Истражување на УНИЦЕФ: 99% од наставниците потврдуваат дека онлајн наставата се одржува редовно и според распоред

од Vladimir Zorba

Организацијата на целокупниот наставен процес во учебната години 2020/21 е значително подобрен во споредба со минатата година, покажува обемното компаративно истражување на Реактор изработено по нарачака на УНИЦЕФ.

Во истражувањето учествувале 2792 наставници, 1793 родители, 111 директори на основни и средни училишта и 115 ученици.

Според наодите, 93% од директорите на училиштата сметаат дека оваа година добиваат многу јасни или доволно јасни насоки од Министерството за образование и наука за организација на наставата за учење од далечина во споредба со 70% кои истото го тврделе минатата година кога е спроведен првиот бран од ова истражување.

Дури 99% од наставниците опфатени во истражувањето потврдиле дека наставата редовно се одржувала според распоредот на часови, што претставува голем скок бидејќи само 60% во претходното истражување спроведено во учебната 2019/20 го потврдиле истото.

Ова упатува на заклучок дека целиот процес низ сите училишта во земјата течел организирано и согласно предвидениот план и динамика. Сите анкетирани ученици, односно 100% потврдиле дека оваа година онлајн наставата се реализирала според распоредот на часовите, додека само 23% одговориле вака во првото истражување минатата учебна година.

Интервјуата спроведени со учениците укажуваат на позитивни промени оваа година и далеку подобро организиран процес. „Оваа учебна година имаше многу подобра организација на наставата онлајн во споредба со претходната година. Пролетта [2020 година] немавме ниеден онлајн час. Наставниците само ни праќаа лекции во „Ворд“ по интернет. Сега има часови каде се предава лекцијата, одговараш за истата, очи во очи преку вклучени камери..” – е коментарот на една од ученичките вклучен во истражувањето.

Истражувањето се спроведува до поддршка на УНИЦЕФ и Британската амбасада и има за цел да ги следи промените во образовниот процес во време на пандемијата.

Слични содржини