Истражување: Над 60 проценти од граѓаните сметаат дека за време на пандемијата медиумите известувале професионално

од Nikola Popovski

64,1 отсто од граѓаните сметаат дека медиумите известувале професионално и непристрасно за време на пандемијата со ковид-19, додека 35,4 отсто не се согласуваат со тоа, покажува истражувањето спроведено од Македонскиот институт за медиуми (МИМ), во соработка со агенцијата М-Проспект, во врска со ставовите на граѓаните за медиумското известување во текот на пандемијата со Ковид-19.

Секој четврти испитаник или 25 отсто, целосно се согласува со оваа изјава, 39 отсто донекаде се согласуваат, 21,8 отсто донекaде не се согласуваат, а 13,6 отсто вооопшто не се согласуваат. Кумулативно земено, процентот на оние кои сметаат дека се известувало професионално и непристрасно е 64,1 осто и е поголем од оние кои не се согласуваат со тоа и изнесува 35,4 отсто.

Анализата на одговори покажала дека согласноста за професионално и непристрасно известување расте со возраста, па така 19% од возрасната група од 18 до 29 години целосно се согласуваат со изјавата дека медиумите за време на пандемијата со ковид-19 известуваат професионално и непристрасно, кај возрасната група од 30 до 64 години овој процент се движи од 22%-23%, додека над 65 години е повисок и изнесува 36% од испитаниците. Скоро секој трети етнички Македонец, односно 29.4% целосно се согласува со оваа констатација, наспроти 13.3% од испитаниците етнички Албанци.

Како медиуми каде најчесто се забележани дезинформации и погрешни информации, испитаниците најчесто ги спомнуваат социјалните медиуми, 28,8 отсто и телевизиските канали 26,8 отсто. Од оние кои ги посочиле социјалните медиуми како извор на дезинформации и мисинформации, најголем процент 84,5 отсто го посочиле Фејсбук, 7,6 отсто Јутјуб, а 5,8 отсто социјалната мрежа Твитер.

Истражувањето е спроведено телефонски, од 14 до 20 декември 2020 година, на случаен примерок од 1003 испитаници.

Слични содржини