Историчарите по средбата на Заев и Борисов: Бугарија да го прифати македонскиот народ

од Vladimir Zorba

Бугарија иако ја призна Македонија како држава, за жал се уште не го признава македонскиот народ како нација, ниту македонската култура. Тие сметаат дека македонскиот народ е бугарски, вели историчарот Тодор Чепреганов за ТВ21.   Чепреганов прашува како премиерот Борисов ќе се обрати кон македонските граѓани, како македонски народ или граѓани?

„Многу е добро во историјата да се направи помирување, меѓутоа тоа треба да биде направено врз база на реципроцитет. Не може ние Македонците се да прифаќаме со цел добрососедски односи, а од друга страна да имаме држава која што сака да го искористи тоа со цел да го негира македонскиот народ, јазик и култура“, вели Чепреганов.

Чепреганов додава дека не е проблем чествувањето на празниците, но според него политичарите не треба да се мешаат во историјата.

Од друга страна историчарот Скендер Асани вели дека премиерот Зоран Заев направил голем чекор за унапредување на добрососедските односи. Тој вели дека треба средбите да се зајакнуваат и со другите соседи како што е Албанија и Косово.

„Десетгодишната политика на Никола Груевски направи да има конфликти кои резултираа со нарушување на односите. Не само на етничките и верските односи во Македониј, туку и со соседните држави. Вчерашниот чекор со почитување на историските фигури е добар и отвора нови перспективи“, смета Асани.

Иницијатива за заедничко прославување на еден од најголемите македонски празници, Илинден, имаше и во времето кога премиер на Македонија беше Владо Бучковски, но поради силните критики идејата не беше реализирана. Договорот за добрососедство меѓу двете земји се гради врз основа на Декларацијата за пријателство потпишана во 1999 година, кога премиери беа Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Камен на сопнување беше формулацијата за македонскиот јазик, но и ставот на Скопје кон македонското малцинство во Бугарија. Македонскиот јазик е дефиниран како уставна категорија, а билатералните договори се очекува да се потпишуваат на двата јазика./извор ТВ21

Слични содржини