Историчарот Србов: Пејо Јаворов би бил најпечатлив „мост за соработка“ помеѓу Македонците и Бугарите

од Vladimir Zorba

Во Македонија името на Ванчо Михајлов не предизвикува контроверзии, неговите личност и дело се прилично јасни за Македонците, би рекол дека повеќе е контроверзен за Бугарите, вели за „Локално“ историчарот  Никола Србов, откако за викенд во Битола беше отворен бугарски културен центар „Ванчо Михајлов“.

Србов смета дека е очекувано со отварањето на културен клуб, кој го носи името „Ванчо Михајлов“  да се крене голема прашина, а според него тоа го знаат и од бугарската страна, но како за провокација одбрале соодветно име.

– Интересно е како во период кога бугарската политика на секаков начин се обидува да се заборави дел од бугарското минато – кога Бугарија е на страната на хитлеровата коалиција се одлучија да отворат културен клуб кој го носи името на неспорен и потврден соработник на нацистите во Втората светска војна. Со овој потег само го потврдија она кое го зборуваме децении наназад, а тие се обидуваат да негираат дека извршиле окупација на Македонија за време на војната и дека ја извршиле депортацијата на македонските Евреи, вели Србов.

Историчарот смета дека меѓусебните убиства и поделби доживуваат кулминација во времето на Михајлов.

– Ванчо Михајлов го презема челното место на ВМРО по убиството на Тодор Александров, меѓусебните убиства и поделби доживуваат кулминација во времето на Михајлов, целосно ја видоизменува Организацијата и прибегнува кон терористичко делување, станува близок соработник на нацистичките и фашистичките сили во Европа, по војната станува соработник на голем број тајни служби меѓу кои е и југословенската УДБА. Накратко тоа е Ванчо Михајлов, негативна личност за Македонците, појаснува Србов.

Она што е нејвпечатливо во делото на Ванчо Михајлов, според Србов, е војната која ја започнал внатре помеѓу македонските сили која довела до целосна ликвидација на македонската интелегенција и револуционерните сили на македонскиот народ. Бројките се движат околу 4.000 убиени дејци.

Никола Србов, Историчар

Никола Србов, Историчар

– Постои огромна разлика во борбата за македонска држава кај Ванчо Михајлов и кај неговите претходници. За човек да може да ја сфати идејата на Ванчо Михајлов за македонска држава можеби ќе треба да се занимава со неговиот ментален склоп на личноста. Додека неговите претходници се бореле за создавање македонска држава или Македонија на Македонците, Ванчо Михајлов посакувал своја држава како лична своина со која тој ќе владее. Затоа велам дека во прашање е менталниот склоп на личноста. Во државата која ја замислувал Ванчо не постоеле Македонци, не постоел македонски јазик, туку ја замислувал како втора бугарска држава, истото тоа денеска го слушаме од соседна Бугарија која зборува за „еден народ“ и „втора бугарска држава“, истакнува историчарот.

Ванчо Михајлов, продолжува тој, наследил организација која во своето устројство наликувала на еден независен и самоодржлив организам, или поточно кажано – наследил држава во држава со свои внатрешни институции и вооружени сили кои можеле да војуваат и со регуларни војски.

-Но од тоа тој создал машинерија за своите лични потреби и обезбедување на својата позиција на чело на ВМРО. Сите вооружени сили биле распуштени и од нив биле создадени терористички ќелии, паралелниот данок кој го собирал бил неподнослив за населението, едукативниот дел бил целосно оставен на бугарските власти, тој целосно застранил од идејата која ја носи ВМРО, посочува Србов.

Михајлов за време на војната бил соработник на хитлеровата коалиција, потврдува историчарот за „Локално“, а по војната станал соработник на тоталитарните режими меѓу кои бил и југословенскиот.

– Во времето на СФРЈ името на Ванчо Михајлов било користено за ликвидација на прогресивниот дел од македонската младина која се спротиставувала на комунизмот и се борела за демократските вредности. Што значи, во трите етапи од неговото делување – пред војната, за време на војната и по војната, тој бил на спротивната страна од македонскиот интерес. И за ова не е потребно никакво толкување, ова го кажуваат документите, истакнува тој.

Србов е дециден  дека  најпечатлив „мост за соработка меѓу двата народи“ би бил најдобриот другарот на Гоце  Делчев.

-Постојат многу личности од историјата кои можат да бидат мост за соработка помеѓу двата народи, можеби највпечатлив би бил Пејо Јаворов но, никако тоа не би можел да биде Ванчо Михајлов, додава историчарот.

Според него,  не е јасно зошто бугарската политика прибегнува кон промовирање на Михајлов како херој бидејќи „Михајлов за нас Македонците е негативна личност, а не би рекол дека за Бугарите е позитивна личност“.

– Ако ја имаме на ум бугарската политика кон Македонија и нивниот сон за припојување на Македонија кон Бугарија тогаш е нејасно зошто Бугарите го слават Михајлов кој делувал сепаратистички и во Пиринска Македонија која била во склоп на Бугарија, а замислата за македонска држава му била одделна од бугарската држава. Но, во контекст на денешната политика и негирањето на Македонците од страна на Бугарија тогаш името на Михајлов е соодветно за продлабочување на овој јаз и губење и на најмалата можност за некаков дијалог, истакнува Србов.

М.А.

Слични содржини