Истрага за пожарот во Тетово, точниот број на загинати засега не е соопштен

од Берта Китинска

Пожарот избувна синоќа околу 21 часот, а до 21.45 часот бил изгаснат од 30 пожарникари со седум возила.

„Зградата беше во пламен, а пожарот најверојатно започна однатре. Повредените граѓани беа евакуирани, а сѐ уште го немаме точниот број на загинати“, изјави началникот на противпожарната бригада Тетово, Сашо Трајчевски.

Повредените граѓани итно се пренесени од Тетово во Скопје за понатамошно лекување и утврдување на степенот на повредите.

На 23 август, беше пријавен од страна на вработените во тетовската болница кои увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите.

„Изгледа имавме среќа сите 125 пациенти што ги имавме ги спасивме, бидејќи да имаше оштетување на главната цевка тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти“, изјави тогаш д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот на Клиничката болница.

Од тетовската полиција информираа дека со употреба на физичка сила биле оштетени две цевки.

„Со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората  за азотен оксидол била свиткана“, информираше портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски.

Една недела подоцна полицијата уапси 42-годишно лице од селото Желино како осомничен за оштетување на цевките во болницата. Нема информации за мотивот на осомничениот.

Од Основното јавно обвинителство Тетово вчера на терен вршеше  увид во изгорената ковид болница во која засега има десет жртви.

Тројца јавни обвинители се од ОЈО Тетово, додека на нив им се приклучиле уште двајца од скопското обвинителство, јавуваат од Обвинителството.

„Во увидот се вклучени тројца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Тетово, на кои им се придружија уште двајца јавни обвинители од скопското јавно обвинителство. Тимот од петмина обвинители, заедно со екипи од надлежните институции, ги преземаат сите дејствија во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар“, велат од Јавното обвинителство.

Владата денеска за во 10 часот закажа  итна и вонредна седница.

Слични содржини