Истекува ултиматумот до Лукашенко, полицијата на улиците

од Vladimir Zorba

Пред две недели, лидерот на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја, му постави ултиматум на претседателот Александар Лукашенко – има 14 дена да поднесе оставка или да ризикува огромни протести и штрајкови.

„Знам дека сообраќајните работници, вработените во белоруската железница, наставници и студенти планираат штрајкови и кампања за граѓанска непослушност. Знам дека и приватните бизниси ќе ги поддржат“, рече Тихановскаја. „Спортисти, уметници, лекари, верски заедници, сите ќе ги поддржат. Ќе започне првата недела од националниот штрајк “, додаде таа.

Иако неговиот рок истекува денес, Лукашенко, кого опозицијата го обвинува за кражба на претседателските избори, не покажува ни најмала намера да си замине.
„Веќе рековме дека нема да им ја оставиме земјата на нив“, рече Лукашенко, кој сè уште има поддршка од армијата и полицијата.

Руските медиуми јавуваат дека полицијата во Минск ги блокирала приодите кон центарот на градот како подготовка за најавениот протест, а водени топови биле распоредени за да ги блокираат демонстрантите.

Притисокот врз Лукашенко сè уште расте. Белорускиот лидер и неговите советници се под санкции, а протестите што започнаа по изборите на 9 август не запираат. Секој викенд огромен број луѓе шетаат низ центарот на Минск, и покрај повремените жестоки судири со полицијата.

Овие протести се голем проблем за Лукашенко, кој е на чело на Белорусија од 1994 година, бидејќи тие се јасен знак дека тој повеќе не е владетел на сите граѓани.

Опозицијата постави три барања – оставка на Лукашенко, крај на насилството и ослободување на политичките затвореници. Доколку овие барања не бидат исполнети, а не се до денес, „сите компании“ ќе започнат штрајкови, „сите патишта ќе бидат блокирани“ и „сите државни продавници ќе видат како им застанува продажбата“ поради бојкотот, рече Тихановска.

Во следните денови, проценуваат аналитичарите, ќе има тест за Тихановскаја и ќе покаже колкаво влијание и авторитет има навистина во Белорусија. Во странство, таа се доживува како избран претседател, но таа избега од земјата во Литванија веднаш по изборите, а нејзиниот имиџ и авторитет сега се во прашање.

Доколку штрајкот не успее, тоа значително ќе ја зајакне позицијата на Лукашенко.

Слични содржини