila Tasevska

Рокот за поднесување кандидатури за претседателските избори во Црна Гора истече на полноќ, а Државната изборна комисија (ДИК) досега потврди три од осумте поднесени кандидатури.

Потврдени се кандидатурите на Андрија Мандиќ (ДФ), Драгиња Вуксановиќ Станковиќ (СДП) и Мило Ѓукановиќ (ДПС).

Потврда за кандидатурата чека лидерот на Обединета Црна Гора Горан Даниловиќ, кој двапати ја поднел кандидатурата, откако поради одредени неправилности била вратена, објави порталот РТЦГ.

Се чека потврда за кандидатурата на заменик-претседателот на ПЕС Јаков Милатовиќ, кој ја поднесе својата кандидатура откако ДИК ја одби кандидатурата на неговиот сопартиец и претседател на тоа движење, Милојко Спајиќ. Милатовиќ ја поднесе својата кандидатура на последниот ден пред истекот на рокот, 26 февруари. Кандидатурата на Спајиќ е одбиена поради измама со местото на живеење.

Кандидатура поднесоа и лидерот на Демократска Алекса Бечиќ, инфлуенсерот Јован Радуловиќ Јоџир, кандидатот на Групата граѓани Жељко Матијашевиќ, а Дејан Вукшиќ од Демохристијанското движење и поранешниот министер за правда Владимир Лепосавиќ се откажаа. Вукшиќ се откажа и ја поддржа кандидатурата на Милатовиќ (ПЕС).

Претседателските избори во Црна Гора ќе се одржат на 19 март.

Слични содржини