Истражување: Коронавирусот може да се пренесе преку плацентата на фетусот

од Vladimir Zorba

Според наодите од новата студија спроведена во Италија, коронавирусот може да се пренесе на фетусот преку плацентата на бремена жена.

Две бебиња родени кај жени заразени со ковид-19 се родени веќе заразени, изјави имунолог Клаудио Фенизиа од универзитетот во Милано на конференција организирана од Меѓународното здружение за борба против СИДА, пишува Си-Ен-Ен.

За време на студијата, истражувачите тестирале 31 жени заразени со коронавирус, кои биле во подоцнежните фази на бременоста. Тие темелно ги тестирале жените, нивните бебиња по раѓањето, плацентата, папочната врвца, вагиналната течност и мајчиното млеко и откриле дека двете новороденчиња се тестирале позитивно за коронавирус веднаш по раѓањето.

„Нашите резултати укажуваат дека вертикалниот пренос се случил во два од 31 случај“, рече Фенизиа.

„Вирусот е пронајден во плацентата, крв во папочната врвца, во вагината на бремената жена и во млекото“, напишаа истражувачите во резимето на нивната работа.

Плацентата била воспалена, што е знак на инфекција. Крвта од папочната врвца на едно од новороденчињата содржела антитела кои укажувале на неодамнешна инфекција. Овие типови на антитела обично не се пренесуваат од мајка на дете, така што тие покажуваат дека фетусот бил директно заразен, рече Фенизиа.

„За среќа, жените се заразиле во подоцнежните фази на бременоста, така што малку е веројатно дека вирусот влијае на развојот на бебето“, рече тој.

Вирусот Зика може да премине од бремена жена на неродено дете, понекогаш предизвикувајќи сериозно оштетување на мозокот. ХИВ, вирусот што предизвикува СИДА, исто така, може да се пренесе при раѓање.

Слични содржини