Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ добитник на првата награда за најдобра новинарска сторија поврзана со Ковид-19

од Берта Китинска

Првата награда за најдобра новинарска сторија што ја доделува Советот за етика во медиумите – СЕММ ја доби редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за сторијата на тема „Несигурни дијагнози: Како лажно декларирани холандски тестови за КОВИД од Кина завршија во Македонија, САД и земјите на ЕУ“.

– Сторијата опфаќа мошне релеватна и содржајна тема од поширок јавен интерес која открива меѓународна мрежа за злоупотреби во име на профитот во време на пандемијата. Оваа истражувачка сторија предизвика големо бранување и силно допре до институциите и граѓаните, а со тоа и го вклучи алармот околу несигурното тестирање на потенцијално инфицирани лица со Коронавирусот во одредени здравствени инситуции. Сторијата се одликува со силен новинарски тимски ангажман, висок квалитет, урамнотеженост и ексклузивност со добра визуелна опременост и соодветни извори на информации, нагласи денеска претседателката на жирито на СЕММ Венера Азири која онлајн (на фејсбук страната на СЕММ) ги објави добитниците на наградите за најдобри новинарски стории поврзани со известувањето за пандемијата на коронавирусот (КОВИД-19), предизвиците и последиците од неа.

Втората награда на годинашниот конкурс на СЕММ ја освои сторијата со наслов „ТВ 21 влезе во лабораторија, како се обработуваат тестовите со коронавирусот“ на авторот Јовица Пауновски објавени на ТВ 21.

Како што посочи Азири, станува збор за исклучителен и релевантен ТВ прилог на автентична и екслузивна тема во која редакцијата открива факти кои до тој момент биле непознати за јавноста, а е прашање кое секојдневно се споменува во медиумите. Се работи за репортажа која носи актуелна приказна од лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина Скопје каде се обработуваат брисевите од пациенти со симптоми на Ковид-19. Со длабински пристап и значителен новинарски и снимателски ангажман, вели Азири, репортажата ги објаснува постапките во правењето на тестовите за коронавирусот, условите и начинот на кој се работи и луѓето кои се вклучени.

Жирито одлучило третата награда да ја подали новинарски трудови на двајца автори. Во првиот случај наградени се ТВ прилозите „Битката за храна посилна од стравот од Ковид-19“ и „Дијабетот – втор најголем ризик за коронавирусот“ на авторката Катерина Топалова емитувани на МТВ. Вториот серијал третонаградени стории се „Во село Баланци и во Дебар непосредно пред прогласувањето на кризната состојба“ и „Најголем број од новозаразените во последните недели се од неколку скопски општини и од Тетово, слика од терен“ на авторот Хекуран Акифи емитувани во емисијата 360 степени на ТВ Алсат М.

Освен награди за најдобри стории се доделија и две пофалници – првата пофалница за новинарскиот труд на авторот Петре Димитров за сторијата со наслов „Македонски маски, визири, тунели за дезинфекција, скафандери, коронавирусот отвори и нови бизнис можности“ објавен на порталот е-магазин. И втората на новинарот Зоран Јовановски за сториите „Истражување: Зошто ги нема, а и ако ги најдете се поскапи – маските, средствата за дезинфекција, ракавиците“ и „Во струшко Лабуништа раздвижено и по пет починати и дваесеттмина заразени од коронавирусот“ емитувани во емисијата 360 степени на ТВ Алсат М.

Фондот за наградите изнесува вкупно 1.200 американски долари за сите наградени стории. Тие се доделуваат со помош на поддршката обезбедена од УНЕСКO и Европската унија во рамки на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Еeропа и Турција фаза 2“. Фокусот на конкурсот беше известувањето за пандемијата на коронавирусот, предизвиците и последииците од неа. Јавниот повик на СЕММ беше отворен за сите професионални новинари и редакции кои објавиле свои стории во медиумите во земјава во периодот од 1 јануари до 31 мај годинава. На повикот се пријавиле вкупно 66 новинарски стории од кои 28 објавени на телевизија, 26 на интернет портали, шест во новинска агенција, три во печатени медиуми и три на други медиумски платформи, односно вкупно 30 автори. Пријавените стории ги оценувало тричлено жири составено од Венера Азизи, Герман Филков, Емилија Петреска-Камењарова.

Слични содржини